Приведен мажот , кој четири месеци се криеше по обидот за убиство во Арнакија

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка за едно лице осомничено дека се обидело да изврши кривично дело – Убиство , соопшти обвинителството. 

На 30 август 2019 година, осомничениот пред кафе бар на влезот во селото Арнакија со умисла се обидел да лиши од живот едно лице. Имено, осомничениот заедно со уште едно лице застанале со автомобил Фолксваген голф на автобуската станица во селото и започнале вербална расправија со трето лице – сведок. Двајцата излегле од возилото држејќи огнено оружје – пиштоли во рацете, по што сведокот започнал да бега. Оштетениот го видел настанот и се обидел да ја смири ситуацијата, повикувајќи ги да застанат. На ова, осомничениот испукал кон оштетениот 3-4 проектили од пиштолот со калибар 6,35мм и му нанел три огнострелни повреди. Оштетениот започнал да бега, а осомничениот се впуштил кон него и испукал уште неколку проектили, но не успеал да го погоди. Откако на местото веднаш се собрале и поголем број други луѓе, двајцата вооружени побегнале. По настанот, сега осомничениот повеќе од четири месеци бил недостапен за органите на прогонот.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори или да го доврши обиденото кривично дело, како и да влијае врз сведоците во постапката, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор, се наведува во соопштението од ОЈО.​

МВР: 173 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден спроведе акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 173 возачи.

Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 60 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 113 надвор од населено место, соопшти МВР.

Средба на Пецаков со претставниците на УНЕСКО, О.Охрид посветена на задржување на статусот

 Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков со неговиот тим оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО што престојува во работна посета на земјава.

Пецаков пред членови на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија ја истакнал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, вели Пецаков.

Мисијата на УНЕСКО во Охрид ќе биде неколку дена, а како што посочи претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставниците на Светската организација се тука за да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен,со средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти. Од мисијата на УНЕСКО ќе произлезат заклучоци според кои државата е треба да постапува во насока на заштита на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО.

МВР: 34 санкции за прекршоци на возила кои вршат јавен превоз на патници

 Во текот на вчерашниот ден во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници.

При контролата санкционирани се 34 прекршоци, од кои 23 поради неисправен уред за запирање, соопшти МВР.

Упатени на вонреден технички преглед биле 181 автобус и други возила кои вршат јавен превоз на патници. За време на контролата констатирани и законски санкционирани се и 159 други видови на сообраќајни прекршоци.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, навремено да се проверува техничката исправност на возилата и навремено да бидат отстранети евентуалните недостатоци.

притисни ентер