Две групи со најмалку 50 туристи биле во обиколка на островот, а неколкумина од нив и во самиот кратер, во моментот кога вулканот започнал да испушта лава и пепел. Според локалните власти бројката на жртви се очекува да расте.
„Ова продолжува да е ситуација која се менува во секој момент. Знаеме дека имаше туристи на и околу островот за време на еруптирање и тоа од Нов Зеланд, но и посетители од странство. Знам дека има голема загриженост и нервоза за оние кои имаа блиски на и околу островот, но јас ги уверувам дека полицијата прави се што може“, вели Џасинда Ардерн – премиер на Нов Зеланд.
Надлежните велат дека условите, особено чадот, ја попречуваат работата на екипите за итни случаи, а во операцијата за спасување и потрага по преживеани се вклучила и војската. За апокалиптичните сцени сведочат и туристи, кои за влакно ја избегнале несреќата.
„10 минути откако со бродот го напуштивме островот, вулканот еруптираше. Со бродот се вративме за да се обидеме да ги спасиме останатите. Не знам дали успеаја сите да се спасат“, велат туристите.
Инаку, на трети декември локалните власти забележале постепено активирање на вулканот, но не издале забрана за посета на островот, бидејќи според нивните анализи не се очекувала силна ерупција.