Охридскиот театар премиерно ќе ја изведе „Хотел ни на небо ни на земја", средствата наменети за настраданите од Албанија

Актерите на Охридскиот народен театар викендов премиерно ќе ја изведат претставата „Хотел ни на небо ни на земја", работена според текст на Ерик Емануел Шмит, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Според режисерот, станува збор за претстава во која Шмит, кој важи за еден од најпознатите француски драмски текстописци, ја прикажува метафизичка неизвесност помеѓу сонот и стварноста, помеѓу комичното и трагичното, сето заради некаква потрага по смислата на постоењето и животот.

За Ѓоргиевски ова е прва соработка со Охридскиот театар што, како што вели, за секој режисер претставува провокација, задоволство и особена возбуда.

– Работата меѓу режисерот и актерите го доживувам како интимен чин бидејќи ние фигуративно речено се соголуваме едни со други и ги споделуваме своите мисли, ставови, знаења, па дури и незнаења, вели тој.

Во претставата учествува неколкучлена актерска екипа, составена од охридските глумци Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска, Стефан Николиќ и Мила Коруновска, но и Ирена Илиеска од Скопје, на која ова и е прво гостување во некоја претстава на Охридскиот театар.

Претставата утре ќе се игра претпремиерно, со цена на билетите 200 денари, додека премиерата ќе биде в сабота, кога влезницата ќе се продава по цена од 250 денари.

Управата на Центарот за култура „Григор Прличев" најави дека сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за настраданите во земјотресот во соседна Албанија./MИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

притисни ентер