Се одлага ли Австралија Опен поради пожарите - Тенисерка падна поради загадениот воздух

Организаторите на Австралија Опен се соочија со голем број критики откако тенисерката Далила Јакуповиќ реши да се повлече од квалификацискиот турнир.

Словенечката репрезентативка имаше потешкотии при дишењето за време на квалификацискиот натпревар поради огромната концентрација на штетни честички во воздухот. Чадот од пожарите лебди над стадионот на тенискиот комплекс и го загрозува здравјето на сите учесници во турнирот.

Словенечката тенисерка Далила Јакуповиќ ја имаше предноста во дуелот со Стефани Вогеле кога падна на колена и почна силно да кашла. Таа им рече на новинарите дека немала воздух.

Петтата светска тенисерка Елина Свитолина ги објави на Твитер официјалните податоци, кои покажуваат дека квалитетот на воздухот во Мелбурн е под задоволителното ниво.

Градските власти ги советуваат жителите на Мелбурн да не ги напуштат домовите без итна потреба и потврдуваат дека воздухот е загаден.

Организаторите на Гренд Слемот се на голем испит. Сè уште нема официјални изјави по повлекувањето на Јакуповиќ, а директорот на турнирот Крег Тили вели дека ситуацијата е во меѓувреме подобрена.

Тили изјави во текот на изминатата недела дека предвидувањата се ветувачки и метеоролозите постојано ќе го анализираат квалитетот на воздухот на терените во текот на целиот турнир.

„Не очекуваме одложување. Ги презедовме сите неопходни чекори за да го направиме овогодинешниот Австралија Опен како што беше планирано“, рече Тили.

Официјалниот профил на Твитер на Австралија Опен објави некои од мерките во случај воздухот да биде премногу загаден.

"Тенискиот комплекс во Мелбурн има три мобилни стадиони со покриви и осум затворени терени. Доколку се појави загадување, ќе се затворат покривите на стадионот. Натпреварите ќе се играат во климатизирани услови", се наведува во еден од твитовите.

„Доколку има поголема концентрација на чад во воздухот, филтрите на системот за климатизација ќе го спречат загадување“, објаснуваат организаторите.

Сè уште не е јасно дали осумте затворени терени ги имаат потребните услови за одигрување на натпреварите.

Ѓоковиќ доби обештетување од 3 милиони долари од Рио де Женеиро

Новак Ѓоковиќ е побогат за скоро 3 милиони долари откако го доби судскиот спор со бразилскиот град Рио де Женеиро.

Овој бразилски град му должeше пари на Ѓоковиќ од учеството на ревијален натпревар во 2012 година со Густав Куертен. Тогаш Новак требаше да добие 1,1 милиони долари, но му биле исплатени само 650 000 долари, па Ѓоковиќ поднесе тужба.

Седум години откако започна спорот, случајот е затворен. Судот пресуди во корист на српскиот тенисер, а со сите камати , Рио де Женеиро сега ќе мора да плати скоро три милиони долари.

Лига на шампионите ќе го менува форматот!?

УЕФА и Здружението на европските клубови се блиску до договор за промена на форматот на најсилното фудбалско натпреварување на Стариот континент Лигата на шампионите од 2024 година.

Според наводите на англискиот „Тајмс“ во план е зголемување на бројот на натпревари и воведување на уште една групна фаза. Ваква фаза постоеше во периодот на основање на новиот формат на натпреварувањето од 1992 до 2003 година.

На тој начин клубовите кои би ја минале групната фаза би играле дополнителни шест средби за пласман во елиминациската рунда, односно меѓу осумте најдобри во четврт-финалето.

УЕФА со вакво решение и одлука сака да ги натера најдобрите и најбогатите клубови веќе да не размислуваат на идејата за формирање на затворена Суперлига. Но, се поставува прашање како на новиот формат би реагирале клубовите од Англија, кои и онака играат голем број на натпревари. Премиерлигашите и онака имаат густ распоред и практично играат без одмор.

Организаторите за загадениот воздух на Австралија Опен: Виновни се телефонските апликации

Одигрувањето на Австралија опен е доведено во прашање откако организаторите се борат со проблемот со загадувањето на воздухот како резултат на шумските пожари кои ја опустошија земјата.

Првиот ден беше одбележан со откажување на Далила Јакуповиќ, кој имаше проблеми со дишењето и силна кашлица предизвикана од загадениот воздух, но и бројни поплаки од играчите дека не можеле да дишат и дека брзо се умориле. Вториот ден се случи тричасовна пауза поради тешкото загадување на воздухот, аа после тоа да се појават првите шпекулации за евентуално одложување на целиот турнир.

И покрај сè, директорот на Австралија опен Крег Тили изјави дека првиот Грен слем на сезоната ќе започне навреме, како што беше планирано.

„Постојат многу шпекулации дали Австралија опен ќе започне навреме или ќе биде одложен. Турнирот ќе се одржи“, изјави Тили, истакнувајќи дека го разбира гневот на играчите, но исто така додаде дека верува дека има забуна околу различните мерења на квалитетот на воздухот во зависност од која апликација или веб-услуга се користи.

"Прашањето на квалитетот на воздухот е збунувачко и комплицирано. Постојат различни форми на мерење кои се многу покомплексни отколку што можат да понудат телефонските апликации. Важно е да имате доверба во медицинските совети и научните експерти кои секојдневно го анализираат квалитетот на воздухот. Безбедноста, благосостојбата и здравјето на играчите, се наш приоритет “

Според него, системот за мерење на загадувањето треба да ја надмине границата од 200 единици, а тоа никогаш не се случило од почетокот на натпреварите.

притисни ентер