Во велешкиот театар вечерва премиера на комедијата „Одам на лов"

На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов"-Џинот" вечерва од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Одам на лов" .

„Одам на лов" е со поднаслов Комедија на вонбрачни заплети од францускиот автор Жорж Фејдо, во режија на Деан Дамјановски и драматургија на Сашо Димоски.

Ова е прва претстава во новата театарска сезона 2019/20120 и втора претстава која годинава се финансира од Министерството за култура.

„Одам на лов" е напишана во 1892 година и досега е поставена на многу сцени во светот. Во Велешкиот театар била поставена првпат во 1969, вторпат во 1993, а ова е нејзина трета поставка.

Режисерот Деан Дамјановски вели дека „Одам на лов"е комедија на вонбрачни заплети во која двајцата сопружници, парот Дишотел, решаваат секој одделно да направи брачна изневера. Но, сплетот на околности е таков што и пред двајцата се појавуваат многу пречки за да ги остварат своите намери, со што влегуваат од една во друга комична ситуација. Претставата е класична комична фарса во насока на излегување од нејзиниот херметизам и отворање кон актуелниот општествено социјален момент.

– Ова е комедија на ситуации, заплети којшто треба многу внимателно да бидат пласирани на сцена, многу точно и прецизно од страна на актерите. Мислам дека тоа е еден предизвик за овој ансамбл на Велешкиот театар и школо за добар тренинг за актерска техника. Воедно, се работи за напорна претстава посебно на носителите на поглавните улоги, истакнува Дамјановски.

Во претставата настапуваат Маја Љутков, Фаик Мефаиловски, Васил Зафирчев, Самоил Стојановски, Жарко Спасовски, Кети Борисова, Талија Настова и Исидор Јовановски – млад нововработен актер во Велешкиот театар на кого ова му е прва премиера.

Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Елена Вангеловска, изработката на костими на Раде Василев, а изборот на музиката на Горан Трифуновски – Пајак.

Младиот актер Јовановски вели дека не му било досадно на пробите. – Можеби тоа е суштината на нашата професија да бидеме посветени и да уживаме во секој дел од секундата на сцена, што го препознав кај сите колеги, а кои морам да признам многу топло ме примија како нов член, што го нема во сите театарски колективи, оценува Јовановски.

Според актерката Маја Љутков, претставата ќе има долг век, а слично мислење има и актерот Васил Зафирчев, кој го игра ликот на Морис, кој смета дека станува збор за богата претстава која ќе трае прилично долго, со убава сценограгија и костими и со интензивна забавна актерска игра.

Претставата веќе на 5 октомври ќе биде изведена на Фестивалот на комедијата „Бацко Ѓорѓија" во Куманово./МИА

Кралството Норвешка донира 76 возила за Армијата на Македонија

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде предадена донација од 76 моторни возила од Кралството Норвешка. 

- Седумдесет и шесте моторни возила, од кои триесет и шест се лесни пешадиски моторни возила од типот Мерцедес бенз- 290ГД, Мулти 2 и четириесет товарни моторни возила камиони Сканија-П3, се последен од досегашните многубројни проекти на континуирано одличната соработка во полето на одбраната помеѓу Република Македонија и Кралството Норвешка, велат од Министерството за одбрана.

На настанот ќе се обратат министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Кралството Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

На чинот на официјалното предавање ќе присуствува и раководството од Министерството за одбрана и Генералштабот, генерали во Армијата и команданти од единици.

Санчез до понеделник ќе размислува дали да остане шпански премиер

Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера изјави дека пет дена ќе се повлече од јавноста за да размисли дали да остане премиер, откако судот во Мадрид отвори истрага против неговата сопруга под обвинение за корупција.

Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријави 59-годишната Бегоња Гомез пред судот во Мадрид дека, како сопруга на премиерот, дала писма со препораки со нејзин потпис на претприемачите кои се пријавиле на јавни тендери.

Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес добила десет милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Претприемачот подоцна основал постдипломски курс кој го води Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, објави шпанската телевизија ТВЕ.

Во извештајот се споменува и односот на сопругата на премиерот со компанијата “Глобалија“ (Globalia), која беше спонзор на тинк-тенкот „Africa Center del Instituto de Empresa“ управуван од Гомез.

Шпанската влада употреби 600 милиони евра народни пари за да ја спаси авиокомпанијата „Ер Европа“, која е во сопственост на Глобалија.

Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница. /МИА

Променливо облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени Целзиусови.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

притисни ентер