Негативното мислење Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска го доставило до скопскиот Кривичен суд. Нов времен пасош бараше и Цветан Панделевски, кој исто така е еден осомничените во случајот, но и за него мислењето е негативно.
-Надлежниот јавен обвинител кој постапува по предметот денеска го достави мислењето до Кривичниот суд. И за двајцата осомничени мислењето е негативно.- ЈОРМ
Камчев уште пред десетина дена доставил барање за нов времен пасош во траење од една година. Според информациите планирал да патува на закажани бизнис состанци во Швајцарија и Турција. На Панделевски пак времената патна исправа му била потребна заради лекување.
Дали двајцата осомничени ќе добијат времени пасоши, ќе треба да пресече Кривичниот суд. Камчев претходно доби времен пасош со одобрение на екс шефицата на СЈО Катица Јанева и тоа за период кој се однесува на случајот Рекет во кој сега е обвинета. Месеци подоцна, Стефанова, во чии раце повторно е истрагата за Империја, тврдеше дека била против мислењето на нејзината шефица.
Иако истрагата ја почна од почеток, истражните дејствија за Империја, како што информираа од Обвинителството, продолжија од каде што застанале со завршување на вештачењата но и повикување на сведоци. Станува збор за случај во кој осомничени се тринаесет лица за перење пари, кои според проценките ја оштетиле државата за над 10 милиони евра.