Јанкуловски: Формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон

Формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон. 

Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи и неосновани се нападите врз нас ректорите, изјави денеска ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски.

-Кога станува збор за прашањето на јавен сектор, потпишувањето на синдикални колективни договори е секогаш меѓу основачот и синдикалната органзиација. Ние ректорите секогаш се трудиме да го подобриме квалитетот во високото образование, да ги подобриме условите за работа и стандарпт на вработените во универзитетите. Формирањето на синдикална организација на универзитетите секако дека не е контраиндицирано со ниеден закон. Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи. Неосновани се нападите врз нас ректорите затоа што законот тоа го дозволува да секој основач на јавна установа потпише договор со репрезентативна синдикална организација. Оваа шанса која ни е наведена за покачување на платите од 10 проценти сметаме дека не треба да се пропушти, особено кога се е во рамки на законската регулатива, рече ректорот Јанкуловски на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со Агенцијата за национална безбедност.

Заради краткиот период,тој вели, на состанок на ректорите на јавните универзитети со ресорниот министер заеднички одлучиле со Министерството за образование и наука единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите, а потоа, додава, тој договор ќе се проширува со други точки, кои ќе бидат препуштени на автономното функционирање на таа синдикална организација.

-Ние ниту имаме намера, ниту вршиме притисок на некого, како ќе си одлучат тие така ќе работат. Меѓутоа можам да кажам дека ние како Универзитет за само еден ден и половина постигнавме реперезентативност што е за поздравување, рече Јанкуловски.

Запрашан зошто се инсистира на формирање нов синдикат, според него, очигледно дека постои некоја пречка помеѓу тоа договарање, а дали е во прашање репрезентативност на високото образование во СОНК, рече не може да каже, но штом добиле вакви напатствија ќе работат според нив. /МИА

Ердоган: Турската воена операција во Сирија е прашање на време

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека воената операција во северозападниот сириски регион Идлиб е прашање на време ако силите на претседателот Башар Ал-Асад не се повлечат од турските позиции.

Ердоган на пратениците од неговата Партија за правда денеска им рече дека разговорите со Русија, која е најголем поддржувач на режимот на Асад, се далеку од задоволување на барањата на Анкара.

Тој рече дека Турција, која ги поддржува бунтовниците кои се борат против режимот на Асад, е посветена да го направи Илдиб безбедна зона, „без разлика на цената“. Турскиот претседател додаде дека се прават подготовки за спроведување на нивниот план во Идлиб.

Заев: Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на својот фејсбук профил напиша дека Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ која, како што наведува, е најрасипничката партија со милионски долгови и не може и нема да ја води државата.

– Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски јавно призна дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најазадолжена политичка партија, со долг од околу 8 милиони евра! ВМРО-ДПМНЕ сами си признаа дека се најнедомаќинска и најрасипничка партија во Македонија! ВМРО-ДПМНЕ призна дека има милионски долгови и дека Христијан Мицкоски е стечаен управник, извршител на Никола Груевски – осуден криминалец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ја задолжи земјава со милијарди евра, а неговата партија со милиони евра!, пишува Заев на неговиот официјален фејсбук профил.

Заев прашува што би се случило кога Мицкоски и Груевски повторно би се доближиле до државниот буџет.

– Ако својата партија ја задолжиле со 8 милиони евра, што би се случило со државниот буџет? Колку нови милијарди евра би ја задолжиле државата за нивните криминални проекти, каков што беше „Скопје 2014", за кој тврдеа дека ќе чини 80 милиони евра, а потрошија речиси 700 милиони евра? Ако секој член од нивната партија го задолжиле со стотици евра, со колку илјадници евра би го задолжиле секој граѓанин на нашата држава ако повторно се доберат до државната каса? Со николку, граѓаните нема да им дозволат да допрат до државниот буџет! Политичарите недомаќини со лепливи прсти губат на избори!, пишува Заев.

Тој потсетува дека бруто надворешниот долг на државава од 2006 до 2017 (прв квартал) порасна од околу 2,5 милијарди евра, на околу 7,7 милијарди евра, или за повеќе од 5 милијарди евра!

– Почитувани граѓанки и граѓани, по признанието дека ВМРО-ДПМНЕ должи околу 8 милиони евра, Христијан Мицкоски ѝ должи на јавноста одговори на многу прашања: Кога и кој ги направил тие милионски долгови на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие пари се потрошени на луксузните лустери, скап мебел, персиски теписи, дисплејот од речиси 100.000 евра и уметничките слики од неколку стотици илјади евра?

Колку банкарски сметки поседува ВМРО-ДПМНЕ и дали позајмените 8 милиони евра воопшто легнале на сметките на ВМРО-ДПМНЕ? Колкава е вредноста на луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со земјиштето под неа и луксузните предмети во неа и на сиот замрзнат имот ширум државата, кој го стекнаа за време на нивното криминално владеење?, пишува Заев на фејсбук.

Лидерот на СДСМ наведува дека граѓаните на 12 април ќе го казнат стечајниот управник Христијан Мицкоски кој, како што пишува, е извршителот на Груевски и кои ја задолжија земјава со милијарди евра, а нивната партија со милиони евра, потрошени на барок и луксуз. /МИА

Кумановскиот музеј доби речиси 4 милиони денари за реализација на проекти за годинава

Министерството за култура одобри средства за реконструкција на Меморијалниот Центар АСНОМ, соопштија денеска надлежните од Музејот во Куманово.

Освен средства за оваа инвестициска дејност, одобрени се вкупно 3.965.000 денари за проектите кои ќе ги реализира установата. Ова се повеќе пари споредено со минатата година за реализација на бројни проекти за кумановскиот музеј.

– Лани имавме 1.658.000 денари одобрени средства за сите проекти, а оваа година имаме одобрено 3.965.000 денари, или разликата е 2.306.000 денари што пред нас е една голем обврска, меѓутоа Музејот има капацитет и ќе ги реализираме сите проекти, изјави директорот на кумановскиот музеј, Богдан Таневски.

За издавачка дејност, за оваа година предвидени се два проекта, Музејски гласник број 12 и Монографија за Трајко Муфтински, академски сликар и зоограф. За нив се одвоени 200.000 денари. Од ликовна дејност за оваа година Музејот ќе реализира пет самостојни изложби, изложба на дела од ликовна колонија од минатата година, изложба на кумановски ликовни уметници 2020, вкупно десет проекти за кои се одвоени 655.000 денари. И годинава ќе се одржи повеќедецениската колонија „Куманово2020".

– Оваа година Министерството за култура ни одобри инвестиции и тоа за реновирање на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, 1.350.000 денари, за што досега имаше потреба, оваа година ќе направиме санација таму. Годинава, на локалитетот Кокино исто така ќе работиме. Од Министерството за култура одобрени се 60.000 денари, а во соработка со невладината организација „ЛАГ АБЕР2015" тие конкурираа во Министерство за земјоделство, одобрени им се за заштита односно поставување на ограда и еден видиковец на локалитетот. Наша обврска е да платиме ДДВ за таа завршена работа. Покрај тоа, од француската амбасада има средства за уредување, односно поставување на информативни табли на локалитетот, одржување на веб-страница и други активности што се поврзани со самиот локалитет, најави Таневски.

За музејска дејност и заштита Министерството одобрило 25 проекти за сите одделенија, како што е археологија, етнологија, историја на уметност.

– Решението, односно Предлог-програмата треба да оди на усвојување на Управен одбор во рок од 15 дена. Треба да се донесе одлука, која ќе биде проследена до Министерството за култура, дури потоа министерот ќе ни испрати договор со кој ќе го потпишеме, Министерството за култура и институцијата Музеј Куманово, изјави директорот на установата, Богдан Таневски. /МИА

притисни ентер