МЗ: Се воведува двојно читање на мамографските слики за рано откривање рак на дојка

Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки.

Првпат од функционирањето на мамографски скрининг Министерството за здравство воведува значајна новина за двојно читање на мамографските слики, со што мамографските снимки за рано откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози.

Како што информира Министерството за здравство, овој начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите мамографски центри во Скопје – ГОБ „8 ми Септември", Институт за радиологија и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски" (стара градска), како и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид за што е направена надградба на националниот електронски систем МојТермин. Оваа новина, додаваат од министерството, е воведена со цел максимално да се зголеми бројот на лица заболени во рана фаза од болеста.

Истовремено, Националната комисија за спроведување на скринингот на рак на дојка повеќе од една година работи согласно европските насоки за обезбедување квалитет во насока на потребна апаратура, начин на снимање и читање на сликите, како и зајакнување на човечките ресурси.

-Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. Со новата софтверска програма ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на кои што се прикажуваат и радијациските дози што ги добиваат пациентите. Токму месец октомври е месец за превенција од рак на дојка, за таа цел потсетуваме да направите самопреглед на дојка, да закажете ЕХО на дојка преку вашиот матичен лекар, а доколку сте на возраст од 50 до 69 години јавете се на бесплатниот телефон 0800 15 444 и закажете мамографски преглед, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

За пријавените жени од оваа возрасна група, кои ќе бидат опфатени со скринингот, мамографскиот преглед ќе биде бесплатен, а средствата се обезбедени преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања при Министерството за здравство.

Со ова, Велат од Министерството за здравство, Македонија ќе биде единствена држава во регионот која има вакви процедури за контрола на квалитетот, како што има во Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија, кои се лидери по успешност на мамографскиот скрининг.

Од Министерството апелираат сите жени на возраст од 50 до 69 години, кои ќе бидат поканети на скринингот да се јават на закажаниот преглед, бидејќи раната дијагностика е клучна и спасува животи. Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, но доколку се открие во рана фаза значително се намалува процентот на смртност.

Стотина приведени на протест во Ереван поради разграничувањето со Азербејџан

Ерменската полиција приведе стотина демонстранти кои го блокираа сообраќајот во Ереван поради договорот со кој ерменскиот премиер Никол Пашинјан се согласи да отстапи неколку погранични области на соседен Азербејџан.

Британските медиуми јавуваат дека полицијата насилно ги растера демонстрантите кои го блокираа сообраќајот во центарот на градот, откако претходно тие ја одбија наредбата да се разотидат.

На состанокот на претставниците на Баку и Ереван на 19 април беше постигнат прелиминарен договор за разграничување во близина на осум погранични села.

Во вторникот на границата меѓу Азербејџан и Ерменија, согласно договорите за определување на државната граница, беше поставен првиот граничен премин. Преминот е поставен во рамките на работата на дефинирање на координатите врз основа на геодетските мерења на површината, пренесе агенцијата Азертас, повикувајќи се на канцеларијата на азербејџанскиот вицепремиер, Шахин Мустафаев. /МИА

Џафери - Лапсли: Македонија е ценета членка на Алијансата

Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли во рамки на неговата посета на Скопје.

Премиерот Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли, и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05% од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.

Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на Алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционираше и како еден од столбовите на регионалната стабилност.

На средбата, двете делегации имаа можност да поразговараат за Самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на Алијансата, како и за актуелните одбранбени планови, имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.

Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката која земјите-членки, вклучително и Македонија, ја даваат за Украина.

Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли, беше истакнато дека Македонија е ценета членка во Алијансата, имајќи го предвид целокупниот придонес кој досега го има дадено. Алијансата е по обединета и посилна од кога било во нејзината историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.

ВМРО-ДПМНЕ: Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати

Да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија.

Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.

Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.

На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.

По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.

Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер