Недоразбирања меѓу техничките министри за состојбите во социјалата

Недоразбирањата меѓу техничките министри во МВР и Министерството за финансии, денеска се префрлија во труд и социјална политика. 

Министрите и дополнителните заменици од техничката Влада продолжуваат со меѓусебни обвинувања за ефикасноста на институциите со кои раководат. Министерката за труд и социјална политика по посетата во Специјалниот завод во Демир Капија реагира за нехумани услови во кои престојуваат тамошните штитеници. Вели дека во домот нема доволно негуватели кои им се потребни на овие лица.

,,За хуманоста во условите во коишто престојуваат овие корисници не можам да зборувам. Овие услови се нехумани, нечовечни. Ова е чист ужас. Од најавените поправки на Специјалниот завод можеме да најдеме обоени ѕидови, додека инсталацијата водоводна, електрична е сѐ уште онаа од 56-та односно 58-ма година. Условите за хигиена се никакви, луѓето се препуштени сами на себе.

Дополнителната заменичка Шкријељ пак бара соработка од нејзината колешка Мизрахи. Смета дека институциите треба да работат во интерес на граѓаните, да не запираат започнатите проекти и да не се дозволи приоритет да станат меѓупартиските препукувања.

,, Министерството за труд и социјална политика, со техничката Влада доби нов технички министер, но и дополнителен заменик министер. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството. Во овој период не смее ниту еден процес да запре, а најмалку да бидат оштетени граѓаните. Би сакала да ги уверам граѓаните, дека и понатаму ќе продолжи исплатата на социјалната помош и другите права којшто ги следуваат согласно законите за социјална и детска заштита и за социјална сигурност на постарите лица.

Министерството за труд и социјала не е единствениот ресор каде што има несогласувања. Викендов, во фокусот беа превирањата во МВР за прераспределбите на полицајците и именувањата на началниците од новиот министер Чулев, а повод за кавги најдоа и министрите и дополнителните заменици во финансии и земјодлество.

АППТ: Движење кон одржлив туризам во Македонија

Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите.

Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.

Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.

Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).

Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.

„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија - бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Македонија

„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.

„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“

„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции”. изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

Конференција во Брисел: Проширувањето на ЕУ е геополитички императив

„Она што треба да го направиме во наредните години е постепено да ги интегрираме оние земји кои се на пат кон европска интеграција. 

Проширувањето на ЕУ е геополитички императив, но мора да се заснова на заслуги, се согласија денеска учесниците на конференцијата „Проширување и продлабочување на Унијата: Што е влогот за ЕУ ​​и граѓаните на ЕУ на следното свикување на Парламент“, што се одржа во Брисел во организација на Европскиот парламент и на Европскиот универзитетски институт од Фиренца.

Учесниците на дискусијата за очекувањата од процесот на проширување во периодот од 2024 до 2029 година се залагаа за постепена интеграција на земјите кандидати во ЕУ и ја истакнаа важноста од целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

„Она што треба да го направиме во наредните години е постепено да ги интегрираме оние земји кои се на пат кон европска интеграција. Тоа значи дека целта е да се подобри политичкото здружување и економската интеграција на земјата што е можно повеќе пред формалниот пристап“, рече претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

Тој посочи дека токму тоа е целта на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, на кој на регионот му се нудат шест милијарди евра дополнителна финансиска помош.

Вучиќ со Лајчак за зголемените предизвици со кои се соочува Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Мостар, каде што е во посета, се сретна со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, со кого, како што рече, имал „отворен и конкретен разговор“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Мостар, каде што е во посета, се сретна со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, со кого, како што рече, имал „отворен и конкретен разговор“ за растечките предизвици со кои се соочува Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Уште еден отворен и конкретен разговор со Мирослав Лајчак за растечките предизвици пред нас, положбата на српскиот народ, настаните на Косово и Метохија и се помалиот простор за решавање на отворените прашања преку конструктивен дијалог и почитување на меѓународното право, напиша Вучиќ на неговиот Инстаграм профил.

Вучиќ повторил оти Србија „упорно продолжува да води одговорна и сериозна политика на зачувување на мирот и стабилноста“, како и нагласил дека за Србија „нема повлекување или компромис“ кога станува збор за безбедноста на српската народот и заштитата на националните интереси.

притисни ентер