Демократска Партија на Турците ја поздравува одлуката за предвемени парламентарни избори

Ние како Демократска Партија на Турците на Северна Македонија, ја поздравуваме одлуката за одржување на предвемени парламентарни избори, се наведува во партиското соопштение. 

ТДП како најстара и најискусна политичка партија на Турците во Република Северна Македонија, секогаш е подготвена да одговара и да дава отчет пред своите гласачи.

Според нас, одлуката донесена на лидерската средба која се одржа по иницијатива на претседателот на државата за одржување на предвремени парламентарни избори, откако нашата земја не успеа да добие зелено светло за добивање на датум за започнување на целосни преговори за членство во ЕУ, е правилна.

ТДП верува дека во периодот што следи, сите треба да се ангажираме за фер и демократски избори, за да докажеме дека сме зрели како општество и дека сме спремни за новите предизвици во државата и во меѓународната арена. Додека од друга страна, од големо значење е да се превземат сите неопходни мерки со цел обезбедување на правична и соодветна застапеност на сите граѓани кои живеат во Република Северна Македонија.

Особено, спроведувањето на моделот на една изборна единица со отворени листи која ќе ја рефлектира реалната слика на населението а посебно на Турците и другите помалубројни народи во парламентот, е од суштинско значење за целосна демократизација на нашата земја.

Се надеваме дека сите политички партии без разлика дали се на власт или опозиција ќе изнесат силна волја за спроведување на горе наведеното.

Пожелуваме наредниот период да биде по просперитетен за нашата земја, со превземање на по одлучни чекори за демократизација на државата со тоа што ќе бидат постигнати предвидените социо-економски услови еднакви за сите граѓани на нашата заедничка земја Република Северна Македонија.

Демократска Партија на Турците

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

притисни ентер