Британец бил ставен во карантин поради коронавирусот : Ме одвлекоа доктори во скафандери

Британец кој ги добил симптомите на инфекција со коронавирус и кој бил ставен во карантин на почетокот од оваа недела, ракажа како е да се биде во изолација.

Крег Дилон од Лондон поминал 12 часа во болница откако се вратил дома од Австралија преку Кина и поминал многу тестови. Резултатите на крајот покажале дека тој е негативен за новиот вид коронавирус и дека всушност на патувањето добил пневмонија.

"Се вратив во Велика Британија во понеделникот. Поминав одмор во Австралија и Тајланд, а на враќање на летав прво во Кина, а од таму во Англија. Се чувствував лошо недела или две. Отидов на работа во средата, но се чувствував полошо и полошо. На крајот, се јавив во службата за итни случаи и ми рекоа веднаш да дојдам во болница “, изјави Дилон за Скај њуз.

„Кога пристигнав во болницата „Ст. Томас“, му реков на мојот лекар дека бев во Кина и Тајланд и дека имам симптоми на грип. Докторот буквално ме извлече од болницата и веднаш ми стави маска за лице. Потоа ме однесе во просторијата за изолација, во карантин , и ми рече да влезам. Чекав таму 30 минути. Беше прилично страшно “, се сеќава тој.

"Докторот и медицинската сестра набргу влегоа во собата облечени во скафандери. Тие беа со мене во собата два часа и ми направија некои тестови. Тешко беше да се разбере сè што кажуваа затоа што носеа маски. Ми правеа повеќе пати тестови на крвта, зедоа брис. од уста и нос. Напишаа сè на хартија и потоа ги ставаа тие белешки на стаклото за да можат лекарите надвор од собата да ги прочитаат. Чекаа со мене за резултатите. За среќа, моите наоди беа негативни на коронавирусот ", рече младиот Британец.

Нема бонуси за членовите на ДИК за изборите, нема пари и за членовите на ОИК и ИО ако не одат на едукација

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги повикаа околу 35.000 членови на изборните органи да присуствуваат на претстојната едукација за организирање и спроведување на предвремените парламентарни.

Едукацијата е задолжителна и ќе започне на 25 февруари за што ќе бидат ангажирани 84 обучувачи. ДИК на седницата го усвои правилникот за надомест за сите ангажирани на изборите и притоа, како што истакна претседателот на Комисијата, тој и останатите членови нема да земат бонуси.

Претседателите, замениците претседатели и членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори ќе земат различни надоместоци, а тоа ќе зависи од бројот на избирачките одбори односно гласачи на територијата што ја покриваат. Надомест нема да земат оние членови на ОИК и на ИО кои нема да присуствуваат на едукациите.

ДИК располага со 540 милиони денари за организирање на изборите, но претседателот Дерковски, како што рече, гарантира дека нема да се потрошат овие средства.

На денешната седница членовите на комисијата денеска го усвоија Прирачникот за едукација на ОИК, ИО и ИО во ДКП, како и Планот за едукација.

Елизабета Постолоска ги повика членовите на ОИК и на ДИК внимателно да го прочитаат и да го научат прирачникот, во што се инкорпорирани и новите измени на Изборниот законик за да бидат подготвени за изборниот ден.

Членот на ДИК Борис Кондарко укажа дека се работи на професионализација на изборните органи и оти членовите на ОИК и на ИО мора да ги знаат своите обврски и права.

-Апелираме и до членовите на избирачките одбори од администрацијата и до оние што се предложени од политичките партии задолжително да присуствуваат на обуките, рече Кондарко, додавајќи дека административците треба да бидат ослободени од работа и да нема изговори за неприсуство.

Дерковски го појасни планот за едукација. Околу 35.000 членови на ОИК и ИО ќе ги обучуваат 84 едукатори и десет луѓе предложени од Здружението на лицата со попреченост. Ќе бидат формирани 38 тима, а групите за обука ќе имаат најмногу 30 лица.

-Ќе инсистираме на нивно присуство, доколку неоправдано не присуствуваат ќе преземеме санкции, рече претседателот на ДИК.

На денешната седница ДИК усвои повеќе обрасци кои треба да ги користат учесниците на изборите и изборните органи. Нов е образецот за собирање потписи на нотар за предлагање кандидати, што се предвидува со измените на Изборниот законик.

Кондарко укажа дека сите учесници на изборите треба навреме да се информираат и да ги запазат роковите за изборите бидејќи нема да има можност надвор од нив да се интервенира. Обрасците што ги донесе ДИК денеска се официјални акти, а треба да се почитува и роковникот, што е основата на изборниот процес.

ДИК се соочува со кадровски проблеми, поради тоа што на 25 лица на 31 декември им истекол договорот за вработување на определно време и поради тоа но и поради зголемен обем на работа ќе ангажира дополнителни лица за стручната служба. Месечниот надомест за ангажираните лица, според денеска усвоениот правилник ќе биде 25.000 денари. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: Медиумите под контрола на СДСМ шират лажни вести

​Реакција на прес-конференцијата на Богданка Кузеска

1 ТВ за која и Заев тврдеше дека е провладина беше претворена во алатка за рекет, политички притисок и изнудување на милиони евра од бизнисмени. Целата јавност слушна дека Зоран Заев знаел и за сумите и за лицата кои се рекетираат, а стоел зад финансирањето на медиумот преку кој работеа неговите соработници Катица Јанева и Боки 13.

Медиумите под контрола на Зоран Заев изминативе неколку денови во повеќе наврати се фатени „живи" како шират лажни вести по нарачка од СДСМ кои во паника од претстојниот изборен пораз ја загубија главата.

Не е само мувата на капата, туку кога станува збор за корумпирање, злоупотреба на медиуми и притисоци, Зоран Заев си има рој муви околу него. Затоа Македонија е хибриден режим.

МВР и ОЈО по наредба на Оливер Спасовски и Зоран Заев вршеа претрес во Нет Прес само поради објава на скандал каде што има сомнеж за сериозен криминал од страна на висок функционер од Владата на СДСМ. Тоа го изведоа додека медиумите протестираа пред ОЈО против притисоците врз новинарите и медиумите.

Заев и Спасовски вршеа директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира.

Кривичните пријави и политичкиот прогон против уредникот на Инфомакс Александар Митовски, новинарот и уредникот на Лидер, Љупчо Златев, против новинарот Горан Момировски и телевизија Алфа се јасен показател дека власта се плаши од вистината и од правдата во Република Македонија.

Овој хибриден режим заедно со СДСМ и Заев на 12-ти април ќе паднат од власт. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја ослободи Македонија и медиумите од режимот на Заев.

ВМРО ДПМНЕ ги повикува чесните и професионални обвинители да се охрабрат и да отворат предмет за улогата на Зоран Заев во случајот Рекет и неговата инволвираност во финансирањето и активностите на рекетарската 1 ТВ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Проектот за реконструкција на Старата прилепска чаршија е претставен пред дуќанџиите

Прилепската стара чаршија, споменик на културата, ќе се реконструира за да се зачува нејзиниот автентичен лик, но и да се уреди инфраструктурно. 

Тоа е еден од поголемите проекти на прилепската локална самоуправа. Токму затоа, градските власти се сретнаа со дуќанџиите за да ги слушнат и нивните предлози.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и одговорните на јавните претпријатија, од  претпријатието за урбанистичко и просторно планирање и од прилепски водовод, на неформалната средба со сопствениците и со закупувачите на дуќаните, го претставија идејното решение за реконструкцијата на Старата чаршија, очекувајќи мислења, предлози и идеи од дуќанџиите за изнаоѓање на најдоброто решение.

Со проектот ќе бидат опфатени улиците „Републиканска", на потегот од аптеката „Зегин" во центарот на Прилеп до раскрсницата со „Борка Талески" и дел од улицата „Херој Карпош".

Според Јованоски со реконструкцијата на Старата чаршија, постојните травертински плочи ќе бидат заменети со гранитни плочи, сите жици и кабли од кабловските оператори ќе бидат сместени во подземни инсталации, фекалната канализација ќе биде комплетно реконструирана, а ќе се изгради и нова атмосферска канализација. Согласно со идејниот проект, по завршувањето на реконструкцијата, нема да се дозволи повторно монтирање на постојните застаклени делови од кафетериите.

Освен тоа, прилепски водовод ќе направи бесплатна замена на постојната водоводна мрежа, стара преку 70 години, за зголемување на безбедноста на објектите ќе се постави видео надзор, а значително ќе се подобри и осветлувањето.

-Во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75 до 90 дена, а за целото време на изведувањето на работите, дуќанџиите и купувачите ќе имаат пристап до дуќаните, нагласува Јованоски.

Според предлозите на  дуќанџиите, на нивно барање, договорено е реконструкцијата да почне на крајот на август или во почетокот на септември годинава. Тие побараа од градоначалникот да биде направен добар оперативен план, да инсистира градежните работи да се одвиваат ефикасно и да се запази планираниот рок на изведбата за да не им се нанесе штета во нивното функционирање.

Се бара решение преку предлози за да се реши прашањето со паркирањето на возилата и за одржувањето на хигиената во чаршијата и како да се подобри пристапноста до дуќаните.

Јованоски го прифати предлогот, со дозвола од прилепскиот „Завод и Музеј", да се реновираат и да се унифицираат фасадите на дуќаните.

Пред почетокот на работите за обновата на Старата прилепска чаршија градските власти и дуќанџиите ќе имаат средба за соодветно да се следат активностите./МИА

притисни ентер