ОЈО испрати допис до СЈО за преземање на предметите

Основното јавно обвинителство испрати допис до Специјалното јавно обвинителство во врска со преземањето на предметите, потврдија попладнево од ОЈО.

Дописот за преземање на предметите следува по неодамнешното известување што од притвор го испрати специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со кое даде овластување сите предмети на СЈО да ги преземе ОЈО./МИА 

Одложени сите претстави во кумановскиот театар до 6 март

Кумановскиот театар ги одложи закажаните претстави до 6 март, годинава, согласно препораките на Владата за неодржување јавни настани, соопштија денеска надлежните од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев" Куманово. 

Вчера беше откажана една претстава во Кумановскиот театар.

-Одложен е театарскиот маратон што беше предвиден да се одржи наредната недела од 5 до 7 март, на кој беа предвидени да се одржат по две претстави тие денови за симболична цена како и премиерата на детската претстава „Трнорушка" која беше закажана за 4 март, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Од НУЦК „Трајко Прокопиев" информираа дека дополнително ќе известат за одржување на термините за претставите. /МИА

Да се преземат мерки доколку се утврди неосновано зголемување на цените во аптеките на заштитни средства за коронавирусот

Владата на Република  Македонија ја поздравува одлуката на институциите и организациите на централно и на локално ниво кои одлучија да ја прифатат препораката да се откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година.

Владата, како што стои во соопштението, ги охрабрува сите останати, како и сите граѓани, да ја почитуваат препораката и со тоа да покажат одговорност и да дадат придонес за спречување на ширењето на коронавирусот.

Ќе се спроведе во целост задолжението до Пазарната инспекција и до Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да се направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за спречување на пренесувањето на вирусот во аптеките, и доколку се утврди неосновано покачување на цените ќе бидат преземени мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата на Македонија,се додава, ги уверува граѓаните и јавноста дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати, и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно. /МИА

Сообраќајка во Куманово, едно лице загина, едно е повредено

Едно лице загина, а друго е повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случила утрово во Куманово, соопштија од Итна помош Куманово.

Од итната помош додаваат дека повреденото лице е префрлено на лекување во скопските клиники.

Сообраќајната несреќа се случила околу 6 часот на булеварот „Октомвриска револуција" во близина на реонскиот пазар.

Од СВР Куманово потврдија дека се случила сообраќјна несреќа  и најавија дополнителни информации во текот на денот. /МИА

притисни ентер