Срцев пејсмејкер по венски пат првпат во државава поставен кај петгодишно дете во „Аџибадем Систина"

Тим доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина" првпат во државава, по венски пат поставија траен електростимулатор на срцето – пејсмејкер кај дете. 

Овој начин на поставување е стандарден за возрасни пациенти, но сега македонските доктори го изведоа на петгодишно девојче, кое е во добра состојба и по интервенцијата е пуштено дома, соопштија од болницата.

На девојчето, како што информираат од болницата, еден месец по раѓањето му е дијагностициран проблем со срцето. Тогаш д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, кај новороденчето поставил траен срцев електростимулатор, односно пејсмејкер во стомачето со електрода од надворешната страна на срцето. Со текот на времето, а поради честото прилагодување на пејсмејкерот се потрошила батеријата, па истиот требало да се замени.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина", д-р Иван Трајков и д-р Дејан Ковачевиќ, електрофизиолози аритмолози, извршија замена на постојниот пејсмејкер со нов, но овој пат интравенозно. Анестезијата беше водена од страна на д-р Мирјана Крмзова и д-р Александар Радоешки. Процедурата, која траеше околу триесетина минути, е со поддршка од д-р Чадиковски, кој во истовреме го извадил стариот електростимулатор од стомачето на детето, наведуваат од болницата.

– По дадено контрастно средство во вена добивме комплетна слика на венскиот систем во десна потклавикуларна регија каде се наоѓа вената која е подобна за боцкање. Преку таа вена се постави жица и уводник – преку кој се воведе електродата. За позиционирање на електродата во десната комора се користеше минимално РТГ-зрачење. Потоа кај електродата дополнително се направи уште една кружна кривина, која би се одвиткала при растење на детето. Потоа се постави посебен, најмал по димензии срцев електростимулатор специјално наменет за детската популација, додаде д-р Трајков.

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

Леброн: Јокиќ е еден од најдобрите на сите времиња

Првата ѕвезда на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс искажа комплименти за центарот на Деневер, Никола Јокиќ.

Лејкерси ќе се сретнат со Нагетс во 1. коло од плејофот, а дуелот Џејмс – Јокиќ предизвикува големо внимание кај светската кошаркарска јавност.

- Еден од најдобрите досега. Едноставно е таков. Јокиќ може се. Што е најважно, тој го менува начинот на кој неговите соиграчи размислуваат за сопствената игра. Кога некој може да ги инспирира другите да играат на ниво на кое не ни знаеле дека можат, тоа е доказ дека зборуваме за навистина одличен играч, рече Џејмс.

Првата средба во плејоф пресметките меѓу Лос Анџелес лејкерс и Денвер нагетс е закажана за утре. /МИА

притисни ентер