Почнува Европската недела за мобилност „Пешачи со нас"

Град Скопје од денеска почнува со одбележување на Европската недела на мобилност што годинава се одржува под мотото „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед".

Во текот на оваа недела ќе бидат организирани низа настани со кои Градот ќе се обиде да ги поттикне граѓаните да ги променат навиките и почесто да користат активни начини на движење или да го комбинираат пешачењето и возењето велосипед со користење јавен превоз.

Ќе се организираат работилници и трибини посветени на активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени. Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри, а во четврток попладне, улицата „Димитрија Чуповски" ќе биде затворена за сообраќај бидејќи на коловозот ќе се организира Вело фиеста – дружење и забава за граѓаните. Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици ќе се одржи во петок.

Партнер на Град Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар", а во организирањето учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, скопски општини, средни училишта и центри на култура на Град Скопје, GIZ, Црвниот крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонската велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други./МИА

Во Македонска Каменица гласаат 6641 лице, излезноста до 9 часот 3,55 проценти

Во Македонска Каменица во рамки на Претседателските избори 2024 денеска треба да гласаат 6641 лица, кои се регистрирани во избирачкиот список. Гласачките места во оваа Општина биле отворени навреме, а гласањето се одвива без било какви проблеми.

До 09:00 часот кога е направен првиот пресек за излезноста на граѓаните од Општинската изборна комисија соопштија дека 3,55 е процентот на граѓани кои го оствариле своето право на глас

- Од вкупно регистрираните гласачи до 09:00 часот гласале вкупно 236 лица или 3,55 проценти од гласачите во Македонска Каменица го искористиле своето право на глас, информираа од ОИК.

Гласањето, како што додадоа, продолжува на избирачките места на кои граѓаните можат да го дадат својот глас за еден од седуммината кандидати за Претседател на државата.

Во меѓувреме, Општинската изборна комисија во соседната општина Делчево соопшти дека до 09:00 часот таму гласале 818 лица од вкупно 14.490 регистрирани гласачи што во проценти изнесува 5,65 проценти. /МИА

Жиру следната сезона ќе игра во американската лига

Оливие Жиру следната сезона ќе игра во американската МЛС лига.

Прославениот француски репрезентативец веќе потпишал договор на една и пол година со Лос Анџелес.

Напаѓачот во кариерата постигна 57 гола на 131 натпревар за Франција, а во новиот клуб ќе му се приклучи на долгогодишниот репрезентативен колега, голманот Хуго Лорис со кој го освои Светското првенство во 2018 година.

Французинот уште во март постигна договор со тимот од Лос Анџелес, а сега договорот е и официјално потпишан.

Жиру кариерата ја започна во Гренобл, потоа играше за Тур, Монпеље, потоа Арсенал, Челси, додека претходните три години играше за Милан, со кој беше и шампион на Италија.

Оваа сезона во сите натпреварувања за Милан Жиру постигна 15 голови. /МИА

Шест повредени во руски напад врз Харков

Руски ракети погодија изутрината станбени згради при што се повредени шест лица во украинскиот град Харков, напиша локалниот регионален гувернер Олег Синегубов на Телеграм.

Според Синегубов, во нападот биле погодени три станбени згради, две канцеларии и гасовод во централниот дел на градот. Оштетени се најмалку 568 прозорци и 33 автомобили.

Игор Терехов, градоначалникот на Харков, за украинската телевизија изјави дека во нападот биле употребени две ракети С-300, кои не предизвикале значителна штета на станбените области.

Според руски медиуми, во нападот се погодени воените бази во Харков, каде биле стационирани украински војници.

Терехов рече дека продолжува работата за обновување на снабдувањето со гас. /МИА

притисни ентер