Американците објавија извештај во кој тврдат дека Русите ја купиле организацијата на СП во 2018

Министерството за правда на САД објави извештај во кој се докажува дека поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер добил мито од руски олигарх за да ја добие Русија организацијата на СП во фудбал во 2018 година.

Русија ја доби организацијата пред Англија, комбинираната понуда на Холандија и Белгија и Шпанија и Португалија. Во 2010 година беше избрана Русија.

Претходно биле пријавени можни проблеми со корупција, а се претпоставува дека Катар на сличен начин го добил и домаќинството на Мундијалот 2022 година.

Извештајот од 430 страници беше објавен вчера како дел од истрагата на ФБИ за претседателските избори во САД во 2016 година, во кој има и извештај поднесен од поранешниот член на британската тајна служба Кристофер Стил, кој тврди дека руски олигарх со мито ја купил организацијата на натпреварот.

„Во јуни 2011 година, Стил достави извештај во кој се сумира наводниот разговор помеѓу тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев и премиерот Владимир Путин, во кој Путин призна дека неименуван руски олигарх го купил Светскиот куп во 2018 година“, се вели во документот објавен од Министерството за правда на САД и продолжува:

"Потоа, во 2012 година, Стил го запознал ФБИ со двајца британски оперативци кои имале информации за митото. По интервјуто, тие беа во можност да стигнат до член на организација блиска до Путин и Кремљ, кои потврдија дека е купен Светскиот куп", се заклучува во еден дел од извештајот.

Поранешниот претседател не е именуван, но јасно е дека тој е Блатер , затоа што тој беше претседател на ФИФА во тоа време, од чиј врв се повлече поради скандал со корупција.

Тој доби шестгодишна забрана за контакт со фудбалска организација или екипа, а со него падна и Мишел Платини, кој доби четиригодишна суспензија.

Барселона го одврати Чави од заминување, нов договор до 2025-та

 Иако во јануари, разочаран од резултатите и перформансите на тимот, Чави Ернандез најави повлекување од тренерската клупа на Барселона на крајот од сезоната, младиот шеф на стручниот штаб доцна синоќа потпиша договор до 2025 година.

Потпретседателот на клубот, Рафа Јусте е пресреќен поради ваквиот епилог од преговорите меѓу играчката легенда на шпанскиот великан од „Камп Ноу“ и првиот човек на управата Жоан Лапорте одржани во домот на претседателот. .

-Чави е многу возбуден поради проектот, тој продолжува да работи затоа што е ентузијаст и затоа што не сака. Тој е исклучително чесен човек, посветен на работата и наш Каталонец, што го покажува со дела, а не само со зборови. Никогаш не сме барале друг тренер, уверува менаџерот на клубот на актуелниот шампион на Шпанија.

Иако Барса со поразот во последното „Ел Класико“ практично му ја отстапи титулата на вечниот ривал Реал и ја заврши мисијата во Лигата на шампионите, повторно останувајќи без крајот на елитното европско натпреварување, раководството верува во Чави на долг рок.

-Одлуката беше едногласна. Спортскиот директор Деко сто проценти застана до тренерот. Не освоивме титули, но ентузијазмот останува. Ја подобруваме играта и им даваме простор на младите играчи. Верувам дека соработката со Чави ќе вроди со плод, оптимист е Јусте во врска со престојот на човекот кој тимот го презеде во 2021 година. /МИА

Блинкен ги повика Вашингтон и Пекинг на „одговорно“ управување со разликите

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ги повика САД и Кина „одговорно“ да управуваат со нивните разлики, на почетокот на неговата втора посета на земјата за помалку од една година.

-Имаме обврска кон нашиот народ - и всушност кон светот - одговорно да управуваме со односите меѓу нашите две земји, рече Блинкен во Шангај, пренесе Хина.

Шефот на американската дипломатија вчера во Шангај се сретна со локалниот лидер на кинеската Комунистичка партија (ККП), при што за време на разговорите кажа дека американскиот претседател Џо Бајден е посветен на воспоставување „директен и одржлив“ дијалог меѓу двете земји.

-Мислам дека е важно да се нагласи вредноста - дури и неопходноста - од директен ангажман, да разговараме едни со други, да зборуваме за нашите разлики, кои се реални и да се обидуваме да ги надминеме, рече Блинкен.

Секретарот на Шангајскиот комитет на ККП, Чен Џининг, од своја страна, инсистираше на важноста на американските компании во локалната економија.

Блинкен потоа се сретна со студентите на Универзитетот Њујорк во Шангај, каде што кажа дека се надева дека повеќе Американци ќе студираат во Кина, додавајќи дека американските универзитети се подготвени да ги пречекаат кинеските студенти.

Од своја страна, Пекинг ги осуди жестоките испрашувања на кои се подложени некои негови граѓани, вклучително и студенти, по пристигнувањето на американска територија, иако поседуваат валидни документи.

-Претседателот Бајден и претседателот Си се решени да ги зајакнат нашите врски меѓу луѓето, рече Блинкен. /МИА

Петмина тинејџери се обвинети за тероризам по нападот со нож во црква во Сиднеј

Петмина тинејџери се обвинети за терористички дела за време на истрагата за прободувањето со нож на две лица во црква во Сиднеј претходно во април, соопшти австралиската федерална полиција (AFP).

„Пет малолетници се обвинети бидејќи Заедничкиот антитерористички тим (JCTT) Сиднеј продолжува да ги испитува соработниците на наводниот сторител кој го изврши прободувањето со нож во црква во Вејкли“, се вели во соопштението на федералната полиција.

Повеќе од 400 државни и федерални полицајци синоќа извршиле 13 налози за претрес низ Сиднеј.

Двајца тинејџери, 17-годишник и 14-годишник, се обвинети за поседување или контрола на насилен екстремистички материјал добиен или набавен со користење на транспортни услуги.

Двајца 16-годишници се обвинети за заговор за подготвување или планирање терористички чин, додека друг 17-годишник е обвинет за заговор за подготвување или планирање терористички чин и поседување нож на јавно место.

Во полициската акција запленети се повеќе предмети меѓу кои и електронски материјал.

Минатата недела, 16-годишно момче беше обвинето за кривично дело тероризам во врска со прободувањето со нож во црквата на Христос Добриот Пастир во Вејкли, на западниот дел на Сиднеј, на 15 април.

Во таа прилика 53-годишниот свештеник се здобил со тешки повреди на главата, додека 39-годишник во обид да интервенира се здобил со расекотини и рана на рамото. Тинејџерскиот напаѓач бил спречен од граѓаните.

Прогласувањето на кривичното дело за терористички акт ѝ дава на полицијата дополнителни истражни овластувања да утврди дали некое лице дејствувало самостојно или било дел од поширока мрежа.

притисни ентер