Концерт на студентите на Факултетот за музичка уметност

Студентите на Факултетот за музичка уметност вечер ќе одржат концерт во рамки на јубилејните 20. Есенски музички свечености.

На концертот што ќе се одржи во просториите на ФМУ, ќе настапат Анел Селим на кларинет, студент на втора година во класата на проф. м-р Стојан Димов, Стефан Неделковски на саксофон, студент на четврта година во класата на вонр. проф. м-р Нинослав Димов, и Мимоза Ќека, студент на трет циклус докторски студии во класата на проф. м-р. Тодор Светиев.

Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје е првата високообразовна и научна установа од областа на музичката уметност и балетската педагогија во Република Македонија. Основан во 1966 година како Висока музичка школа, во текот на сите години од своето постоење Факултетот ја врши својата мисија за подготовката на уметничките, педагошките, научните кадри за сите области на музичката и балетската култура и образование.

За изминатиов период на ФМУ дипломирале, магистрирале и докторирале над 3000 студенти. Меѓу нив се видни композитори, научници, интерпретатори, педагози, новинари и балетски уметници кои ја сочинуваат основата на изведувачкиот корпус на националните музички ансамбли, музичките редакции во Македонската Радио Телевизија, наставниците во музичките училишта во земјата и надвор од неа.

Со делувањето на своите ансамбли (студентскиот симфониски оркесатар, хорот „Драган Шуплевски", камерниот оркестар „Солисти на ФМУ", оркестарот на народни инструменти), организирањето на концертните циклуси „Музика вива" и „Од страниците на творештвото на композиторите", како и со други активности сврзани со истражување и зачувување на културното наследство Факултетот стана важен чинител на музичкиот живот во Македонија. Студентите на ФМУ се редовни учесници на концертните програми на фестивалот „Есенски музички свечености". /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер