Повеќе населби во Општина Гази Баба утре без вода

Без вода утре од 10 часот можно е да останат корисниците на Скопска ПИВАРА, дел од Булевар „Александар Македонски" и населбите Ченто, Маџари, Хиподром и Трубарево.

Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека утре ќе се работи на уличен дефект од ф700 милиметри без затворање на вода на Бул. „Александар Македонски" бб ( ЕСТ – Када ) пред влезот на АСУЦ „Боро Петрушевски", но, нагласуваат дека,  доколку има потреба ќе се затвори водата од 10 часот се до завршување на дефектот./МИА

Деведесет и осум години СКМ, определба на бизнисот е извозот, регионалната соработка, инвестициите и одржливиот раст

 Извозот, индустријата, регионалната соработка, одржливиот раст и инвестициите, се клучната определба на бизнис секторот во земјава.

 Ова ќе биде фокус и на денешниот настан со кој Стопанската комора на Македонија ќе одбележи 98 години постоење.

На настанот по повод годишнината, ќе се обратат претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и шефот на ОЕЦД за Југоисточна Европа, Марзена Кисиелевска.

Меѓу гостите се високи владини функционери, еминентни претставници на стопанството и на меѓународната заедница.

Стопанската комора на Македонија брои над 15000 членки – компании кои постојано освојуваат нови пазари, го усовршуваат производството и вложуваат во едукација и развој. За натамошен поттик на нивната работа, денеска на најуспешните во 2019 ќе им бидат доделени признанија.

Според Комората, македонското стопанство вработува повеќе од 400000 лица, реализира 6,4 милијарди евра извоз, остварува 21 милијарда евра промет и креира 4,5 милијарди евра додадена вредност.

Прифатена иницијативата на граѓани и архитекти за урбанистичко уредување на локацијата „Треска" по пат на јавен конкурс

Советот на Општина Центар вчера на вонредна седница го усвои Заклучокот со кој се одлучи дека по пат на јавен конкурс ќе се уреди локацијата позната како поранешна „Треска".

– За разлика од едно не толку минато време, кога тајно се носеа ДУП-ови во доцните вечерни часови, никнуваа градби и се поставуваа разни споменици на случајно одбрани локации, ова општинско раководство и овој состав на Советот транспарентно и отчетно, со присуство на целата јавност, ја усвои одлуката за распишување на јавен конкурс за урбанистичкото уредување на локацијата, позната како поранешна фабрика „Треска", соопшти Општината, додавајќи дека уште еднаш и општината и градоначалникот Саша Богдановиќ застанале на страната на жителите и јавноста.

Советниците на општината, со 12 гласа „за", изгласале дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2.

Од Општината информираат дека за зголемување на степенот на транспарентност пред јавноста, во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија за локацијата ќе биде вклучена целата стручна јавност – Архитектонскиот факултет, Асоцијација на Архитекти и Комора на архитекти.

Пронајдени пет мигранти во товарно возило, возачот лишен од слобода

Од МВР денеска информираа дека возачот на товарното возило Д.Д.(62) од Скопје бил лишен од слобода и заедно со мигрантите биле спроведени во СВР Струмица.

 На локалниот пат од село Банско за село Робово, на влезот во струмичкото село Робово, вчера околу 07:45 часот полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор „Ново Село" во товарно возило „ивеко фургон", со скопски регистарски ознаки, пронашле пет лица мигранти, од кои две од Авганистан и три од Пакистан.

Од МВР денеска информираа дека возачот на товарното возило Д.Д.(62) од Скопје бил лишен од слобода и заедно со мигрантите биле спроведени во СВР Струмица.

Против Д.Д. е поднесена кривична пријава до ОЈО, а по наредба на Јавен обвинител мигрантите биле предадени во Прифатниот центар за странци Гази Баба Скопје и во Прифатниот транзитен центар „Винојуг" во Гевгелија.

притисни ентер