Бизнис форум меѓу чешки и македонски текстилни и кожарски компании во Штип

Компании од текстилниот и кожарскиот сектор од земјава и Република Чешка денеска се дел од бизнис форумот, што се одржува во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров" во Штип. 

Амбасадорот на Република Чешка во земјава, Мирослав Томан, верува дека преку овој бизнис форум ќе се воспостави соработка меѓу чешките и македонските компании од овие сектори.

-Преку овој бизнис форум ќе се остварат нови контакти, нови можности за соработка што ги сметаме за плодови и токму тоа е целта на денешиот бизнис форум, вели Томан.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, забележа дека овој бизнис форум е значаен за Штип како текстилен град, во кој работат околу 70 текстилни конфекции.

-Многу е значен за конекција, вмрежување меѓу компаниите кои се дојдени овде од Чешка, со нашите домашни компании, со цел отварање на нови можности, градење на нови мостови, создавање на нови работни места и нудење на подобри и попристојни услови за работа со попристојни плати, вели Бочварски.

Извршниот директор на чешката асоцијација за текстил и облека АТОК, Јиржи Чесал, вели дека овој сектор во неговата земја е во стагнација. Таму фирмите сакаат да се развиваат, но имаат потреба од квалификувана работна сила. Овој проблем доаѓа поради тоа што во оваа земја процентот на невработените е само 2,6.

-Ова е проблем со којшто Република Чешка се обиде да го реши со примање на работници од Украина, но не се покажа како добро решение. Ние сметаме дека е подобра меѓународната соработка, во смисла на тоа дека производството би се споделило, а не да се примаат работници од други земји. Тука го гледаме македонскиот пазар, како природен пазар, каде што би сакале да соработуваме, вели Чесал.

Очекува соработката меѓу чешките и македонските компании, кои ќе ја воспостават по овој бизнис форум да не биде само на една година, туку да биде долгорочен. Во оваа земја просечната плата во текстилната индустрија е 1.000 евра, додека во секторот за облека е над 700 евра. Во Република Чешка има над 600 компании од текстилниот сектор, кои вработуваат над 20 лица, а се ориентирани кон техничкиот текстил.

Извршниот директор на Текстилниот Кластер во Република Македонија, Наташа Сивевска, смета дека отворањето на нови пазари за македонските компании е голем предизвик.

-Очекувам да организираме добри средби во две насоки и тоа во насока на соработка со чешки брендови, каде што облеката би се произведувала во Македонија и втора насока во делот на набавка на технички материјали, за коешто тие имаат производство, вели Сивевска. /МИА

Радев продолжува со консултациите за именување привремен премиер

Бугарскиот претседател Румен Радев продолжува со консултациите за именување привремен премиер. Во четвртокот тој го врачи третиот мандат за формирање влада на најмалата партија во Парламентот - ИТН. 

Тие веднаш го вратија, со што ставија крај на шансите за формирање нов кабинет во ова народно собрание.

Радев сега треба да назначи привремен премиер и влада. Но, според последните измени во Уставот, тој е должен да избира луѓе од список на одредени позиции. Тоа се, на пример, претседателот на Собранието, шефовите на Комората за ревизија и од БНБ.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, сигнализираше дека не сака тоа да бидат ниту Росен Жељазков, кој раководи со Парламентот, ниту Димитар Главчев, шеф на Заводот за ревизија.

Претседателот во четвртокот имаше средби со нив, како и со првиот човек на Централната банка, Димитар Радев. Тој објасни дека има конфликт меѓу националното законодавство и она на ЕУ. Според европските норми, гувернерот не треба да учествува во политиката. Тоа важи и за неговите тројца заменици. т.е. листата на потенцијални кандидати за премиер се намали за уште четири лица.

Неколку дена претходно од функцијата поднесе оставка и заменикот народен правобранител Елена Чернева-Маркова. Народниот правобранител Дијана Ковачева заминува како бугарски судија во Стразбур и исто така не е опција.

Така, изборот за привремен премиер моќе да биде направен меѓу замениците на Главчев во Ревизорската комора - Тошко Тодоров и Горица Гранчарова-Кожарева. Се верува дека таа има поддршка од ДПС. Кожарева беше меѓу учесниците во скандалот на Ревизорската комора по неуставната смена на нејзиниот претседател Цветан Цветков во јануари 2023 година. Потоа таа беше на функцијата неколку месеци. Кожарева е сопруга на обвинителот и поранешен член на Врховниот судски совет, Михаил Кожарев.

Средбата со неа ќе биде попладнево во Претседателството. /МИА

Нето надворешниот долг на крајот на 2023 година изнесувал 4.458 милиони евра

Нето надворешниот долг на крајот на минатата година изнесувал 4.458 милиони евра или 32,6 проценти од проценетиот БДП, објави денеска Народната банка.

Во четвртиот квартал од годината, нето надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра или за 7,3 проценти.

- На крајот на четвртиот квартал од 2023 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.463 милиони евра и забележа квартално зголемување од 386 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемија за 81 милион евра и изнесуваат 7.004 милиони евра. Поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 305 милиони евра, така што на крајот на декември 2023 година тој изнесува 4.458 милиони евра, појаснува Народната банка.

Во текот на четвртиот квартал од минатата година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2 проценти од проценетиот БДП за 2023 година.

Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 147 милиони евра (или 3,4 проценти), во услови на зголемување на нето приватниот долг (за 269 милиони евра), а намалување на нето јавниот долг (за 122 милиона евра).

До вторник сончево и топло до 29 степени

Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во деновите од викендот и во понеделник максималната температура ќе достигне 29 степени, соопшти УХМР. 

Од вторник ќе има извесно зголемување на облачноста со благо опаѓање на дневната температура.

притисни ентер