Двајца потешко и десет полесно повредени во сообраќајката на патот за Копаоник

Две лица се тешко повредени, а десет полесно повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска на автопатот Прокупље-Блаце, кога околу 10 часот се преврте автобус од Македонија, кој превезувал патници до Копаоник.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, сообраќајната несреќа се има случено кај месноста Крива Ќуприја, меѓу Блаце и Белољина. Според првичните информации, автобусот бил на туристичката агенција Камелија од Скопје.

Според досегашните информации, две лица се тешко повредени и се пренесени во болницата во Прокупље.

Шест патници со полесни повреди, се згрижени во Здравствениот дом во Блаце, а останатите шест лица се пренесени во болницата во Прокупље на понатамошни испитувања и лечење.

-Екипата за Итни случаи на нашиот здравствен центар веднаш излезе на теренот, им помогна на повредените и во тек е нивно згрижување, потврдено е од Здравствениот дом во Блаце.

Засега не е позната причината за несреќата, а овој пат, на кој има чести сообраќајни несреќи, е во фаза на реконструкција од минатиот месец, со посебен режими на сообраќај во зависност од работите. /МИА

Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, интересите на граѓаните пред политичкото поентирање

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни. 

Апелираше до политичките субјекти да се однесуваат одговорно и интересите на граѓаните да бидат пред политичкото поентирање и медиумското внимание.

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна.

Таа посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите кои ќе бидат и зголемени, а ќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47, 7 проценти.

До крајот на месецот, како што најави Ангеловска, треба да биде готова и платформата за јавен долг која ќе овомозжи јасен преглед на целокупниот долг.

Според Ангеловска, со добра динамика се одвива и проектот за субвенционирање на платите, како и повратот на ДДВ кон фирмите. Само во првите 16 дена од месецов исплатени се 926 милиони денари поврат на ДДВ кон фирмите. Одлични резултати, како што рече Ангеловска, дава и мерката за поврат на ДДВ кон граѓаните. Нова исплата се очекува веќе следниот месец, а преку наградната игра која е надполнување на мерката, досега се доделени награди во вредност од 1,8 милини денари.

Соработката со заменичката министерка за финансии во техничката влада, Ангеловска ја оцени како професионална, коректна и на солидно ниво. – Имаме соработка во однос на проток на информации, рече Ангеловска. /МИА

Орце Ѓорѓиевски: Криминалот е заштитен знак на СДСМ

Криминалот е заштитен знак на СДСМ, а криминалците си помагаат едни на други.

Лица поврзани со СДСМ осомничени за тежок криминал, наместо да се соочат со правдата, добиваат награди.

Последниот пример е прераспределувањето на поранешниот началник на штипската полиција Љупчо Трајковски на позицијата советник во Бирото ја јавна безбедност. Да потсетиме за Љупчо Трајковски се води судски процес заради помагање при криумчарење на мигранти.

Да биде апсурдот уште поголем новоназначениот советник Трајковски сега е дел од Бирото за јавна безбедност кое меѓу другото има надлежност и врз секторот за гранични работи, миграции и криминалистичка полиција.

Со други зборови ова е како да се постави дилер  во одделот за недозволена трговија со наркотици .

Замислете за советник во БЈБ е поставен човек кој, според обвинението наплаќал по 200 евра од возило со мигранти и ги известувал криумчарите на кои места биле полициските патроли. Класична злоупотреба на службената должност и срам за полицијата.

Ова е кадровската политика на Заев, Спасовски и Славјанка Петровска. Полицијата наместо заштитник на граѓаните, се претвори во соучесник во криминалот.

Какви совети ќе му дава осомничениот на директорот на БЈБ ? Дали со унапредување на Трајковски му се дава нова можност за криминал? Дали тој треба да остварува контакт со подземјето во пресрет на изборите во  корист на СДСМ и Зоран Заев лично?

Бараме Директорот на Бирото за јавна безбедност се откаже од услугите и да го разреши Трајковски од позицијата советник. Истовремено мора да има одговорност и за лицата кои не го санкционирале и дистанцирале од позициите во полицијата за да не влијае на доказите и сведоците во случајот кој што се води против него.

Орце Ѓорѓиевски - член на ИК на ВМРО-ДПМНЕж

Комората на сметководители бара да се забранат фискалните сметки поради присуство на штетни материи

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори бара од надлежните институции итно да расправаат за забраната за употреба на хемиската материја „бисфенол А" или БПА која ја има во хартијата на која се печатат фискалните сметки.

– Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата. Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто, велат од ССК.

Препораката на Комората на сметковидители е во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на оваа хемиска материја и да им се даде рок за државните институции, приватниот сектор и трговските објекти да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не содржат вакви материи.

– Како пример, во ЕУ дозволен е  таканаречениот преоден рок од шест месеци, производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да започнат да  користат термичка хартија на пазарот која не ја содржи оваа хемикалија, вели претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски.

Забраната за употреба на оваа материја во Европската унија стапи на сила од 1 јануари и засега таа подразбира само нејзино исклучување од термичката хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава.

Минатата година, Швајцарија стана првата земја во Европа што забрани Бисфенол С (БПС) и Бисфенол А (БПА) да се користат во термичка хартија, откако Федералниот совет гласаше за нивната забрана. Одлуката била одобрена на 7 април, а влегла во сила на 1 јуни 2019.

Дискусиите за БПА започнаа во 2011 година, откако Данската агенција за заштита на животната средина објави дека до 80 проценти од сметките на касата во Coop Danmark биле направени од термичка хартија. Веднаш потоа CoopDanmark ги отфрли 12-те групи на супстанции и хемикалии од сопствени производи до крајот на 2017 година, меѓу кои и Бисфенол А.

Препораките на здравствените организации се веднаш по контакт со фискални сметки да се мијат рацете, да не се ставаат сметките во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со фискални сметки, а доколку на работно место редовно сте во контакт со фискални сметки да се носат ракавици. /МИА

притисни ентер