Продолжува драмата во Хонг Конг, стотина демонстранти забарикадирани на политехничкиот универзитет

Стотина демонстранти веќе трет ден во низа се забарикадирани на политехничкиот универзитет во Хонг Конг.

Полицијата го има целосно опколено универзитетот, приодите се блокирани и се апси секој кој ќе ја напушти зградата. Лидерката на Хонг Конг, Кери Лам изјави дека кампусот на универзитетот досега го напуштиле околу 600 лица, меѓу кои 200-тина демонстранти помлади од 18 години. Таа тврди дека малолетните демонстранти нема да бидат уапсени, но и дека подоцна би можеле да се соочат со обвиненија. Политехничкиот универзитет стана средиште на судирите помеѓу демонстрантите и полицијата минатата седмица откако демонстрантите го забарикадираа кампусот на универзитетот.

Без струја утре делови од Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од општините Сарај, Сопиште, Ѓорче Петров и Студеничани, соопштуваат од РСЦУК – Скопје.

Во периодот од 08:30 до 15:00 часот без струја ќе останат корисниците од селата Глумово, Шишево и Матка, општина Сарај.

Во периодот од 09:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од ул.„10" во село Долно Соње, општина Сопиште.

Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без стрја ќе останат корисниците од улиците бр. „19" и бр. „25" во село Волково, општина Ѓорче Петров.

Во периодот од 10:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од селата Студеничани и Морани, Општина Студеничани. 

Владата предлага укинување на законот за пазарџиите, ќе се носи ново решение

Владата на денешната седница донесе решение да се укине Законот за трговија на зелените пазари, што беше донесен на иницијатива на повеќе пратеници во јануари 2018 година и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Анализите на Министерството за економија, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, покажале дека од законското решение ќе имаат штета сите, а особено пазарџиите поради што е предложено негово укинување. Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Во меѓувреме, како што рече Бектеши, Министерството ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни во кои ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

– Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.

Според најавите од министерот Бектеши, се очекува на почетокот на наредната година да биде донесено ново законско решение за трговија на пазарите на зелено во консултација со сите засегнати страни – трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазари и државните институции.

– Тоа ќе го направиме со цел во наредниот период да изготвиме законско решение кое ќе биде вин-вин ситуација за сите засегнати страни, посебно за продавачите на зелените пазари. Ако ги утврдиме сите отворени прашања со засегнатите страни тоа ќе биде донесено некаде на почетокот на наредната година, рече Бектеши.

Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ни една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.

Без вода утре дел од жителите на Општина Аеродром

Без вода утре од 09:00 часот ќе останат корисниците на бул.„АСНОМ" бр.26  во Општина Аеродром.

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е поради промена на затварач (шибер) на водоводна мрежа со пречник од Ф – 150мм на бул.„АСНОМ" бр. 26 во Општина Аеродром.

Корисниците ќе бидат без вода се до завршување на интервенцијата.

притисни ентер