Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави ратификацијата на Протоколот за НАТО од страна на САД

Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ упати писмо до американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во кое изразува благодарност за ратификацијата на Пристапниот протокол за НАТО од страна на Сенатот.

– Во овие сензитивни моменти, моменти на едно разочарување од одлуката на Советот на ЕУ да не почнеме пристапни преговори, една ваква вест дека САД, наш силен стратешки партнер ни оддава признание и брза шанса за влез во Алијансата го враќа оптимизмот, но и дава сигурност дека нашата приказна ќе биде успешна, се вели во писмото.

Од пратеничката група упатуваат благодарност и до поранешниот американски амбасадор Џес Бејли и неговата заменичка Микаела Швајцер Блум, кои, како што се вели, несебично и гласно допринеле за унапредување на македонско-американското пријателство со поддршка на реформите во правосудството, заштитата на животната средина, можностите за младите, поддршка во образованието и на развивањето на демократските принципи. 

Скопје го одбележува Денот на ослободувањето

Со повеќе активности денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

По тој повод, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ. Средбата ќе се одржи во кабинетот на градоначалникот.

Потоа, делегација на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, во Алејата на заслужните граѓани, на гробот на генерал Михајло Апостолски во Бутел и пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.

Според програмата, во 14 часот во Градскиот трговски центар ќе биде отворена нова галерија.

Настаните за чествување на Денот на ослободувањето на Скопје ќе продолжат вечер во 20 часот, каде што свечено ќе бидат доделени наградите „13 Ноември" на Град Скопје за 2019 година.

На 13 ноември пред 74 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер", која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот. /МИА

Почнува 8. самит „Македонија 2025"

Во Скопје од денеска до петок ќе се одржи осмото издание на самитот „Македонија 2025", водечка регионална платформа за споделување знаења, поврзување бизниси и инспирирање промена во Југоисточна Европа.

На тридневната програма на самитот се 10 панел-дискусии и засебни тематски сесии, на кои се најавени 50-тина говорници од државава и странство.Во фокусот на самитот се иновациите и нивното влијание во заштитата на животната средина, иднината на работните места и вештините.

Најавени се дискусии и за глобалните економски и геополитички трендови, можностите за финансирање мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски дигитални платформ-компании./МИА

Собраниска делегација на семинар за социјални медиуми во Европарламентот

Во состав на собраниската делегација се пратеничките Шпреса Хадри, Владанка Авировиќ, Славица Шуманска-Митева и Слаѓана Митовска.

Во рамки на Програмата за поддршка на парламентите од земјите од Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, денеска и утре во Брисел ќе се одржи семинар за социјални медиуми на кој ќе учествуваат пратенички од Собранието на Македонија.

Во состав на собраниската делегација се пратеничките Шпреса Хадри, Владанка Авировиќ, Славица Шуманска-Митева и Слаѓана Митовска.

Учесничките на семинарот ќе остварат билатерални средби со претседатели и членови на различни комисиии, претседатели на делегации на Европскиот парламент, пратеници од Србија и од Црна Гора, европратеници, претставници на Европската комисија и на Советот на Европската Унија и други, соопшти собраниската Прес-служба.

Целта на семинарот, како што се посочува во соопштението, е да се споделат искуствата на Македонија, Србија и Црна Гора во доменот на социјалните медиуми./МИА

притисни ентер