Французите шести ден штрајкуваат против пензиските реформи (ВИДЕО)

Масовните протести ги блокираа улиците на француските градови на шестиот ден од штрајкот, со кои што синдикатите сакаат да ја принудат владата да ја напушти својата планирана пензиска реформа.

Во Париз, метрото претежно беше затворено. Државната железница објави дека ќе работи секој петти брз воз, иако ова е зголемен број во однос на секој десетти воз што сообраќаше на првиот ден од штрајкот минатата недела.

Според проценките на полицијата, на улиците имало 339.000 луѓе, половина помалку од 806.000 на првиот ден од штрајкот во четвртокот.

Синдикатите се надеваат дека поради штрајкот, Макрон ќе го замрзне планот за измена на францускиот пензиски систем, составен од 42 различни модели, со систем на единечни поени.

Наставниците се едни од професиите што најверојатно ќе изгубат со воведување систем за поединечни поени, изјави за медиумите наставникот Жан-Батист Женевс, објаснувајќи: „Сите министри велат дека нема да изгубиме ниту цент, но факт е дека воопшто не им веруваме“. Тој додаде дека две третини од наставниците штрајкуваат, што е помалку од минатата недела кога чекаа да слушнат што би предложил премиерот.

Утре премиерот Едуард Филип треба да ги претстави клучните елементи на реформите. Тој им рече денеска на пратениците дека не очекува одеднаш да престане генералниот штрајк на синдикатите.

Владата е решена да ја спроведе реформата и ова е трет голем конфликт со историски моќните синдикати во Франција, кои сè уште се слаби и не се во состојба да ја запрат реформата на националните железници (СНЦФ) или измените во законот за работни односи, кои сега се поповолни за работодавците.

Независно од синдикатите, владата деновиве претрпе два големи удари. Прво, високиот владин комесар за пензии, Жан-Пол Делевој, мораше да си даде оставка поради судир на интереси.

Потоа, вчера, четворица економисти вклучени во изготвувањето на економскиот дел од изборната програма на претседателот Макрон за 2017 година ја предупредија владата дека оди во погрешна насока. Тие рекоа дека предлог-реформата сугерира поедноставување и униформираност на пензискиот систем, наместо намалување на трошоците или зголемување на возраста за пензионирање.

Доделување грантови од третиот повик на Регионалниот фонд за предизвици

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) денеска официјално ќе ги додели грантовите на добитниците од третиот повик, за стручно образование и обуки изработени во соработка помеѓу претпријатијата и установите за стручно образование и обука во регионот.

На настанот што ќе се одржи во просториите на Стопанската комора на Македонија, ќе присуствуваат: Антони Пешев, извршен директор, Стопанската комора, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Лусиен Аегертер, заменик шеф на мисијата при Амбасада на Швајцарија во Македонија, Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Македонија и Косово, Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар и Јелена Маниќ Радоичиќ, заменик раководител на тимот, Регионален фонд за предизвици.

По три отворени повици, Регионалниот фонд за предизвици се обврзува да поддржи вкупно 16 проекти со 85 партнер претпријатија во Северна Македонија во износ од 7,13 милиони евра.

-На третиот повик за предлог проекти, пристигнаа 155 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 25 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекти од Македонија со вкупен износ од 951,905 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовните установи и за обезбедување обука на учесниците во програмата за кооперативно образование, наведуваат од

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) ја поттикнува одржливата конкурентност на бизнисите од Западен Балкан 6 на патот кон единствениот пазар на ЕУ финансиски поддржувајќи го стручното образование кое во соработка со претпријатијата треба да одговори на потребите од одредени вештини. /МИА

Сообраќајот тековно, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Кралството Норвешка донира 76 возила за Армијата на Македонија

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде предадена донација од 76 моторни возила од Кралството Норвешка. 

- Седумдесет и шесте моторни возила, од кои триесет и шест се лесни пешадиски моторни возила од типот Мерцедес бенз- 290ГД, Мулти 2 и четириесет товарни моторни возила камиони Сканија-П3, се последен од досегашните многубројни проекти на континуирано одличната соработка во полето на одбраната помеѓу Република Македонија и Кралството Норвешка, велат од Министерството за одбрана.

На настанот ќе се обратат министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Кралството Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

На чинот на официјалното предавање ќе присуствува и раководството од Министерството за одбрана и Генералштабот, генерали во Армијата и команданти од единици.

притисни ентер