13,7 милиони евра за електронскиот систем за наплата на сите патарини

Со 13,7 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР и Буџетот, ќе се воведе електронски систем за наплата на сите патарини, со што ќе се забрза транспортот, ќе се олесни протокот на возила и ќе се намали метежот. 

Средствата во износ од 13 милиони евра се од ЕБОР, а државата обезбедува 700 илјади евра. Договорот за користење на средствата од ЕБОР беше потпишан денеска во Скопје од страна на министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов. На потпишувањето на Договорот присуствуваше и минситерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Со проектот се предвидува надградба и модернизација на постојните наплатни станици за патарина долж Коридорот VIII, изградба на три нови наплатни станици за патарина на автопатски делници што се во тек на изградба – две на автопатoт Миладиновци-Штип и една на автопатoт Кичево-Охрид. Се предвидува инсталација на опрема за поврзување на надградените и новите наплатни станици за патарина со оперативниот центар за патарини во Петровец. Издвоени се средства за дизајн и изградба на дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица за патарина на Миладиновци долж Коридорот VIII.

Со проектот е предвидено и инсталирање фотоволтаични соларни панели на сите постојни и нови наплатни станици за патарина, кои се градат на целата автопатска мрежа.

Со воведувањето на електронскиот систем на патарините се очекува зголемување на ефикасноста на протокот на возила и зголемување на приходите од патарини. За три месеци, како што рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, граѓаните го прифаќаат овој начин на наплата и дека се издадени 9.200 електронски картички и тагови за наплата на патарина кои се применуваат на патарините долж Коридорот 10.

Китанов е задоволен од наплатата и вели дека таа изнесува 98 проценти. Зголемената наплата, според него, се должи на максималната контрола и тоа дека се патува повеќе и очекува годинава да се наплатат повеќе средства од патарина од претходната година кога биле прибрани максимален износ.

Електронскиот систем за наплата е дел од интелегентниот транспортен систем со кој ќе се модернизира транспортот и ќе се зголемиме функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата.

– Наша конечна цел е да создадеме хармонизиран транспортен сектор, интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, кој ќе го стимулира економскиот развој на земјата и ќе биде од бенефит не само за граѓаните денес, туку и за генерациите што следуваат, рече Сугарески.

Министерката за финансии Ангеловска истакна дека вложувањето во подобра инфраструктура е еден од клучните приоритети на оваа Влада.

– Приоритет е и подобрувањето на услугите кои ги добиваат граѓаните од државата. Од таа причина, договорот кој го потпишуваме денеска со Европската банка за обнова и развој е од исклучително значење за сите нас. Со имплементација на овој договор ќе се обезбеди побрз и полесен транспорт, без гужви на патарина, зголемена безбедност во сообраќајот, и воведување на електронски систем за патарини на територијата на целата земја, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа додаде и дека преку проектот ќе се подобри ефикасноста на наплатата на патарини, што пак ќе придонесе зголемување на обемот на приходи на ЈПДП и нивно користење за подобрување на одржување на патната мрежа во земјава.

Директорот на Канцеларијата на ЕБОР истакна дека Банката поддржала седум проекти во патната инфраструктура во земјата во висина од 360 милиони евра.

Тој посочи дека овој проект е всушност втора фаза од спроведувањето на централизираниот електронски систем за наплата на патарини.

– Со проектот ќе се поддржи користењето обновлива енергија од фотоволтаични соларни панели за снабдување на сите наплатни станици за патарина ширум земјата со енергија. Воедно, овој проект ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови бидејќи ќе се намали времето на чекање за корисниците на патиштата на Коридорот VIII, рече Аранитаси, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава.

Условите под кои се зема заемот од ЕБОР се исклучително поволни – каматната стапка од 6-месечен ЕУРИБОР плус 1 отсто, односно во моментот еден отсто камата, рок на отплата од 15 и пол години со грејс-период од четири години./МИА

Италијанскиот министер за одбрана, Кросето во посета на Косово

Кросето во базата на НАТО ќе ги посети војниците од италијанскиот контигент на КФОР.

Министерот за одбрана на Италија, Гвидо Кросето допатува претпладнево во Косово, каде што ќе се сретне со неговиот хомолог, косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци и со командантот на мисијата на НАТО во земјата КФОР, Озкан Улуташ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на италијансаката амбасада во Приштина се наведува дека Кросето во базата на НАТО ќе ги посети војниците од италијанскиот контигент на КФОР, на кои ќе им го честита вториот ден од тридневието на католички Велигден, Велик петок.

- Авионот со италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето штотуку слета во Приштина. На дневен ред се разговори со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци и со командантот на КФОР, Озкан Улуташ. Во базата на НАТО во „Филм Сити“ министерот ќе го поздрави италијанскиот контингент распореден на Косово, се вели во соопштението на Амбасадата на Италија во Косово. /МИА

Манолева: Болницата во Отешево со комплетно нов лик по 43 години

Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО.

Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.

„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.

Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.

Министерство за здравство

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Зголемувањето на температурите и екстремните временски настани се очекува да имаат глобално влијание на земјоделството. 

Според новата студија на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК), зголемените просечни температури би можеле да ја зголемат годишната инфлација на храната до 3,2 отсто годишно, а вкупната инфлација до 1,18 отсто годишно до 2035 година.

Во студијата, истражувачите наведуваат дека климатските фактори, како што се високите температури и екстремните врнежи, влијаеле на инфлацијата во историски контекст, но не направиле посебна анализа за тоа кои прехранбени производи најверојатно ќе бидат најмногу погодени.

„Откривме дека зголемувањето на температурите може да доведе до повисоки цени на храната, особено во топлите региони и годишните времиња“, рече д-р Макс Коц, еден од авторите на студијата.

„Во идните климатски услови, овие влијанија би можеле да станат големи - проценети на 1-3 процентни поени годишно врз инфлацијата на храната до 2035 година, загрозувајќи ги целите за стабилност на цените на централните банки, како што е ЕЦБ, која има за цел да ја задржи инфлацијата под 2 отсто“, додаде Коц.

Во исто време, вкупната инфлација може да расте во просек за 0,32-1,18 процентни поени секоја година на глобално ниво, се вели во студијата.

Зголемените или нестабилните цени ја загрозуваат економската и човечката благосостојба, како и политичката стабилност, се наведува во извештајот, цитирајќи податоци на ОН дека кризата на трошоците за живот во 2021-2022 година турна во сиромаштија дополнително 71 милион луѓе ширум светот.

Инфлацијата предизвикана од климата влијае подеднакво и на богатите и на сиромашните земји. Се очекува глобалното затоплување да влијае на инфлацијата на храната и на вкупната инфлација и во земјите со високи и со ниски приходи.

Инфлацијата расте како што растат температурите, а најсилно се јавува во лето и во топлите региони на пониски географски широчини, каде што ќе се задржи во текот на целата година. Поради оваа причина, според студијата, глобалниот југ, особено Африка и Јужна Америка, ќе бидат погодени во поголема мера.

Студијата внимателно го разгледува исклучително топлото европско лето во 2022 година, кога жештината и сушата имаа големо влијание врз земјоделството и економијата.

„Проценуваме дека исклучително топлото лето во 2022 година ја зголеми инфлацијата на храната во Европа за околу 0,6 отсто. Идното затоплување, прогнозирано за 2035 година, би го зголемило влијанието на ваквите екстремни настани до 50 отсто“, додаде Коц. /МИА

притисни ентер