Набавена нова медицинска опрема на Клиниката за дерматологија

Во изминатиот период на Клиниката за дерматологија реализирани се и активности за унапредување на просторните капацитети.

Универзитетската Клиника за дерматологија набави нова медицинска опрема во вкупна вредност од речиси половина милион денари, која ќе обезбеди највисок стандард на дијагностика за пациентите кои се лекуваат на оваа клиника, соопшти Министерството за здравство.

Од денеска, на Клиниката во функција се: нов апарат за пресотерапија и лимфна дренажа за лекување хронична венска инсуфициенција, примарни и секундарни лимфедеми на горни и долни екстремитети; дигитален ултразвучен колор доплер ехо апарат за евалуација на артериска и венска циркулација на горни и долни екстремитети, како и нов апарат за ин витро дијагностика во алергологија (алерго тестови преку крв) и алергени за истиот.

Конкретно за апаратот за ин витро дијагностика во алергологија, станува збор за високосензитивна технологија, која е последен стандард во алерголошките тестирања. Предноста на оваа метода е што може да се прават тестови и кога пациентите примаат антиалергиска терапија.

Во изминатиот период на Клиниката за дерматологија реализирани се и активности за унапредување на просторните капацитети. Првпат е отворена соба за изолација, според стандарди на ИХИ (интрахоспитални инфекции), обезбедена е нова работна соба за медицински сестри на женски и детски оддел, реновирана е библиотеката, дежурната лекарска соба и апартманот за приватни пациенти. Воедно, сите соби се климатизирани, сменет е подот во болнички и амбулантски дел, сите простории се комплетно варосани, а за сите амбуланти е набавена и нова компјутерска опрема.

Во изминатите две години, Клиниката за дерматологија кадровски е зајакната со тројца лекари специјалисти дерматолози, двајца лекари на специјализација и две медицински сестри, истакнуваат од Министерството за здравство./МИА

Спасување мачка во поплавите во Дубаи

Полицијата во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по силниот дожд што го зафати тоа подрачје, спаси мачка од обилните поплави. Мигот на спасувањето стана видеохит на мрежите.

На снимките се гледа како црно-белото улично маче очајно се закачило за вратата од еден автомобил, сѐ дури спасувачите не го земат и однесат на безбедно, пренесува „Си-ен-ен“.

Според наводите, за само 24 часа во Дубаи наврнал дожд колку што вообичаено паѓа за две години во ова подрачје. Емиратските медиуми дождот од завчера веќе го нарекуват - „историски метеоролошки настан“ што надминал „сѐ што е документирано од почетокот на собирањето податоци“ (за времето) во 1949 година.

ЕУ. Неколку закони во Р. Српска го поткопуваат европскиот пат на БиХ

Законите за избори, референдуми, имунитет и странски агенти на Република Српска го поткопуваат европскиот пат на БиХ

Европската Унија ги повика властите во Република Српска да ги прекинат постапките за усвојување на неколку законски иницијативи, особено нацрт-законите за избори, за референдуми, за имунитет и за „странски агенти“, бидејќи со нив би се поткопале евроинтеграциските напори на Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Брисел.

- Овие законски иницијативи за кои расправа Народното собрание на Република Српска, би го поткопале уставниот поредок на земјата, функционалноста на нејзините институции и основните слободи и би биле против заложбите на Босна и Херцеговина за нејзин пат кон ЕУ, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Во соопштението се додава дека ЕУ нагласува оти мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународната личност на Босна и Херцеговина.

- Секоја активност против овие принципи ќе доведе до сериозни последици, како што веќе јасно најави Европската Унија, се нагласува во соопштението.

ЕЕАС потсетува дека по одлуката на Европскиот совет од минатиот месец за отворање на пристапните преговорите со БиХ, ЕУ очекува земјата, вклучително и нејзиниот ентитет Република Српска, да прават чекори напред, наместо да преземаат активност што се во спротивност со нејзиниот европски пат.

- Одлуката на Европскиот совет докажа дека дијалогот наместо ескалацијата дава резултати. Ги повикуваме сите лидери во Босна и Херцеговина да ги исполнат своите обврски и очекувањата на граѓаните и да се вратат на преговарачка маса за доброто на луѓето во земјата и нејзината иднина во ЕУ, се додава во соопштението.

Во Црна Гора уапсена директорката на Агенција за спречување корупција

Директорката на Агенција за спречување корупција на Црна Гора,Јелена Перовиќ,  вчера била уапсена, соопштија црногорските медиуми.

Како што се наведува, Перовиќ е уапсена под сомнение дека ја злоупотребила службената положба, соопшти Специјалното државно обвинителство.

Службеници на специјалното полициско одделение вчера ја блокирале зградата на Агенцијата и по претресот на просториите, како и службениот автомобил на директорката, Перовиќ е лишена од слобода.

„По извршениот претрес во канцеларијата и службеното возило, по наредба на Специјалното државно обвинителство, службениците на Специјалното полициско одделение поради основи на сомнение ја лишиле од слобода директорката на Агенцијата за спречување корупција на Ј.П. дека во текот на изминатата година и до април годинава сторила продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба“, соопштија од Специјалното полициско одделение.

Црногорските медиуми пренесуваат дека полицијата вршела и претрес во нејзиниот стан и во други простории, со цел пронаоѓање други траги и предмети од кривичното дело.

притисни ентер