Пендаровски, покровител на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир

Претседателот Стево Пендаровски денеска за време на посетата на општина Дебар, која се релизира во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот" го посети и Бигорскиот Манастир, каде имаше средба со игуменот, Архимандрит Партениј и со братството.

Целта на посетата на Пендаровски, како што соопштија од Бигорскиот манастир е одблиску да се запознае со целокупната мисија на Братството, во пресрет на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир (1020-2020), на чијашто прослава покровител ќе биде токму тој.

Архимандритот Партениј по повод јубилејот го замолил претседателот да биде покровител на илајдагодишнината.

Во текот на следната година планирани се различни активности посветени на јубилејот, а на есен планирана е централна свечена прослава, заедно со архиереите од Синодот на МПЦ-ОА, гости од странство и многуброен народ.

-Бигорскиот Манастир е мошне значаен не само од духовна, туку и од национална гледна точка, затоа што голем дел од преродбениците од 19 век, народните будители, поминале токму низ неговото ќелијно училиште и дале голем придонес за културно-духовното богатство што го имаме денес. Затоа, треба сите да се вложиме и да го прославиме големиот роденден на нашиот славен Манастир, изјавил архимандритот Партениј.

Според древното манастирско предание, шефот на државата бил пречекан со свечен пречек – иподохи.

-Дозволете ми, најнапред, од името на целото наше братство, како и од името на нашите штитеници, да Ви се заблагодарам за честа што ни ја укажавте денес, доаѓајќи во посета на нашиот Манастир. Откако е возобновено Монашкото општежитие во овој свештен Манастир и нашето братство ја започна својата мисија за помош на личности од ранливи социјални категории, Вие сте првиот Претседател и висок државник воопшто, што така отворено и срдечно посака да се сретне со нашите штитеници и да оствари личен и присен контакт со нив. Тоа несомнено сведочи за благородството на Вашата личност, му порачал архимандритот Партениј на претседарелот Пендаровски.

Тој му напоменал дека традицијата на православната Црква е секогаш да се моли за оние што го предводат народот, „бидејќи молитвата за народните водачи е од витална важност за добробитот на една држава и на нејзиниот народ".

-Очигледно, Вие покажувате почит кон својот народ, меѓу другото и со тоа што посакавте да ја посетите нашата Обител, да ни укажете чест, да дадете една своевидна потврда и државнички легитимитет на делото што го правиме, особено со младите луѓе кои се лекуваат од различни зависности. Големо достоинство е за нас што Вие, како Претседател на нашата држава, посакавте да се сретнете со младите што се лекуваат кај нас од тие модерни страсти на денешницата, кои навистина се голема напаст за едно општество, нагласил архимандритот Партениј.

Пендаровски, прифаќајќи ја поканата да биде покровител на Илјадагодишнината нагласи дека во манастирот не доаѓа како политичар, туку како обичен граѓанин, изразувајќи благодарност за понудата да биде покровител на јубилејот.

-Сакам да се заблагодарам што ми предложивте да бидам покровител на манифестацијата: илјада години Бигорски Манастир, бидејќи овој Манастир има значење на столб на нашата духовност. Затоа, оваа покана за мене претставува голема чест. Самото времетраење и опстојување покажува дека станува збор за многу длабок корен, кој ние, денешните припадници, не само на православната вера, туку и сите луѓе кои гравитираат од овој простор, мораат да го почитуваат. Ако не ги почитуваме корените, сигурно нема да имаме ни иднина, изјави Пендаровски.

Претседателот изрази благодарност со Манастирот поради активностите за лекување на зависниците.

-Добро е што има институција која има илјадагодишнино траење; што има луѓе кои се полни со знаење и мудрост и искуство, собрани на едно место, и што можат да ви пристапат како втора фамилија, како втори татковци, втори мајки, втори родители. Имате уникатна прилика да се избавите од неволји со помош на овие благородни луѓе. Сакам да дадам поддршка на оваа мисија која ја прави братството, бидејќи, за жал, тие модерни пороци зафаќаат сѐ повеќе и повеќе од младата генерација. Сѐ помалку и помалку се оние кои им одолеваат. Вие сте единствени кои го враќате балансот и надежта дека не е сѐ изгубено во судирот со модерните предизвици, ако можам така да ги наречам. Дека не е нужно модерниот човек да биде роб на тие навики, туку можеме и ние самите да бидеме господари на нашите животи. Се разбира, под услов ако доволно длабоко и доволно интензивно веруваме во нешто повисоко, поморално, поетичко. А тоа се корените на кои почива и нашата нација и нашата држава, нагласи претседателот.

Пендаровски имаше можност повеќе да се запознае со содржините на Манастирот, како и да оствари личен контакт со манастирските штитеници, коишто се лекуваат од зависности и пороци./МИА

Европски фронт: ВМРО формира сојуз со проруски и антиалбански партии

ВМРО и Мицкоски официјално прогласуваат коалиција и со партијата Левица на Апасиев и ЗНАМ на Димитриевски, две партии тесно поврзани со Москва и разни проруски кругови, а познати по своите антиалбански позиции.

Мицкоски на митинг во Охрид побара македонско национално единство, без други етникуми во државата, за, како што рече, да се тргне државата од рацете на Албанците.

Европскиот фронт го потсетува Мицкоски дека Северна Македонија од поодамна го изоде патот на рамноправност, демократија и членство во големото европско семејство.

ДУИ и Европскиот фронт, како мултиетнички фронт во Северна Македонија, нема да дозволат земјата да се врати во меѓународна изолација, а тоа ќе биде запечатено на 24 април и 8 мај, кога за претседател ќе биде избран д-р Бујар Османи, а Европскиот фронт ќе биде клучот за формирање на идната Влада.

Истовремено, ја повикуваме албанската опозиција да се освести и да се престрои со про-европејците и да не стане орудие на руските кругови во земјава, се наведува во соопштението.

Фон дер Лајен: Русија хибридно ја напаѓа Финска преку испраќање мигранти на границите

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Русија концентрирала хибридни напади врз Финска со испраќање мигранти, сѐ со цел да ја дестабилизира таа земја.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Русија концентрирала хибридни напади врз Финска со испраќање мигранти, сѐ со цел да ја дестабилизира таа земја, која цврсто ја поддржува Украина и која влезе во НАТО пред една година.

Финска ја затвори границата во средината на декември 2023 година по приливот од 1.000 илегални мигранти од руска територија од средината на август. Двете земји имаат заедничка граница долга 1.340 километри, а Хелсинки ја обвинува Москва дека систематски испраќа мигранти во Финска. Русија ги отфрла обвинувањата.

„Од хибридниот напад на Белорусија во ноември 2021 година врз Литванија, Полска и Латвија, сите знаеме дека Путин и неговите сојузници ги инструментализираат мигрантите за да ја тестираат нашата одбрана и да нѐ дестабилизираат“, рече шефицата на Европската комисија.

„Сега Путин се фокусираше на Финска“, додаде таа.

Претседателката на ЕК се сретна со финскиот премиер Петри Орпа во градот Лапеенранта во југоисточниот дел на земјата, на околу 30 километри од руската граница и разговараа што „ЕУ и Финска можат да направат за да ја спречат инструментализацијата на финската граница.“

Во април Финска одлучи граничните премини да останат затворени. Односите меѓу Хелсинки и Москва се влошија по руската инвазија на Украина. По приемот на Финска во НАТО, Москва најави „контрамерки“.

Финска исто така подготвува закон за спротивставување на пристигнувањето на мигрантите.

Османи:Го институционализиравме достоинството на нашиот народ,но мисијата сè уште не е завршена

Форумот на жени и Форумот на млади на ДУИ, огранок Сарај, организираа отворена дебата со кандидатот за претседател Бујар Османи и кандидатите за пратеници од Европскиот фронт во ИЕ1 Блерим Беџети и Наим Бајрами.

Кандидатот за претседател Бујар Османи им вети на младите од Сарај дека како следен претседател ќе создаде држава во која без разлика на етничката припадност секој ќе има можност да ги оствари своите соништа.

Османи го опиша Европскиот фронт како идеја чие време е дојдено. „Од исклучен народ сега сме народ кој го постигна првиот премиер Албанец. Го институционализиравме достоинството на нашиот народ. Почнавме да ги уриваме моноетничките тврдини: претседателот на Собранието, првиот премиер, но сè уште не сме завршиле, бидејќи сè уште имаме тврдина која за нас е забранета зона.

Оваа мисија е света и не случајна. Затоа ве повикувам да ја одобрите“, рече Османи.

Кандидатите за пратеници Блерим Беџети и Наим Бајрами побараа од младите масовна поддршка за Бујар Османи и Европскиот фронт. Поканија на 24 април и на 8 мај да биде запечатена големата победа на Фронтот, со која ќе се заокружи последната мисија за етничка еднаквост и ќе се заокружи европскиот сон на младите во Северна Македонија.

Во текот на денешниот ден, караванот на Бујар Османи пристигна во Сарај и неговата околина, односно во селата Кондово, Бојане и Копаница, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер