Во Битола почнува интернационалниот Фестивал на музика од светот

Со концерт на Хели Сиекинен, позната уметница од Финска, вечер во Битола почнува 11. издание на интернационалниот Фестивал на Музика од светот.

Хели Сиекинен пет пати била најдобра на натпреварите за хармоника во Финска, учела во националните школи и дипломирала на конзерваториумот Јиваскила во Финска.

– Вечерашниот концерт „Танго" е еден од бројните концерти кои Хели Сиекинен ги одржала во светот, почнувајќи од првиот во 2010 година со симфонискиот оркестар на Универзитетот Јиваскила. Пред домашната публика овој пат ќе настапи со битолскиот Камерен оркестар и освен со својата хармоника, таа ќе свири и со бандонеон, најавија од НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот Музика од Светот.

Викендов во рамки на традиционалниот културен настан поддржан од Министерство за култура и Општина Битола концерти ќе одржат и познатата поп музичка ѕвезда од Србија Јелена Томашевиќ Босиљчиќ која ќе настапи во сабота, и Џамбо Агушеви Оркестар со чиј настап в недела завршува фестивалот Музика од светот. 

Заев: Со своето дело Св. Климент Охридски не задолжи сите, како што успеал тој да се обидеме да успееме и ние

Со Свети Климент Охридски се поврзани почетоците на  македонската писменост и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта. 

Тој со неговото големо духовно – просветителско дело со кое нѐ задолжи сите, ни покажа како „на дело" се станува и духовник и просветител. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние. Да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава, порача денеска премиерот Зоран Заев обраќајки на духовната академија во чест на празникот Свети Климент Охридски, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

-Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа. Тоа е остварено постојано имајќи го предвид и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ. Ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, и за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, рече Заев.

По влезот во Европската Унија, додаде премиерот, македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Унијата. Како 25-ти работен јазик на кој ќе се зборува во Брисел, тој ќе биде „рамо до рамо" со јазиците кои се говорат во нашето соседство, бугарскиот, хрватскиот и грчкиот. Тоа го гарантира Повелбата на ЕУ и Договорот за ЕУ.

-Конечното признание за посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо, во Унијата, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост, е последниот и најцврст бедем за заштита на македонскиот идентитет. Освен тоа, тој ќе стане составен дел и од европскиот идентитет, во заедницата од 500 милиони луѓе, основана под мотото „Обединети во разновидноста". Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност, истакна премиерот во обраќањето.

Оддавајќи му почит на Свети Климент Охридски и за се она што го направил и оставил зад себе тој потенцира дека секој може да биде своевиден Свети Климент Охридски почитувани граѓани и почитувани присутни.

-Духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе, во подобар свет, солидарен свет, образуван свет. Така градиме сегашност и иднина за секој човек, за секој граѓанин, за секој од нас. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние. Да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава, истакна премиерот.

Во таа насока, тој е убеден и дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе се ангажира уште поактивно во надминување на предизвиците исправени пред неа и дека наскоро ќе биде прифатена како реалност во православниот свет.

Свети Климент Охридски, рече во обраќањето Заев, е основоположник на македонската духовност и патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој, како еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народите со словенски происход и нивен ученик и следбеник, ги прифатил сите страдања на кои бил подложен зашто верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал кон мисијата да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на духовната и просветната дејност.

Свети Климент Охридски, потенцира Заев, применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои ја наоѓале во Црквата, и дека таа духовна поткрепа треба да ја добиваат со црковна служба на својот мајчин јазик. Христовата црква, со востоличувањето на катедрата на Охридската Архиепископија, не беше нова црква. Таа е светла точка од историјата на континуитет на христијанството на овие простори со корени уште од апостолско време.

-Христијанството на просторите на географска Македонија, прв го донесе, го прошири и го проповедаше Светиот апостол Павле, за што сведочат и Делата Апостолски. На тие негови патувања бил придружуван и од други апостоли, кои подоцна и самите, независно од Светиот апостол Павле, ќе проповедаат и ќе ја шират црквата Божја на овие простори. Низ историјата на христијанството се запишани бројни сведоштва за долгиот развој на црковното организирање, со богат духовен живот на бројните митрополии и епископии. За тој период, низ целата територија на денешна Република Северна Македонија, говорат голем број ранохристијански базилики и црковни храмови, истакна во обраќањето премиерот.

Како што истакна, директен резултат на просветителската дејност меѓу словенските народи на Светите браќа Кирил и Методиј, а подоцна и на светите отци охридски Климент и Наум, е никулецот од кој потоа израснуваат и првите словенски епископи на Светата Охридска Архиепископија. Свети Климент, како голем човек и силна личност,  е жив паметник на нашата историја и како основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет". /МИА

Вучиќ се пофали со новите воени хеликоптери, ги викаат „ѓаволски кочии“

Српската војска на воениот аеродром Батајница кај Белград ги претстави новите хеликоптери купени од Русија.

Вучиќ за новите хеликоптери Ми-35, х145м и Ми-17 рече дека се набавени  „со значителен попуст и олеснувања“. заблагодарувајќи им се на „руските пријатели“, Вучиќ рече дека станува збор за моќни машини и најсовремени европски и руски хеликоптери, кои многумина ги нарекуваат „кочии на ѓаволот“, но истакна дека овие хеликоптери ќе служат како чувари на Србија.

Русија ги испорача хеликоптерите неколку месеци пред предвиденото, а во Белград беа донесени со карго-авион на руската армија два дена пред средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи.

Македонија на 65-то место на рангирањето на „Global Peace Index“

Република Македонија се наоѓа на 65-то место на рангирањето на „Global Peace Index“ за 2019 година напредувајќи за 23-места во однос на минатата година, што ја прави земјата една од петте земји во светот кои забележале најголем напредок.

-Македонија трета година по ред бележи постојан напредок со промена на оценката од 0,127 во 2019 година. Ова резултираше со тоа што се искачи за 23 места во графичкиот процесор и се наоѓа на 65-та позиција што е највисок ранг од почетокот на индексот во 2008 година, се вели во извештајот на „Global Peace Index“.

Најголемата позитивна промена, се додава, беше резултат на подобрувањето во односите со соседните земји. Сегашната влада, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги подобри односите со ЕУ и особено со Бугарија и Грција. Според индексот има големо подобрување и доменот на безбедност и сигурност, намалување на насилниот криминал и подобрување на индикаторот за политичка нестабилност.

Сепак, се потенцира и дека остануваат ризици поврзани со етнички тензии и политички спорови,

вклучувајќи ја и промената на името на земјата, која повторно се појави како спорно прашање на претседателските избори во 2019 година./МИА

притисни ентер