МД „Илинден" и Стерјовски обезбедија донација во ИТ опрема за гимназијата во Пустец

Македонско друштво „Илинден"-Тирана во соработка со претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник во албанското Собрание, Васил Стерјовски, обезбедија донација во ИТ опрема за гимназијата во Пустец.

Во таа гимназија настава следат 30 ученици.

-Во заложбите да се обезбедат што подобри услови за успешен наставен процес за учениците во општина Пустец, продолжуваме со обезбедување донаци. Последната од многуте се состои од десеттина комплет компјутери, маси и столови, како и детски списанија на македонски јазик, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај претседател на друштвото „Илинден".

Додава дека донацијата ќе биде предадена на управата на гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски" каде ќе биде распределена според потребите на учениците со цел тие да добијат поквалитетна настава на часовите по информатика.

Најави дека согласно потребите на учениците во иднина ќе се продолжи со донирање ИТ опрема за учениците во областа Мала Преспа.

Деновиве друштвото во соработка со Центарот за информативна поддршка – Нов Контакт – Македонија, од Скопје донираше училишен материјал за гимназијата во Пустец, деветолетката „Отпорот на Горичаните"во Долна Горица,како и првачињата во селата Туминец, Шулин и Пустец.

Истата се состоеше во македонска литература и граматика, лектири од македонски автори, букварки, боенки за помладите, македонски приказни, училишни ранци, пластични моливи, фломастери, тетратки, географски карти, читанки по македонски јазик и други училишни помагала. /МИА

Во Делчево пчеларите се едуцираа како да ги заштитат пчелите во услови на климатски промени

Одгледување на пчели во услови на климатски промени е темата на денешната работилница која во организација на пчеларското здружение „Пијанечка пчела 2" се одржа во Делчево.

Експертот по пчеларство, професор Горан Колев, пчеларите од Пијанец ги запозна со начините на кои загрозените видови пчели можат да опстојат во услови на климатски промени.

– Сведоци сме на се полоши климатски услови за одгледување на пчели. Пчеларите веќе чувствуваат голема потреба од нови технологии, од нови начини на пчеларење, како би дошле до некој резултат, затоа што сериозно се зазгрозени пчелите. Пчеларите тоа во последните 10 години го чувствуваат, најмногу преку намалена продукција на мед и други медни производи и преку загуба на пчелни семејства, истакна Колев.

Со ваквиот вид едукативни работилници, како што истакна претседателот Јован Медарски, здружението има за цел да се поттикне пчеларството како гранка.

– Наш приоритет е што повеќе да ги едуцираме пчеларите, што повеќе да имаме пчелари кои ќе одгледуваат пчелни семејства. Сега сме во фаза на набавка на медоносни садници од сортата Евонија, со штосакаме да обезбедиме поголема заштита на пчелите, да спречиме прскање на насади со штетни препарати, рече Медарски.

Оваа година заради благата зима, експертите очекуваат добар род, но како што додаваат она што загрижува е зголемениот процент на угинати пчели на ниво на Европа. Според последните статистики угинувањето на пчели ја достигна бројката од 30 проценти, што според експертите е сериозна бројка.

За таа цел, како што додаваат, од особена важност е зачувување на билошкиот начин на одгледување на пчелите, без внесување хемија и експериментирање со препарати кои може да им наштетат на пчелите./МИА

Од понеделник почнуваат градежни работи во месноста „Цуцка" на излезот од Велес кон Градско

Од понеделник битолската фирма „Стентон Градба" ќе почне со градежни работи кај свлечиштето од ридот Цуцка на излезот од Велес на регионалниот пат од Велес кон Градско.

Блаже Петров од „Стентон Градба" за МИА информира дека веќе е направен договор во врска со исклучување на струјата додека се изведуваат градежните работи заради безбедност на работниците  и за ситни градежни пропусти на проектантот како што е изградба на канал помеѓу потпорниот ѕид и пругата.

Од Општина Велес попладнево сопштија дека започнувајќи од понеделник, 24 февруари 2020 година, Друштвото за производство, промет и услуги „Стентон Градба" ДОО с. Долно Оризари – Битола, врз основа на склучен договор со Јавно претпријатие за државни патишта, ќе започне со изведба на градежни активности на местото викано „Цуцка" на регионалниот  пат од Велес –Градско  во близина на манастирите Св. Ана и Св Димитрија.

Локалната власт овој вреден проект го доби со финансиска подршка на Владата од 62,441 милиони денари а преку ЈПДП.

Од Општина Велес информираат дека за време на градежните работи за санација на свлечиштето (одронот) на регионалниот пат Велес – Градско (транзитен дел низ Велес), сообраќајот ќе биде времено изменет.

Општина Велес апелира до учесниците во сообраќајот, како и до сите жители кои гравитираат кон овој дел од градот, за внимателно управување со моторните возила и движење на пешаците и почитување на поставената вертикална сигнализација (сообраќајни знаци и дополнителни информативни табли)

Инаку, големи одрони на карпи  од  свлечиштето кај Цуцка на патот Велес – Градско и пругата Велес – Гевгелија се случија  пред скоро две години на 13 март 2018 година. /МИА

притисни ентер