Стопанственици бараат увоз на работници од странство

Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство.

Toa е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување.

Прашањето го постави Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица" од Струмица. Образложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020, за кој се разговараше на панел дискусијата на Локалниот економско социјален совет што се одржа во Струмица.

-И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат, додаде Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

-Градежни работници во моментот доаѓаат од Косово, а од Албанија се присутни насекаде. Измената во законот треба да се направи за признавањето на стажот, бидејќи имаме ситуација со градежни инженери кои работеле по 20 години надвор во познати компании, но нашата Агенција за вработување тоа не го препознава како стаж, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

-Јас не би давал субвенци и бенефиции на никој, туку да се намалат давачките на сите стопански субјекти и да бидеме сите рамноправни и исти, бидејќи има одредени субјекти кои прават злоупотреби во делот на бенефициите и кои придонесуваат за појава на нелојална кокуренција, а институциите тоа не може да не го знаат и сум фрапиран од инертноста, тромоста и немањето храброст да се спротивставиме на овие аномалии, рече Ванчо Чонев, стопанственик од Делчево.

И градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски забележа дека немањето доволно работна сила и одбивањето работа е голем проблем за сите.

-Јас лично сум сведок како некои луѓе одбиваат работа за 300-400 евра за нивната квалификација или не ја прифаќаат и тоа е за мене феномен. Тоа треба да се земе предвид кога се прават проекции и најверојатно тие луѓе имаат други приходи. Претпоставувам дека се работи за сива економија, која е голем проблем и можеби не е лошо да се размислува за некоја кампања или едукација за надминување на овој проблем, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Според Миле Милановиќ од „Струмичката бизнис заедница" стопанствениците активно учествуваат во креирањето на Оперативните планови и сите забелешки кои биле искажани од бизнис секторот биле имплементирани во планот за 2019 година.

-Убаво е за оперативниот план за 2020 година да се слушне гласот на „Струмичката бизнис заедница". И оваа година наша забелешка е синхронизирано, односно хронолошки и пред време да ни ги најават мерките за да може да ги внесеме во нашите развојни планови во компаниите и во развојните планови за зголемувањето на бројот на работниците, рече Милановиќ, кој се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар" смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката „Гаранција за млади" е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем./МИА

Амбасадата на САД во Израел им порача на вработените и на семејствата да ги ограничат движењата

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил напад врз цели во Иран.

„По извештаите дека Израел извршил одмазднички напад во Иран, вработените во американската влада и членовите на нивните семејства се ограничени од лични патувања надвор од поголемиот дел од Тел Авив, Ерусалим до понатамошно известување“, се вели во безбедносното советување објавено од Амбасадата на нејзината веб-страница. /МИА

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова.

Директорката на Академијата, Наташа Габер - Дамјановска на седницата на ДКСК на 10 април рече дека процесот на тестирање на слушателите за идни судии и јавни обвинители почнал во јануари 2023 година и се уште трае.

-Воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување.

Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

притисни ентер