Макрон го уверил Пендаровски дека не нуди алтернатива на ЕУ за Скопје, но бара време

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски, по средбата со неговиот француски хомолог Емануел Макрон, порача дека има „отворен и динамичен" разговор, но гаранции за датумот од Париз сѐ уште нема. Макрон бара време за внатрешната реформа на ЕУ.

Претседателот Пендаровски ги изложил своите аргументи пред Макрон, и ги слушнал неговите. Според Пендаровски, Франција веќе поднела неформален предлог (нон-пејпер) до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, реформа која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Македонија и Албанија.

– Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Тие имаат предложено „нон-пејпер" до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец, два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март, изјави Стево Пендаровски по средбата со шефот на француската држава.

Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.

– Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ и треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методолгијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно", му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.

Македонскиот претседател за време на средбата инсистирал на тоа дека Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, со што се согласил Емануел Макрон.

– Прецизно ми рече дека никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправното членство, само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси, рече Пендаровски.

Според него, за Македонија не претставува никаков проблем промената на методологијата.

– Нека ја менуваат како сакаат, ние стоиме зад принципот на реверзибилност. Дури во еден момент му реков дека и како полноправна членка кога би биле, да нѐ исклучите од членство во ЕУ, слободно направете го тоа, не ми е интерес мене да бидам членка таму, а да не бидам демократија, изјави претседателот Пендаровски за медиумите по средбата со Макрон.

За крај, претседателот Пендаровски соопшти дека Емануел Макрон му најавил дека ќе ја посети Северна Македонија во првата половина на 2020-та.

Пендаровски оствари средба со Макрон на маргините на Парискиот мировен форум, но и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и со австриската канцеларка Биргит Бирлајн./МИА

Mицкоски од Охрид: Сега е време за македонско национално единство

Мораториум и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ обзнани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Охрид.

Повикот за обезбедување на македонско национално единство во државата никогаш не бил толку потребен како сега, порача Мицкоски, кој вети голема победа и подобар живот со ВМРО-ДПМНЕ без исклучок, за сите граѓани. Тој ја прозва СДСМ дека сценариото по секоја цена да ја зачува власта нема да помине.

Наша цел е да ги обединиме сите граѓани,никого не напаѓаме, одговори лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Димитриевски. Тој гледа позитивно на повикот на Мицкоски, но вели можни разговори за идна влада ќе бидат условени. Не размислува за коалициска соработка со актуелното раководство на СДСМ.

На митингот од гевгелија Ковачевски ја прозва опозициската партија дека ќе го одолговлекува европскито пат на земјава и ќе ја врати назад во изолација.

На првиот ден од кампањата за парлемнатраните избори Мицкоски најави повеќе од 2 милијарди евра инвестиции во инфраструктурата, конечно завршување на автопатот Кичево – Охрид. Ковачевски пак гарантираевропски животен стандард, просечна плата од 1100 евра и минаимална од 600 евра.

Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Првичните најави се сменија, изгубените часови поради претстојните избори и самитот на ОБСЕ сепак ќе мора да се одработат. 

Основците во мај и јуни, три саботи ќе одат на училиште за да ги исполнат законски утврдените 180 работни денови, велат од МОН, бидејќи во спротивно би се прекршил законот за образование.

18 мај, 1 јуни и 15 јуни, односно секоја втора сабота тој период, основците ќе треба да го одработат загубеното, одлука која предизвика несогласување од страна на СОНК. Тие веќе испратиле и реакција за промена на истата до министерството вели првиот човек на синдикатот Неделков. Тој не гледа ништо спорно во тоа министерот крајот на учебната година да го верифицира со 3 работни дена помалку, наместо да се дискриминираат наставниците... Згора на тоа, вели искуствата покажале дека продуктивноста на учениците би била минимална.

-Под МОН се и средно и високо образование, тие не работат, само основно образование, колегите вработени во основното образование навистина се чувстуваат и дискриминирани од 700.000 работници во државата, само овие 20тина илјади ќе работат. Одејќи во сабота нема да има никаков квалитет, ниту квантитет, ниту учениците ќе дојдат во бројот кој го поседува образованието, апсолутно тоа искуството го кажува и сметаме дека е не продуктивно да се работи во сабота.

Учениците од училиштата каде ќе се спроведува гласање, еден ден пред изборите на 24 април и 8 мај ќе имаат скратени часови кои ќе траат најдоцна до 11 часот. Од сојузот на средношколци кои не се опфатени со законот за работни денови, исто така сметаат дека саботите се бесполезни, а во нивниот случај, веруваат дека професорите имаат начин да се надокнади наставата..

-Саботите не треба да се работат, не се ефективни, сме виделе доста пати дека не се ефективни и дека не се држи настава како што треба да се држи во работните денови кога ја имаме. Среќни сме што средношколците нема да ги работат саботите, но една работа е дека професорите ќе треба да ја стегнат програмата и да ја поврзат повеќе за да можеме и ние да ги имаме ефективни деновите и часовите.- Берин Мухамед – Сојуз на средношколци

Инаку 24 и 8 мај се прогласени за неработни за сите работници на територјата на Македонија. Владата во Информацијата која ја усвои им препорача на приватните работодавци да ги почитуваат заклучоците, за секој граѓанин да може да си го оствари демократското право на глас во избирачката единица во која е регистриран.

притисни ентер