Владата предлага укинување на законот за пазарџиите, ќе се носи ново решение

Владата на денешната седница донесе решение да се укине Законот за трговија на зелените пазари, што беше донесен на иницијатива на повеќе пратеници во јануари 2018 година и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Анализите на Министерството за економија, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, покажале дека од законското решение ќе имаат штета сите, а особено пазарџиите поради што е предложено негово укинување. Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Во меѓувреме, како што рече Бектеши, Министерството ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни во кои ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

– Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.

Според најавите од министерот Бектеши, се очекува на почетокот на наредната година да биде донесено ново законско решение за трговија на пазарите на зелено во консултација со сите засегнати страни – трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазари и државните институции.

– Тоа ќе го направиме со цел во наредниот период да изготвиме законско решение кое ќе биде вин-вин ситуација за сите засегнати страни, посебно за продавачите на зелените пазари. Ако ги утврдиме сите отворени прашања со засегнатите страни тоа ќе биде донесено некаде на почетокот на наредната година, рече Бектеши.

Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ни една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.

Затруен од наркотици пронајден во бессознание во двор во Кавадарци

Кавадарчанец затруен од наркотици бил пронајден во бессознание во двор во Кавадарци, информираа денеска од СВР Велес.  

- Вчера во 12.00 часот во ОВР Kавадарци, од Итна медицинска помош било пријавено дека во дворот на М.К.(42) од овој град, во бессознание бил пронајден кавадарчанецот Б.О.(40), кој бил затруен од наркотични средства. Подоцна, со судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот на М.К., при што била пронајдена и одземена таблета екстази. М.К. бил лишен од слобода, појаснија од СВР Велес.

Оттаму додадоа дека по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Стојаноска: Македонија ќе стане една од земјите во регионот со најниски даноци

„Платформа 1198“ предвидува рамен данок со што, Македонија ќе стане една од земјите во регионот со најниски даноци

Додека министрите на ДУИ мака мачеа да постигнат гол или кош повеќе во просториите на министерствата и додека мака мачеа да договорат тендер плус, и на сето ова, секако, министрите на СДСМ не смеат да гугнат, тетовските стопанственици, пак, мака мачат да опстанат.

Поради овие аздисани политичари, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ се ветува рамен данок кој што ќе остане и во иднина, се ветува Македонија да стане една од земјите во регионот со најниски даноци. И, се ветува на стопанствениците поголема поддршка и помош.

Токму поради овие причини, стопанствениците во Македонија ќе гласаат за бројот два (2), затоа што сакаат Македонија да се врати во нивни раце и Македонија повторно да ја направиме горда.

Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6

СПМ поднесе кривична против поранешниот министер за внатрешни работи и други три лица

СПМ поднесе кривична против поранешниот министер за внатрешни работи и други три лица за несовесно работење

Синдикат на Полиција во Македонија (СПМ) поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје (ОЈОГОКК) против поранешниот министер за внатрешни работи и други три лица членови на дисциплинска комисија за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Штип, заради основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

-Пријавените во својство на службени лица – во еден наврат, ги пречекориле границите на своите службени овластувања на тој начин што со повреда на законските прописи за спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор несовесно постапувале во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа на оштетените Б.Д и Е.Д. им нанеле материјална штета, соопштија од СПМ.

Според Синдикатот, пријавените ги пречекориле границите на своите овластувања постапувајќи спротивно на член 196 став 3 од ЗВР од моментот на спроведување и одржување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, па се до изрекување на решение на министерот за внатрешни работи.

-Иако биле свесни и должни да ја прекинат постапката заради настаната апсолутна застареност истите продолжиле се до донесеното незаконско решение, се вели во соопштението на СПМ.

притисни ентер