Се враќа интересот за одгледување сончоглед, новите договори со гарантирана цена

Со договорно производство, годинава се откупени три пати повеќе количества сончоглед од лани. Заштедени се девизи за увоз, а и кај земјоделците се врати желбата да сеат, па оваа култура полека се враќа на нашите ниви.

Ова е резултатот од проектот Договорно производство на сончоглед 2019 во организација на Асоцијацијата на производители на сончоглед, откупувачот – фабриката „Благој Ѓорев" од Велес и Владата.

– Лани откупивме 2.300 тони, годинава со договорното производство имаме околу 7.000 тони сончоглед од домашно производство. Задоволни сме од откупот, заштедивме девизи за увоз, а не охрабрија и земјоделците со желбата да сеат и полека да го враќаме сончогледот на македонските ниви, изјави генералниот директор на „Благој Ѓорев", Горанчо Лазов.

Земјоделците се задоволни од соработката со фабриката. Велат дека била коректна и го почитувала договорот.

– Годинава имавме зголемен интерес за сеење сончоглед поради сигурниот пласман, но и зголемените субвенции од страна на државата која излезе во пресрет на нашите барања. Уште да не послужеше времето, ќе имавме рекордни приноси, истакна претседателот на Асоцијацијата на производители на сончоглед, Никола Петковски.

Со ова позитивно искуство од реколтата 2019, работната група ја најавува новата кампања на Договорно производство за 2020 година.

– Ќе одржуваме трибини, средби со земјоделците во цела држава каде што успева оваа култура и ќе разговараме како до повисоки приноси и подобар квалитет. Разговараме со Лазов, во договорите да има и загарантирана цена под која нема да може да се оди. Ако на берзата цената е повисока, тогаш да се доплати до берзанската цена. Сметам дека ова ќе значи уште поголем мотив за производителите заедно со значително зголемените субвенции за сончоглед од страна на државата, рече Ленче Николовска од Агротим.мк – специјализирана платформа за информации од агркомплексот и агроберза.

Во работната група за Договорното производство на сончоглед е вклучена и фирмата „Биспромет Агроцентар" од Битола, преку авансирање семе и други репроматеријали во соработка со „Благој Ѓорев".

– Во соработка со „Благој Ѓорев", ќе им дадеме на земјоделските производители семенски материјал и други репроматеријали на одложено плаќање. Нашите семиња се висококвалитни, од познати еропски и светски семенарски куќи, докажани во светот и гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството, рече директорот на „Биспромет Агроцентар", Никола Ѓероски.

Кампањата ќе почне следната недела со трибина во Битола, а потоа се планирани средби со земјоделците во Прилеп, Свети Николе, Велес, Куманово, Битола и други региони каде што успеава сончогледот./МИА

Њу Орлеанс последен избори плејоф во НБА-лигата

Кошаркарите на Њу Орлеанс пеликанс рано утрово забележаа победа над Сакраменто кингс со 105:98 во плејин натпреварот одигран на домашен терен.

Најефикасен играч на натпреварот беше Де'Арон Фокс ос Сакраменто кој постигна 35 поени.

Во победничкиот состав се истакна Брендон Инграм со 24 поени.

Пеликанс се пласираа во плејофот каде во првото коло ќе играат против Оклахома.

Покрај Њу Орлеанс место во разигрувањето за трофејот преку плејин обезбедија и Лос Анџелес лејкерс, Мајами Хит и Филаделфија.

Плејофот во најсилната кошаркарска лига на светот почнува вечер со натпреварите:

Кливленд кавалирс – Орландо меџик и

Минесота тимбервулвс – Феникс санс. /МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

притисни ентер