Европската и светската фудбалска организација размислуваат да го казнат косовскиот фудбал за обидот да го разрешат претседателот на косовската Фудбалска асоцијација, Агим Адеми и поради обидот политиката да се меша во фудбалот.
„Според некои извори, на Косово и се заканува суспензија од две до пет години, бидејќи луѓето од политичкото раководство на земјата се обидуваат директно да интервенираат и да донесат важни одлуки во Фудбалската федерација на Косово“,извести косовката телевизија РТК.
Доколку дојде до суспензијата, Македонија автоматски би се нашла во баражот за пласман на Евро 2020 , а Косово би останало без можност да оди на турнирот преку дополнителни квалификации, но и можност да игра на Светскиот куп во Катар во 2022 година.
УЕФА и ФИФА експлицитно го забрануваат мешањето на политиката во спортот преку нивните статути. Така, во 2014 година, Фудбалската федерација на Нигерија беше суспендирана од меѓународните натпревари поради мешање на владата во работата на федерацијата, а една година претходно истото се случи и со Камерун.