Три лица под истрага за трговија со кокаин

По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера вечер донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

По неколку месечна соработка со Министерството за внатрешни работи и прибрани оперативни информации и сознанија по насока на јавен обвинител, во текот на вчерашниот ден беше спроведена акција во која тројцата осомничени се лишени од слобода и изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Јавното обвинителство.

Според првичните сознанија откако братот на еден од осомничените, кој живее во Швајцарија, набавил наркотична дрога – кокаин од страна на тројцата осомничени бил организиран транспорт на истата до Скопје. Еден од осомничените кон крајот на минатиот месец авионски отпатувал во Швајцарија од каде со возило „Сеат Леон“ во која била сокриена дрогата се упатил кон Република Македонија. Поради несогласувања со неидентификувано лице, осомничениот го оставил автомобилот на бензинска пумпа во близина на Бујановац, а другите двајца осомничени со друго возило дошле по него. При обид за влез во нашата држава, на граничниот премин Табановце, осомничените биле задржани и при претрес на возилото бил пронајден клучот од паркираното возило.

Во соработка со Вишото јавно обвинителство во Врање и српската полиција се преземени дејствија и при претрес на возилото, во делот под резервната гума, е пронајдена прашкаста материја со тежина од 901 грам која со прелиминарен тестер покажува дека се работи за наркотична дрога – кокаин. Доказите и вештачењето на дрогата во текот на вчерашниот ден се доставени до надлежниот обвинител од Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во понатамошниот тек на постапката соработката со органите на Република Србија ќе продолжи преку меѓународна правна помош.

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи, во фокус на сесијата на Работната група - 4, Поглавје 24.

Измена на Кривичниот законик, визија, политичката одлучност и консензус за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше денеска на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

- Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува сѐ покомплексен, рече тој.

Во однос на прашањето дали тие тешки одлуки се уставните измени, тој одговори дека не би зборувал конкретно за Македонија, но, дека тоа било случај во Хрватска.

- Во случајот на Хрватска тоа вклучуваше, да, и измени на Уставот кои потоа овозмжија примена на Европските прописи во Република Хрватска, дополни тој.

На сесијата, Туркаљ посочи дека треба да се препознае и да се искористи шансата. Тој потенцираше дека независните тела во правосудството мора да имаат капацитет кој опфаќа доволен број на кадар, но, и способен кадар кој што знае да постапува.

Според него, стагнацијата на напредокот може да доведе до блокада и доколку нашата држава сака да оди напред, таа треба да го стави целиот интелект на овие поглавја.

Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет „Јустинијан први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и координатор на работната група, на сесијата истакна дека основната порака е дека сме свесни дека состојбите на правото се под мониторинг и дека треба да се проучи механизам за владеење на правото, односно, како што рече, „околу што се врти целата оска“.

- Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија, рече таа.

Во изјава за медиуми по воведните обраќања, таа истакна дека е неопходно да ја почитуваме предлог-директива која е дел од иницијативите на Европската Комисија за зајакнување на антикорупциската рамка и борба во Унијата против корупцијата.

Образложи дека како препорака од денешната дискусија ќе произлезе надлежните министерства, конкретно Министерството за правда, да ја разгледа предлог-директивата и да предложи повторни измени на КЗ, бидејќи, како што рече, ако го чекаме донесувањето на новиот КЗ, тоа ќе потрае.

- Оваа предлог-директива борба против корупцијата, иако не е финален документ, и нас не нѐ обврзува, не треба да заборавиме дека сме во процес на евроитнеграции, усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, па дури и она што е во фаза на предлог, бидејќи е израз на политиките на ЕУ. Во таа предлог директива, дадена е минимална листа на кривични дела на корупција кои што треба да бидат инкриминирани во кривичните законици на земјите членки на ЕУ, вклучително и делото „злоупотреба на службената положба и овластување“. Нешто што во јавноста беше предмет на дискусија дали воопшто треба да постои како дело, рече таа.

Дополни дека во поглед на предложените казни, тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот Кривичен законик, и како што рече, тие особено се намалија кај делото „злоупотреба на службената положба и овластување“ со измените на КЗ од септември 2023. Предлог-директивата, како што дополни, е донесена во мај 2023 година.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултет за безбедност, УКЛО – Битола, потенцираше дека ако една држава сака да покаже перформанси, одржливост и борба против корупција мора да инвестира во квалитетна јавна администрација.

По воведните обраќања дел од сесијата е експертска анализа пос која ќе има презентација, дискусија и усвојување на препораки.

Јанчев: Кавадарци станува зелена општина

Кавадарци станува зелена општина – вели градоначалникот Митко Јанчев. 

Изминативе години реконструирано е јавното зеленило на површина од 130.000 метри квадратни, рече меѓудругото првиот човек на Општина Кавадарци.

Целата изјава на градоначалникот Јанчев, погледнете ја во видеото.

Демири и Манолева: Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации ...

Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации и две нови амбулантни возила - зајакнати капацитетите во изминативе години.

Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот Дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“–Охрид.

-Во изминатиот период, Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита, рече министерот Демири.

Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи кои сега се вршат во зздравствената установа.

-Како што ме информираше директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите, изјави заменичката Манолева.

Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на дограма, фасада, кров и партерно уредување. Исто така, спровена е постапка за санација на објектот амбуланта Белчишта во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.

притисни ентер