Филипче во Тетово: Здравството е на прав пат, лекови достапни за сите, покачени плати за докторите, подобри услови за работа

Во своето обраќање пред присутните на граѓанската трибина „На прав пат" во Тетово, Венко Филипче, претседателот на Комсијата за здравство се осврна на реформите во здравствениот систем.

Филипче  нагласи дека во последните две години, покачена е платата за 10% на медицинските сестри и 15% на докторите специјалисти.

- Инвестираме и во младите лекари, за да го зајакнеме кадарот во здравството, но и нашите млади доктори да останат во јавното здравство и да работат дома, истакна Филипче додавајќи дека еднаш по завршувањето на образованието тие имаат отворени врати во здравствените установи.

Воведовме три нови инсулини и набавивме дополнителни 10 инсулински пумпи. Дијабетичарите имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет. Ја сузбивме епидемијата предизвикана од невакцинирање на децата за само 6 месеци, не можеме да дозволиме деца да ни умираат, од болест која може да се спречи со вакцина и затоа инсистиравме на почитување на законите, рече Филипче.

Тој истакна дека е започната е постапката за изградба на нов Клинички центар во Скопје кој е најголемата инвестиција во здравството и кој ќе пружа интегрирани здравствени услуги,се наведува во соопштението на СДСМ.

Министерот Исмаили учестуваше на 8. Меѓународен културен форум во Санкт Петербург

Министерот за култура Хусни Исмаили во рамките на работната посета на Руската Федерација, вчера присуствуваше на свеченото затворање на 8. Меѓународен културен форум, кој од 14 до 16 ноември се одржа во Санкт Петербург.

Министерот Исмаили како дел од своето учество на Форумот, имаше обраќање на панел-дискусијата „Националните медиуми – телевизиите во словенските држави", која се одржа во организација на Форумот на словенските култури кој годинава одбележува 15 години од своето основање. Исто така, министерот за култура пред присутните гости реферираше и на темата „Културните рути на словенскиот свет на мапата на Европа".

Претходно, Исмаили одржа и работна средба со својот колега, министерот за култура на Руската Федерација, Владимир Медински, на која се разговараше за досегашната успешна соработка во делот на културата меѓу двете земји, но и за идните активности преку кои ќе се продлабочи пријателството помеѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Санктпетербуршкиот културен форум претставува глобален културен настан на кој учествуваат илјадници експерти од сите области на културата од целиот свет, кои годинава дискутираа на тема „Културните кодови во светот на глобализацијата".

Домаќини на настанот беа Владата на Руската Федерација, Министерството за култура на Руската Федерација и Владата на Санкт Петербург. /МИА

Францускиот нон-пејпер на разгледување во Владата, Париз бара новата методологија да се објави до јануари 2020.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година.

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки".

Како „пребавни" ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка" на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.

За нон-пејперот вчера се огласи и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочи Османи за Алсат – М.

Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.

За новата методологија Мицкоски рече дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.

– Колку време сега ќе биде потребно оваа рамка испорачана како „нон-пејпер" од Франција да биде уредена и детализирана во документ, како и колку ќе биде подолг патот за членство на Македонија. Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Документот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки. /МИА

Стопанственици бараат увоз на работници од странство

Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство.

Toa е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување.

Прашањето го постави Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица" од Струмица. Образложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020, за кој се разговараше на панел дискусијата на Локалниот економско социјален совет што се одржа во Струмица.

-И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат, додаде Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

-Градежни работници во моментот доаѓаат од Косово, а од Албанија се присутни насекаде. Измената во законот треба да се направи за признавањето на стажот, бидејќи имаме ситуација со градежни инженери кои работеле по 20 години надвор во познати компании, но нашата Агенција за вработување тоа не го препознава како стаж, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

-Јас не би давал субвенци и бенефиции на никој, туку да се намалат давачките на сите стопански субјекти и да бидеме сите рамноправни и исти, бидејќи има одредени субјекти кои прават злоупотреби во делот на бенефициите и кои придонесуваат за појава на нелојална кокуренција, а институциите тоа не може да не го знаат и сум фрапиран од инертноста, тромоста и немањето храброст да се спротивставиме на овие аномалии, рече Ванчо Чонев, стопанственик од Делчево.

И градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски забележа дека немањето доволно работна сила и одбивањето работа е голем проблем за сите.

-Јас лично сум сведок како некои луѓе одбиваат работа за 300-400 евра за нивната квалификација или не ја прифаќаат и тоа е за мене феномен. Тоа треба да се земе предвид кога се прават проекции и најверојатно тие луѓе имаат други приходи. Претпоставувам дека се работи за сива економија, која е голем проблем и можеби не е лошо да се размислува за некоја кампања или едукација за надминување на овој проблем, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Според Миле Милановиќ од „Струмичката бизнис заедница" стопанствениците активно учествуваат во креирањето на Оперативните планови и сите забелешки кои биле искажани од бизнис секторот биле имплементирани во планот за 2019 година.

-Убаво е за оперативниот план за 2020 година да се слушне гласот на „Струмичката бизнис заедница". И оваа година наша забелешка е синхронизирано, односно хронолошки и пред време да ни ги најават мерките за да може да ги внесеме во нашите развојни планови во компаниите и во развојните планови за зголемувањето на бројот на работниците, рече Милановиќ, кој се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар" смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката „Гаранција за млади" е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем./МИА

притисни ентер