Заев, Вучиќ и Рама вечерва во Охрид ja утврдија декларацијата за соработка

Премиерите Заев и Рама и Претседателот Вучиќ на трилатерална средба во пресрет на утрешниот состанок со другите лидери од Западен Балкан ja утврдија  декларацијата за соработка,се наведува во соопштението од Владата.

Премиерот Зоран Заев, заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама, во пресрет на состанокот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи утре, одржаа трилатерална средба на која разговараа и ја утврдија декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка.

Оваа декларација со листа на приоритети и мерки доаѓа по претходната нивна заедничка средба во Нови Сад.

Во основата на декларацијата е соработката, заедничкиот ангажман и елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварувањето на заедничка крајна цел - полноправно членство во ЕУ.

Од определбата за поинтензивна соработка врз основа на заеднички усвоена декларација се очекува на граничните премини, покрај заедничките царински контроли да има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, како и слободно движење на граѓаните во трите земји само со лични карти.

Декларацијата ги најавува можностите на отворен пазар и пристап за бизнис иницијативи во целиот регион без разлика на местото на основање на компаниите, создавање нови работни места и поттикнување на потенцијалите за севкупен развој. Оваа иницијатива отвора големи можности за младите од поврзувањето по угледот на европскиот модел за имплементирање на стандардите на ЕУ со цел економски напредок на земјите од Западен Балкан и целокупната демократска трансформација.

Вечерва на премиерите Заев и Рама и Претседателот Вучиќ ќе им се придружат и Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија за Црна Гора Драгица Секулиќ, на вечера што ја приредува премиерот Зоран Заев, а утре ќе започне работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан.

Во програмата на утрешниот состанок е предвидена и пленарна сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан со претставници на Европската Унија, на Советот за регионална соработка, на Светската Банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе се одржи и заедничка прес конференција.

Села: Функционери на ДУИ поседуваат имот во соседна Албанија

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, обелодени дека функционери на ДУИ поседуваат имот во соседна Албанија, поточно во градот Драч кој се наоѓа покрај јадранското крајбрежје.

-Овие имоти се стекнати на сомнителни начини и албанската држава треба да ги истражи овие наводи – рече Села во интервју за „Пресинг ТВ“.

Според него, ДУИ се покажало како полоша опција за Албанците и во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

-Иако Заев не успеа да ги реализира своите ветувања, тој беше подобар од Груевски во некои политики, но ние уште ги бараме нашите права. Албанците ме прашуваат кои се полоши, СДСМ или ВМРО, јас им велам дека полоша од нив е ДУИ – изјави Села.

Тој порача дека крајно време е ДУИ да замине во опозиција.

Еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици, наставен кадар и родители

Еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици, наставен кадар и родители, денеска се одржа во Скопје.

 Обуката е во организација на министерството за информатичко општество и администрација и министерството за образование и наука, мисијата на ОБСЕ во Скопје и фондацијата Метаморфозис.

Стипендии за 315 ученици Роми запишани во прво одделение

Вкупно 315 ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/20 година ќе бидат стипендирани во рамки на проектот „Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование".

Конкурсот е финансиран од Европската унија, а го спроведуваат Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор. Целта е да се обезбедат стипендии за вклучување на што поголем број деца Роми во основното образование кои редовно ќе посетуваат настава.

Конкурсот се однесува за период од една учебна година, а стипендијата од 400 евра годишно е наменета за покривање на трошоците за школување, храна, облека, училишен прибор и материјали, спортска и друга опрема за учениците.

Ќе можат да се пријават ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година, чии семејства се приматели на гарантирана минимална помош, но кои не се корисници на друга стипендија обезбедена со финансиски средства од Европската Унија. Притоа, семејствата нема да го изгубат правото на гарантирана минимална помош.

Редовните ученици, како и оние кои успешно ќе поминат во следното одделение, ќе можат да ја задржат стипендијата за тековната година и потенцијално да ја обноват за следните две учебни години.

Крајниот рок за пријавување е 10 декември, а повеќе информации за конкурсот може да се најдат на веб-страницата на Фондација Отворено општество – Македонија, потоа во просториите на Фондацијата Отворено општество, телефонски на бројот  02/2477107 или преку електронска пошта redovnonacasovi@fosm.mk. 

притисни ентер