Кривична пријава против тројца кичевци поради агресивност кон полицајци

Поради постоење основи на сомнение дека сториле казнено дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие", полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против Е.П.(24) од Кичево, како и против Ф.А.(28) и И.А.(24), двајцата од Зајас

Осомничените мината сабота околу 22,50 часот на булеварот „Ослободување" во Кичево, агресивно се однесувале кон полициските службеници кои сакале да извршат контрола врз патнички автомобил марка „БМВ" без регистерски таблички./МИА

Густ чад го прекри Сиднеј – Пожарите и натаму беснеат (ВИДЕО)

Густ чад од големите шумски пожари се надви деенска над Сиднеј и навлегол во згради така што се слушнаа насекаде аларми за чад, а заради лошата видливост, запрен е сообраќајот.

На оддалеченост од шеесет километри огнот уништува области на сува и запалива вегетација северозападно од Сиднеј, најголемиот град во Австралија и шири опасен чад низ Источниот брег и над Тихиот океан, при што пожарите достигнуваат до Нов Зеланд, покажуваат сателитските снимки.

„Овој чад е без преседан и овие услови се опасни по здравјето на луѓето“, изјави Ричард Бром, претставник на владата на Нов Јужен Велс, задолжен за здравјето и животната средина.

Бром рече дека многу луѓе можат да имаат симптоми на иритација на мукозните мембрани на грлото, носот и очите, а оние кои се изложени на ризик се лицата со здравствени проблеми, малите деца и постарите лица. Индексот за квалитет на воздухот во Сиднеј денеска беше 11 пати поголем од прагот што се смета за опасен во делови од градот, покажуваат податоците на владата.

Повеќе од две недели, шумските пожари го покриваат Сиднеј со чад и пепел, каде живеат повеќе од 5 милиони луѓе.

Поради маглата, небото е портокалово во текот на денот, видливоста е намалена и многу луѓе носат маски.

Иако не е издадена официјална наредба за евакуација, многу жители на погодените области одлучија да ги напуштат своите домови, изјави за Ројтерс градоначалникот на Хоксбери, Бери Калверт.

Повеќе од стотина пожари се активни во источните австралиски држави - Нов Јужен Велс, Викторија и Квинсленд, многу од нив уште од ноември.

Најмалку четири лица загинаа во пожарите, а повеќе од 680 куќи се уништени, а запалената област е со големина од еден милион хектари.

Фериботите во Сиднеј не работат заради намалена видливост.

Без струја утре делови од Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од општините Сарај, Сопиште, Ѓорче Петров и Студеничани, соопштуваат од РСЦУК – Скопје.

Во периодот од 08:30 до 15:00 часот без струја ќе останат корисниците од селата Глумово, Шишево и Матка, општина Сарај.

Во периодот од 09:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од ул.„10" во село Долно Соње, општина Сопиште.

Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без стрја ќе останат корисниците од улиците бр. „19" и бр. „25" во село Волково, општина Ѓорче Петров.

Во периодот од 10:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од селата Студеничани и Морани, Општина Студеничани. 

Владата предлага укинување на законот за пазарџиите, ќе се носи ново решение

Владата на денешната седница донесе решение да се укине Законот за трговија на зелените пазари, што беше донесен на иницијатива на повеќе пратеници во јануари 2018 година и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Анализите на Министерството за економија, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, покажале дека од законското решение ќе имаат штета сите, а особено пазарџиите поради што е предложено негово укинување. Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Во меѓувреме, како што рече Бектеши, Министерството ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни во кои ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

– Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.

Според најавите од министерот Бектеши, се очекува на почетокот на наредната година да биде донесено ново законско решение за трговија на пазарите на зелено во консултација со сите засегнати страни – трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазари и државните институции.

– Тоа ќе го направиме со цел во наредниот период да изготвиме законско решение кое ќе биде вин-вин ситуација за сите засегнати страни, посебно за продавачите на зелените пазари. Ако ги утврдиме сите отворени прашања со засегнатите страни тоа ќе биде донесено некаде на почетокот на наредната година, рече Бектеши.

Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ни една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.

притисни ентер