Западниот Балкан старее, младите мигрираат поради економски причини, но и поради корупцијата

Се случува егзодус на наслението од земјите од Западен Балкан, младите се иселуваат, општествата стареат. Демографските промени веќе не се мит, туку реалност. 

Причините за „бегањето" на младите се економски, но на тоа влијае и постоечката корупција во државите. Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, во првите неколку години сите „ќе избегаат" надвор. Денес повеќе отколку во текот на првиот бран на мигрантската криза во 2016 година, мигрантите се искористуваат од страна на организирани криминални групи за нивни профити.

Ова главно беше констатирано на денешната презентација на двата документа за јавни политики „Мигрантски движења и сузбивање на организираниот криминал во Југоисточна Европа: Зајакнување на идното вклучување на ЕУ-3ападен Балкан" и „Емиграција и демографска промена во Југоисточна Европа" во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис".

Никица Колар од Хрватска, еден од авторите на документот од истражувањето „Емиграција и демографска промена во Југоисточна Европа", појаснувајќи дека анализата се однесува на миграциите од Западен Балкан кон земјите од ЕУ, нагласи дека промената на демографската состојба е до такви мерки, што тоа веќе не е мит, туку мачна реалност што не очекува и која потенцијално ќе ги девастира овие општества.

Во изминатите пет до седум години, предупредува тој, се случува егзодус на населението, пред се на млади лица, а последица од тоа е стареење на целокупните општества. Според него, најмногу мигрираат младите од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Колар оценува дека младите „бегаат" од овие земји затоа што не можат да добијат работа согласно нивното образование.

Нашата држава, според него, се уште не е во првите три држави во однос на миграцијата на младите, затоа што се уште не е членка на ЕУ. Кога ќе влезе во ЕУ, подвлекува тој, првите неколку години сите ќе „избегаат" надвор, тоа и се случи на Естонија и делумно на Словенија, особено на Хрватска од која во период од пет до шест години се иселија до 200 илјади лица, најмногу млади.

– Сето ова доведува до ситуација општествата да стануваат општества на стари луѓе, сиромашни земји без работници, рече Колар.

Причините за миграциите, според него, генерално може да се каже дека се економски односно неможноста за вработување, нискиот животен стандард… Германија, како што нагласи, е најатрактивна, затоа што им недостига работна сила, а интересни се и Австрија и Ирска.

– Но, нашата анализа покажува дека дури и да се променат економските причини, како на пример во Србија, со доаѓањето инвестиции, да се подобри стандардот, а исто така и во Хрватска, ништо нема да се промени, туку оди кон уште полошо. Треба да се воспостави владеење на правото, со што ќе може да се случат некакви поместувања во однос на корупцијата, изјави Никица Колар.

Во анализата, Колар препорачува дека за решавање на ова прашање не можеме да се потпреме на водечките политички партии, туку дека се потребни граѓански иницијативи, НВО или нови политички партии, за да го решаваат прашањето со притисок врз Владите.

Јелка Клеменц, од Институтот за интегративно управување со внатрешната безбедност во Љубљана и автор на документот „Мигрантски движења и сузбивање на организираниот криминал во Југоисточна Европа: Зајакнување на идното вклучување на ЕУ-3ападен Балкан" говореше за искористувањето на луѓето мигранти кои се на пат кон ЕУ од страна на организираните криминални групи за свои профити.

– Се занимавам повеќе со криминалната компонента, бидејќи денес повеќе отколку во првата мигрантска криза што ја имавме 2016 година, има се повеќе криминал што ги искористува мигрантите и ранливата популација во регионот, рече Клеменц.

Таа додаде дека работи на полето на криминалистичките полиции на државите од Западен Балкан за сузбивање на илегалните миграции и организираниот криминал, како што е криумчарење луѓе и употреба на фалсификувани документи.

– Мислам дека криумчарењето на луѓе е првиот предизвик што треба да се препознае, но да се препознае и неговото влијание на стравот на локалните заедници во регионот и во ЕУ, бидејќи се тоа за што денес говориме има големо влијание на односот на ЕУ кон Западен Балкан и обратно. Потребно е да се напарви многу повеќе видлива соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан на тоа подрачје, за да се види дека Западниот Балкан не е толку закана за безбедноста на ЕУ, колку што е партнер, порача Јелка Клеменц.

Структурата на националноста на мигрантите, кои денес се на пат кон ЕУ и се жртви на криумчарење, не е променета од 2016 година, а тоа се најмногу државјани од Пакистан, Авганистан, Ирак и Сомалија. /МИА.

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

притисни ентер