Откриена спомен – бистата на Мартиноски во Букурешт

Во Букурешт денеска е откриена спомен – бистата на познатиот македонски сликар, Никола Мартиноски.

Како што наведува во видео пораката на својот фејсбук профил министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми кој ја откри бистата, нема сомнеж дека овој убав и вреден проект дополнително ги зацврстува односите и врските меѓу македонската и романската култура.

-Минатата година, Осми декември, Денот на Свети Климент Охридски, Романскиот паламент го прогласи за Ден на македонскиот јазик во Романија. Само година дена подоцна, успеавме да го реализираме она што го ветивме – поставување на бистата на Никола Мартиноски, тука во Букурешт, истакнува Адеми.

Министерот дополнува и дека колку што е симболичен, проектот е толку и суштински мост на одличните односи меѓу двете земји.

Спомен – бистата на Мартиноски, кој студирал на Ликовната академија во Букурешт, е поставена во паркот „Михаил први", на просторот каде што се поставени споменици на врвни имиња од светот на уметноста, книжевноста, филозофијата, политиката,… /МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

притисни ентер