Влада: Се иницира нов закон за решавање на правниот статус на дивоградбите

На 166-тата седница Владата предложи зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ на 2.000.000 денари, се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка, а усвоена е и Стратегијата за транспарентност.

На денешната редовна 166-та седница, Владата ја разгледа и усвои Информација за потребата од донесување на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, и го задолжи Министерството за транспорт и врски да достави Предлог на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти до Владата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од денот на усвојувањето на оваа информација.

Се задолжува Министерството за транспорт и врски во Предлогот на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, како предмет на законот да ги опфати бесправните објекти кои ќе претставуваат градежна и функционална целина заклучно до 1 октомври 2019 година, како и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои ќе претставуваат градежна целина, а не и функционална целина до денот на влегување во сила на законот.

Од предлог законот треба да бидат иземени сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Во Предлогот на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти треба да се утврди висината на надоместок за уредување на градежно земјиште, решение со кое од плаќање на надоместокот ќе бидат ослободени барателите кои се корисници на парична помош од социјална заштита, други јавни субјекти, како и верските објекти.

На оваа своја седница, Владата го утврди Предлог-законот за задолжување на Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта.

Со средствата во висина од 70 милиони евра ќе се активира проектот за поврзување на локални патишта во 80 општини со реализација на градежни активности за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици со вкупна должина до 450 километри за подобра безбедност и за социјална вклученост со поврзување на оддалечените и загрозените заедници и со зголемување на достапноста на транспортната мрежа на локално ниво.

Министрите во Владата денеска ја усвоија Уредбата за начинот на доделување на договори за набавки на Владата со влади на странски држави.

Уредбата се изготвуваше во тесна соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, а нејзиното донесување е неопходно од причина што уредува материја која не подлежи на примена на процедуралните правила утврдени во Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, а станува збор за набавки кои ќе се интензивираат со пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО.

На оваа седница е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието на државата.

Со предложениот закон се врши зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари, и се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.

Со оваа новина во законот се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6000 денари, со што во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка.

Истовремено, предложениот закон има за цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.

На предлог на Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, на денешната седница е усвоена Стратегијата за транспарентност на Владата за периодот 2019-2021 година, со Акциски план, за унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите во пресрет на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО.

Владата ја усвои Информацијата и донесе решението за назначување на членови на Националниот совет за сајбер безбедност, и ги задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана да назначат членови на Меѓуресорска работна група за стручно-оперативна и логистичка поддршка на Националниот совет за сајбер безбедност, меѓу другото и за да се забрза усогласувањето на прашањата за сајбер безбедност согласно стандардите на НАТО.

Владата на оваа седница даде согласност за превземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните 2020 и 2021 година на Министерството за образование и наука, да отпочне постапката за јавна набавка за склучување на повеќегодишен договор за продолжување со изградба на ООУ „Димитар Македонски“, Општина Аеродром, Скопје, во вкупна вредност од 58.788.000,00 денари.

Честитки и поддршка за Сиљановска – Давкова од „Меѓународна демократска унија – IDU“

Честитки и поддршка за Сиљановска – Давкова од  Меѓународната алијанса на центар – десно ориентираните партии – „Меѓународна демократска унија – IDU“.

Денеска, 25 март (четврток), благодарност за поддршката од Меѓународната демократска унија (International Democracy Union) – IDU изрази професорката Гордана Сиљановска-Давковка, истакнувајќи дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да се залага за гаранција за правата и слободите на граѓаните, за демократијата и за владеењето на правото.

Исто така од Меѓународната демократска унија (International Democracy Union) – IDU беа упатени честитки по повод победата на проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова во првиот круг од Претседателските избори, со уште поголема поддршка за успех и во вториот круг.

Во јавно упатената поддршка до проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова на социјалната мрежа Х од 23 април 2024 година, непосредно пред одржувањето на првиот круг од Претседателските избори, се вели:

„Меѓународната демократска унија им посакува успех на ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател на државата, Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, во првиот круг од претстојните Претседателски избори. ВМРО-ДПМНЕ е секогаш непоколеблив промотор на центар-десничарските политики и на одговорното владеење во Македонија“ .

Меѓународната демократска унија – IDU е алијасна на центар – десно ориентираните партии со седиште во Минхен, која има за цел дијалог и поврзување меѓу десничарските партии во светот. ВМРО-ДПМНЕ е една од 87 политички партии кои членуваат во IDU, соопштуваат од тимот на Силјановска -Давкова.

Бизнисот не очекува нов ценовен бран по дестабилизација на цените на нафтата на светските берзи

За сега нема индикатори за нов ценовен бран – оценува бизнисот, по дестабилизацијата на цената на нафтата на светските берзи... 

Дестабилизацијата на цената на нафтата на берзите не се очекува да предизвика нов ценовен бран во Македонија, смета извршниот директор на Стопанска комора, Антони Пешев. Според него и да има зголемување на вредноста на нафтата, тоа нема многу да влијае врз цената на храната во земјава. Причина за тоа се поразителните информации дека земјава изминативе години повеќе увезува храна, отколку што има домашно производство.

„За разлика од минатите бранови, ако конкретно ме прашувате за државните резерви во САД, кои се највисоко ниво. Тоа значи дека имаме една промена. Македонија одамна го следи ритамот на пазарите во светот. Ионака, храната се повеќе и повеќе доаѓа од надвор. Македонија има се помалку производство, а се повеќе увоз на храна. Ако се работи за увоз на храна, тогаш ние ќе ја делиме судбината со регионот. Мислам дека за оваа работа, новата Влада ќе треба да направи доста.“

Инаку, после Ковид кризата и воениот конфликт во Украина, цените на храната Македонија забрзано растат. Показател за тоа е што трошоците за живот на едно просечно семејство за само 4 месеци е зголемено за 50 евра. Тоа во реалноста значи дека на едно четиричлено семејство, да може најскромно да го „протурка“ месецот, сега му се потребни 60.000 денари.

Првиот круг од изборите во Македонија во фокусот на регионалните и светските медиуми

Резултатите и текот на првиот круг од претседателските избори беа во фокусот на вниманието и на регионалните и светските медиуми кои детално известуваат за исходот... 

Лакмусов тест за парламентарните избори за две недели., вака поголем дел од светските медиуми го анализираат вчерашниот епилог од првиот круг претседателски избори. Угледниот „Ројтерс“ пишува дека гласањето за главно церемонијалната улога на функцијата претседател, е прв конкретен знак за порастот на фрустрацијата кон владеачката партија, која настојувала да обезбеди пристап во Европската Унија. Очекувано, најголем простор на изборите даваат бугарските телевизии со генерално коректен тон на известување.

-Вториот круг ќе одлучи кој ќе биде следниот претседател на Македонија. , јави Нова.бг

-Силјановска доби 40,8% од гласовите, а Пендаровски 19,93. Кандидатот на опозицијата не го криеше изненадувањето пред своите приврзаници кои го прославија резултатот низ скопските улици. Искрено, не очекував толкава разлика., објавува бугарската национална телевизија

Првиот круг најде одек и во грчките медиуми. Со наслов, десничарската опозиција води пред вториот круг на 8 мај, Катимерини пишува дека популарноста на ВМРО-ДПМНЕ во последните години пораснала како резултат и на гневот на јавноста поради бавното темпо на пристапувањето во ЕУ и корупцијата. Грчкото издание на „Еуроњуз“ пак го истакнува различниот пристап на двете македонски опции во однос на бугарските барања.

-Двајцата кандидати се согласуваат за европската перспектива на Македонија, но не се согласуваат за начинот како да се справуват со ветото на Бугарија. , објавува „Еуроњуз“ на грчки јазик

Српски РТС се осврнува и на како што наведува двобојот на албанките опции, победата на Османи и славјето пред соперничкиот штаб, а хрватски ХТВ на евроинтегративниот пат и уставните измени како услов.

притисни ентер