Кројачите нема кој да ги замени, а наместо штоф новата облека сè повеќе е синтетика

 Еден од тетовските занаетчии кројачи е Сотир Калков кој, иако има 78 години, секојдневно работи во својата кројачка работилница во Ајдучко Маало во Тетово.

Тој вели дека сите оние што го работат овој занает се повозрасни луѓе над 50 години и дека со децении во кројачкиот занает не се појавил млад човек да биде чирак – да го изучува занаетот при мајстор. Како и голем број занаети, и овој е во опасност од изумирање затоа што нема кој да ги наследи мајсторите.

– Јас кога ќе одлучам дека нема да работам, нели со оглед на години, ќе ги продадам сите машини и ќе се затвори работилницата. Такви примери веќе има многу низ Тетово, нема да бидам прв, но и сите други занаетчии ќе го направат истото верувам, нема кој да го продолжи занаетот. Младите не се заинтересирани за ваков вид работа. Никој не ни прашува дали сакаш да дојдам да научам. Не постои такво нешто.

Кројачкиот занает воедно пропаѓа и поради промените во светот кога станува збор за изработка на облека, смета тетовскиот кројач.

– Измислуваат нови материјали со кои еден кројач или шивач не ни може да работи. Тие ниту се шијат, ниту се пеглаат. Ни пареа прима кога се пегла, ни на суво може. Иако работам од мојата 15-та година, сега се соочувам со ситуации да не знам што да направам поради материјалот. Така е поради тоа што облеката е претежно од синтетика и кога ќе ја ставам пеглата, се гори материјалот, замислете исчезнува, се „топи" штофот, вели тој.

Објаснува дека во материјалот за шиење и кроење изостануваат волна, памук, лен, кендер и јута. Од друга страна, вештачки создадените материјали и кај луѓето создаваат проблеми.

Тие синтетики ги запаруваат телата, па се јавуваат алергии кај луѓе од материјалите. Мојот занает ми стана чуден, раскажува нашиот соговорник.

Чичко Сотир, како што милуваат да го викаат помладите што доаѓаат да направат капути или костуми, сè уште работи со машините со кои започнал да ја работи оваа занаетчиска дејност. Неговата работилница воедно ја нарекува мини музеј на антиквитети што се во фунционална состојба и тој работи секојдневно со нив.

– Имам ФАФ германска машина за шиење стара 80 години, постара од мене. Но не би ја менувал бидејќи старите машини се далеку поквалитетни од новите. Имам и други машини стари по 50-тина години како бернина и адлер-овер. Исто така, има пегла стара 60-тина години, тешка 10-тина килограми, ја донесов од Унгарија, објаснува Сотир, кој таму живеел до 1970 година како дете бегалец од егејскиот дел на Македонија.

Кога дошол тука се вработил во Комбинатот „Тетекс". Иако таму во најдобрите времиња имало 8 000 работници и значително позитивно влијание врз целата индустрија, па и кај занаетите, сега Тетово е далеку од таа состојба.

– Јас работев во конфекција. Таму се обучуваа ученици од текстилно училиште, кои веднаш по неговото завршување започнувале со работа во фабриката. Многу работници и квалитетен кадар се создаваше, над 500 лица само јас сум обучил. Но, сега некако како да го убија овој занает. Замислете, толкава индустрија, а сега ги нема ни луѓето, ни вештините што таму се стекнуваа. Чудна работа, „Тетекс" извезуваше на сите континенти, се потсетува Сотир.

Тој во Унгарија го научил занаетот. Почнал како чирак уште во 1957 година, а во 1960 завршил средно стручно училиште за профил машки кројач. Така веќе брои 63 години како го работи овој занает.

Од овој занает некогаш можело добро да се живее, а љубовта и умешноста биле силната потпора да не дозволи да ги однесе бранот на новото време, вели на заминување кројачот. Останува во работилницата, силно посветен со постојаното трагање кон совршенство во изработката на моделите, која му донела многу редовни муштерии./МИА.

РСБСП: Да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот

Децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. 

Токму затоа неопходно е да се вложат заеднички напори за унапредување на нивната безбедност во сообраќајот. Треба да се има предвид дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и да се посвети особено внимание на нивната едукација од областа на сообраќајните правила и прописи. Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст. Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува:

· запознајте ги децата со сообраќајните правила и прописи,

· разговарајте со децата за нивното однесување во сообраќајот и за правилноста на постапките, укажете им како можат да ги намалат или избегнат ризиците по нивната безбедност во сообраќајот,

· укажете им на децата дека коловозот треба да се преминува само на обележан пешачки премин,

· помалите деца во сообраќајот треба да се движат држејќи за раката возрасен,

· децата во сообраќајот треба да се сконцентрирани (а не да користат мобилни телефони или слушалки) за да можат навремено и правилно да реагираат,

· пред да го преминат коловозот децата треба да застанат, да погледнат лево и десно, па дури откако ќе се уверат дека сите возила запреле и дека е безбедно, може да исчекорат за да преминат,

· укажете им на децата дека не е безбедно да се движат на паркинг за возила или да го преминуваат коловозот помеѓу две паркирани возила затоа што можеби возачите нема да можат да ги забележат,

· вклучете ги децата во одлучувањето кога и каде е безбедно да се преминува коловозот,

· препорачливо е децата да носат светла облека или облека со рефлектирачки делови за да бидат повидливи во сообраќајот,

· бидете пример за совесно и одговорно однесување во сообраќајот затоа што децата најчесто учат т.е. земаат пример од однесувањето на другите.

Заеднички да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот на патиштата.

РСБСП

Санкционирани 55 возачи на мотоцикли

Санкционирани 55 возачи на мотоцикли во текот на вчерашната акција на МВР,  од 11.00 до 16.00 часот, на територијата на државата.

- Од нив, 32 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 17 возеле без возачка дозвола... За време на контролата санкционирани се и 157 други видови на сообраќајни прекршоци, соопштуваат од МВР.

Мбапе заминува од ПСЖ за четири пати помала плата

Килијан Мбапе ја заврши мисијата во Пари Сен Жермен и прашање на време е кога ќе замине во Мадрид, во тоа нема веќе дилеми, барем според Фабрицио Романо, новинар кој е најпознат за фудбалските трансфери.

- Килијан Мбапе е презадоволен од сите разговори што ги има со Реал. Се верува дека е само прашање на време кога сагата ќе заврши, напиша Романо.

Потоа продолжи да ја објаснува ситуацијата.

- Мбапе донесе одлука. Тоа е Реал Мадрид и нема дилеми. Никогаш немаше намера да преговара со други клубови од првиот ден. Неговиот целосен фокус е на Реал Мадрид, напиша Романо.

Мбапе ќе замине во Реал кога ќе му истече договорот со ПСЖ, а Французите така и не успеале да го убедат да остане.

„Марка“ претходно напиша дека Мбапе ќе потпише петгодишен договор со Реал. Мбапе ќе биде најплатен во тимот, но не драматично повеќе од останатите. Ќе заработува 20 милиони по сезона и голем дел од парите од маркетиншки права.

Тоа значи дека ќе заработува речиси четири пати помалку отколку во ПСЖ каде во последните две години земал 72 милиони по сезона. Сепак, се очекува преку маркетинг да собере огромна сума на пари, а според некои проценки тоа би можело да го направи најбогат фудбалер во светот.

На крајот на краиштата, тој направи сличен потег како Мајкл Џордан неколку децении порано, а Мајкл денес е милијардер.

Речиси би било поетско доколку Мбапе го одигра последниот натпревар во дресот на ПСЖ против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите, но дотогаш овие два тима треба да ги исфрлат Борусија и Баерн.

Оваа сезона постигна 41 гол на 42 натпревари и запиша девет асистенции. Од доаѓањето во ПСЖ, тој одигра 302 натпревари со 253 гола и 107 асистенции. /МИА

притисни ентер