Владата предлага да се зголеми прагот за ДДВ обврзници на два милиона денари

Владата усвои измени на Законот за данокот на додадена вредност со кои предлага прагот за задолжителна регистрација на ДДВ обврзници да се зголеми од милион на два милиона денари.

Со законот воедно се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на ДДВ да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.

-Со оваа новина во законот се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6000 денари, со што во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка, соопшти владината прес-служба.

Истовремено, предложениот закон има цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.

Градоначалникот Богдановиќ го посети Здружението на пензионери во Општина Центар

 Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска го посети општинското Здружение на пензионери и оствари средба со неговиот претседател Павле Спасев.

На средбата, како што соопшти Општина Центар, Спасев ја истакна традиционално добрата соработка со општинските власти, му се заблагодари на Богдановиќ за она што општината и тој лично досега го имаат направено за пензионерите и ја изрази својата поддршка за идните заеднички проекти и активности.

– Спасев и Богдановиќ разговараа за постојните општински политики наменети за пензионерите, пензионерските клубови, кои општината ги отвори за социјализација и за слободни активности, како и за сервисот „Нега плус", кој функционира во рамки на општината. „Нега плус" е сервис кој на пензионерите им овозможува два различни пакети на секојдневна помош и грижа од стручно лице, се вели во соопштението.

Богдановиќ, како што се наведува во соопштението, вети дека грижата за пензионерските клубови во Центар ќе продолжи и во иднина и најави дека од идната година ќе има нови пензионерски клубови. Богдановиќ и Спасев се заложија за интензивирање на соработката во понатамошниот период, со цел овозможување на поубави и безгрижни пензионерски денови.

Со над 10.000 членови, Здружението на пензионери на Општина Центар е едно од здруженијата со најмногу активни членови во државата. 

Бензините поевтинуваат за 1,5 денари по литар

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, а цената на дизел горивата останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,08 отсто.

Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 67, а на  ЕУРОСУПЕР БС-98 – 69 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе продолжи да се продава за 61,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 50,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,293 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 34,478 денари.

Како причина за промена на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 3,83 отсто пониската просечна цена на бензинот на светските берзи во изминатите седум дена и за 0,48 отсто кај дизелот, како и за 0,24 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот. 

Преку заеднички часови до поголема етничка интеграција на младите во Скопје

Во учебната 2018/2019 година, заедничките часови се реализирале во четири средни стручни училишта во Град Скопје .

Градот Скопје заедно со Министерството за образование и наука и претставниците на УСАИД и ОБСЕ, како и Македонскиот центар за граѓанско образование денеска ја претставија завршницата на проектот за интегрирано образование, односно за изведување заедничка настава на деца кои редовната настава ја посетуваат на различен јазик.

Во учебната 2018/2019 година, заедничките часови се реализирале во четири средни стручни училишта во Град Скопје – СЕПУГС „Арсени Јовков", АСУЦ „Боро Петрушевски", СУГС „Браќа Миладиновци" и СГГУГС „Здравко Цветковски". Оваа учебна година се вклучиле и две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито" и СУГС „Димитар Влахов".

Целта на заедничките часови во редовната настава во кои учествуваат млади од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализирале над 700 заеднички часови во кои учествувале над 450 ученици.

Идејата, како што рече денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на промотивниот настан „Заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици во градот", е во сите училишта во текот на наредните пет години да вклучат што е можно поголем број ученици.

Тој посочи дека запознавањето едни со други ќе овозможи да се надминат стереотипите и во целост да заживее концептот на „Едно општество за сите". Од тие причини, информира Шилегов, Град Скопје ја усвои Стратегијата за интегрирано образование што треба да се имплементира во наредните пет години.

– Конечно да успееме наместо делење на децата по национална основа во различни смени и училишта, образовниот процес во средните училишта во нашиот град да се одвива заеднички без оглед на тоа на кој наставен јазик децата го изучуваат образовниот процес. Ова за мене не е амбициозна програма, туку е неопходност што како држава и општество мора да ја спроведеме, рече Шилегов.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, рече дека со конретни чекори даваат придонес во зајакнување на меѓуетничката толеранција и интеграција и во областа на образованието.

– Ова е еден наш голем прироритет кој е предвиден и во новиот Закон за основно образование.При креирањето на образовните политики и практики неретко се соочуваме со ситуации во кои треба да се донесат храбри, но вистински одлуки. Токму таква беше и оваа одлука, односно активност за одржување заеднички часови во редовната настава со учениците кои учат на различни наставни јазици. Градењето на едно општество за сите заедници и негувањето хармонични односи кои се темелат на почитување на различностите се всушност меѓу основните начела и во новиот Закон за основно образование, рече Адеми. 

притисни ентер