Слободните патувачи и алтернативниот туризам во фокусот за привлекување туристи

 Со промоција на бањски, алтернативен и вински туризам земјава во наредниот период ќе се обиде да привлече што повеќе странски гости.

Предвидена е изградба на најмалку две до три велосипедски патеки со сите стандарди, отворање на најмалку една пештера за туристи и воспоставување нови вински патишта во Гевгелиско-валандовскиот, Велешкиот, Штипско-радовишкиот, Кратовскиот, Кумановскиот и Охридско-струшкиот регион.

Како што беше речено на денешната тркалезна маса во Стопанската комора на Македонија, бројките засега се добри иако очекувањата за 2020 година се скок во туризмот од 5 до 7 проценти и зголемување во бројот на ноќевања од 7 до 10 отсто.

Експертите сугерираат при промоцијата на нашиот потенцијал, винскиот туризам да оди заедно со понудата на храна, како ено-гастро пакет. Мора да се преземат мерки и за надминување на некои бариери, како што се конкретно визите за кинеските туристи.

– Бројките годинава се добри. Има зголемување кај ноќевањата и на домашните и на странските туристи. Очекуваме процентот на учество на туризмот и угостителството во БДП кој лани беше 1,7 отсто, годинава да достигне 2,5 проценти, а до 2023 година да изнесува 5 отсто, истакна државниот советник во Министерството за економија, Зоран Павловски.

Тој нагласи дека продолжува владината поддршка која во 2020 ќе изнесува 36 милиони денари.

– Идната година ќе бидеме фокусирани на комуницирање со слободните патувачи и ќе помогнеме во промоцијата и на винскиот туризам, но дополнително ќе ги означиме и 10-те најкачувани врвови во државата, а првпат ќе издадеме и Водич за бег-пекери, истакна директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Љупчо Јаневски.

Директорот потсети дека од денеска почнува онлајн промоцијата на македонските туристички потенцијали низ балканските земји, а стартот е од Словенија и Бугарија.

– Ќе бидеме сто отсто онлајн присутни на најпосетените портали, а комуницираме и со блогери. Во 2020 година очекуваме да не посетат повеќе слободни патувачи. Нашата земја е можеби последната неоткриена дестинација во Европа, нагласи Јаневски.

Неговите очекувања се наредната година земјава да ја посетат над 1,3 милиони туристи и да се приближиме до бројката од четири милиони ноќевања што, според него, укажува дека девизниот прилив треба да биде над 400 милиони долари.

Елена Младеновска, директорка на Здружението „Вина од Македонија" дополни дека компетитивна предност на земјава се винскиот и гастро-туризмот и дека при промоцијата фокусот треба да се стави тука, но притоа е неопходно да се создадат и услови од страна на државата.

– Кинеските туристи се присутни во регионот, но земјава ја заобиколуваат зашто за влез им треба виза, посочи Младеновска.

Став на Стопанската комора е дека за успешна промоција на туризмот мора да имаме стратегија зад која ќе застанат сите засегнати страни: државата, експертите, научната фела и бизнис секторот. /МИА.

Царовска: Имаме зголемување на платите кај повеќе од 106 илјади работници за декември

„ Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. “

За декемвриската плата имаме зголемување кај повеќе од 106 илјади работници во нашата држава, со што е остварен таргетот помеѓу 20 и 25 проценти од вработените во реалниот сектор да добијат зголемување на плати од 600 до 6.000 денари врз основа на мерката за субвенционирање на придонеси за раст на плати.

Ова го изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска ги посети просториите на компанијата „Даути комерц" во Сарај, која е корисник на мерката за субвенционирање на раст на платите.

– Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. Очекувам оваа мерка и понатаму да ги остварува очекувањата и во текот на целата година овие работници ги земаат повисоките средства. Месечната сума на издвоени средства од Буџетот за оваа мерка, што директно се трансферираат во фондовите за здравствено и пензиско е 200 милиони. За декемвриската плата се исплатени нешто повеќе од 150 милиони, што значи дека сè уште имаме можност за вклучување на  работници во буџетските рамки, изјави Царовска.

Очекувањата, подвлече таа, се остварени и очекуваме во статистичките извештаи да се покаже дека растот на плати има убава, забрзана тенденција, со што директно влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на нашите граѓани.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска рече дека даночниот обврзник „Даути комерц" е евидентен пример за успешноста на мерката субвенционирање на придонеси.

– Зборувавме и за оние даночни олеснувања, ослободувања кои што ги испромовира Владата, и дали ги имаат искористено. Можам да кажам за првпат во овој даночен обврзник информираме дека од 1 мај УЈП ќе направи еден интегриран систем, каде што МПИН образец ќе се поврзе со Е-пдд системот и врз основа на тоа сите приходи односно исплати коишто доаѓаат од Данокот на личен доход ќе бидат во еден систем. Мислам дека функционираме единствено да ги направиме сите процеси во УЈП да бидат едноставни, брзи и лесни, изјави Лукаревска.

Директорот на „Даути комерц" Хамим Даути, ја поздрави мерката за субвенционирање на платите, посочувајќи дека 71 процент од вкупно 340 вработени биле опфатени со мерката.

– Тоа беше еден добар мотив да се подигнат платите и да бидат сите задоволни. Зголемени се платите за 12 проценти. Просечната плата во „Даути комерц" денеска е над 25 илјади денари, изјави Даути./МИА

Мицевски: Нашиот став за Законот за одбрана е јасен и непроменет

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска истакна дека нивниот став во однос на членството на НАТО и Законот за одбрана е непроменет и јасен.

– Не можеме да прифатиме обезличување на Армијата на Република Македонија, нешто што никој не го бара од нас. Впрочем поради таа работа ние поднесовме идентичен закон, тој што е отфрлен од страна на власта и во кој што единствена разлика беше непромената на името на Република Македонија, рече Мицевски, како одговор на прес-конференцијата на пратеникот Хари Локвенец од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, потсети тој, ниту го поддржа Преспанскиот договор, ниту ги гласаше уставните измени, па така нема да гласа ниту за промена на името на Армијата. /МИА

Цементара УСЈЕ: Ние не сме загадувачот

Прстот постојано се вперува кон нас но ние не сме загадувачот, тврдат од Цементара УСЈЕ. 

Горивото кое го користат во печките не е токсично. За производството на цемент, како што велат, користат оризова арпа од земјава и смеса од преработен комунален отпад која ја увезуваат од Италија. Објаснуваат дека токму оваа смеса години наназад во голем број земји од ЕУ се користи како еколошко алтернативно гориво.

Лани фабриката увезла 4400 тони алтернативно гориво. Од секторот за животна средина при УСЈЕ велат дека постојано вршат контрола на пратките кои стигнуваат, а примероци праќаат и во акредитирани лаборатории во Холандија за да се осигураат дека ниту една токсична супстанца нема да се согори.

Работата на скопската фабрика повторно се актуелизираше откако пред неколку недели протекоа фотографии со натоварени камиони за кои јавноста се сомневаше дека се работи за токсичен отпад за горење. Од УСЈЕ додаваат дека постојано подложат на вонредни контроли и дека емисиите на штетни гасови досега не ја надминале пропишаната граница.

притисни ентер