Заев: Разочаран сум од исходот на средбата, барањето на опозицијата против секоја логика

Груевизам до доцна во ноќта, барање против секоја логика, против ЕУ и НАТО, против вредностите и принципите.

Вака премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција го оцени исходот од синоќешната лидерска средба и единствениот услов, кој, како што рече, го поставил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Разочаран сум од исходот на лидерската средба. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложбите на своите претходници. Се потрудивме да излеземе во пресрет, но ВМРО-ДПМНЕ единствено бара предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, рече  Заев додавајќи дека  правда и правна држава мора да има и ќе има.

Според него  предметите од СЈО ќе продолжат да се процесуираат./МИА

МФ:Преку грант од МСИП-проектот Илинден доби скејт-парк

Инаку, општината го доби грантот за изградба на скејт паркот врз основа на друг успешно реализиран проект.

Со грант средства од 47,5 илјади евра преку Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП, кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка, општина Илинден доби нов скејт парк на површина од околу 500 метри квадрати, соопшти Министерството за финансии.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочува дека преку овој проект поддржан од МСИП, граѓаните, пред се младите во општината добиваат место за дружење, рекреација и спортување, додека општината ја збогатува понудата на содржини што ги нуди на своите граѓани.

Инаку, општината го доби грантот за изградба на скејт паркот врз основа на друг успешно реализиран проект, исто така, финансиран преку проектот на Министерството за финансии МСИП – односно реконструкцијата на локалниот пат Кадино и реконструкција на два моста. Патот е во должина од километар и пол и е од големо значење за општината, бидејќи ја поврзува со главниот коридор Скопје-Атина. Воедно, тој овозможува и поврзаност со локалната економска зона на општината, каде што се лоцирани повеќе од 70 компании.

Преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП изминатите две и пол години се поддржани над 160 проекти во 80 општини во земјава во вредност од 30 милиони евра. /МИА

Одложени сите претстави во кумановскиот театар до 6 март

Кумановскиот театар ги одложи закажаните претстави до 6 март, годинава, согласно препораките на Владата за неодржување јавни настани, соопштија денеска надлежните од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев" Куманово. 

Вчера беше откажана една претстава во Кумановскиот театар.

-Одложен е театарскиот маратон што беше предвиден да се одржи наредната недела од 5 до 7 март, на кој беа предвидени да се одржат по две претстави тие денови за симболична цена како и премиерата на детската претстава „Трнорушка" која беше закажана за 4 март, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Од НУЦК „Трајко Прокопиев" информираа дека дополнително ќе известат за одржување на термините за претставите. /МИА

Да се преземат мерки доколку се утврди неосновано зголемување на цените во аптеките на заштитни средства за коронавирусот

Владата на Република  Македонија ја поздравува одлуката на институциите и организациите на централно и на локално ниво кои одлучија да ја прифатат препораката да се откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година.

Владата, како што стои во соопштението, ги охрабрува сите останати, како и сите граѓани, да ја почитуваат препораката и со тоа да покажат одговорност и да дадат придонес за спречување на ширењето на коронавирусот.

Ќе се спроведе во целост задолжението до Пазарната инспекција и до Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да се направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за спречување на пренесувањето на вирусот во аптеките, и доколку се утврди неосновано покачување на цените ќе бидат преземени мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата на Македонија,се додава, ги уверува граѓаните и јавноста дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати, и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно. /МИА

притисни ентер