Дваесет и двајца натпреварувачи утре ќе пливаат на 33. Охридски маратон

Дваесет и двајца натпреварувачи од кои 14 во машка и осум во женска конкуренција од осум држави, се пријавени учесници на 33-тиот Меѓународен маратон.

Во организација на Светската пливачка федерација (ФИНА) утре ќе се плива на патеката „Климе Савин" на Охридското Езеро.

Стартот на 25 километарската трка е закажан за точно напладне од кај Свети Наум, до целната линија пред Градското пристаниште во Охрид. Првите маратонци се очекува на целта да пристигнат некаде околу четири до четири и пол часа подоцна.

Александар Маленко, претседател на Пливачката федерација на Македонија на денешната прес-конференција по повод најголемата спортска манифестација во земјата, истакна дека оваа година прв пат организаторот на традиционалниот Охридски пливачки маратон воведува електронско следење на пливачите, како и мерење на времето, согласно светските правила и станадарди.

– Технички сме подготвени за добра трка, последните подготовки се во тек, патеката е проверена и одбележана, се надеваме дека и времето ќе послужи иако временската прогноза зборува поинаку, рече Маленко.

Претставниците на ФИНА се задоволни од текот на подготовките за трката и севкупните активности на Македонската пливачка федерација околу организирање на пливачките спортски настани на Охридското Езеро.

– Фактот што во две седмици во Охрид се одржуваат три маратонски пливачки трки во рамки на куповите на Европската и Светската пливачка федерација само потврдува дека се работи за извонредна организација, благодарение на Пливачката федерација на Северна Македонија. Сите подготовки се одвиваат тековно и навремено, езерото е прекрасно само по себе, гостопримливоста е веќе добро позната, така што нема никакви пречки утре да имаме одлична трка, изјави делегатот на ФИНА, Жан Пол Нарс.

Македонската спортска делегација на охридскиот маратон овојпат брои тројца пливачи, и тоа Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и младиот Леонид Мишевски. Поп Ацев после три одржани маратони во рамки на серијата на ФИНА е на второто место, со само три бода заостанување зад Едуардо Стокино од Италија, кој исто така ќе плива утре во Охрид,

– Од 2009 година сум учесник на Охридскиот маратон, така што искуството е тука, патеката ја знам напамет. Како и минатите години секогаш сме пливале неизвесно до самиот крај, со мала разлика меѓу првите кои стигнале на целта. Такво е модерното пливање, сите сме некаде тука, така што ќе биде доста интересно. Најавите за можни грмотевици во текот на трката не се проблем за пливачите така што очекувам добра трка, рече Поп Ацев.

На стартот на маратонот утре ќе го видиме и Аксел Рејмонд, двократниот светски првак во пливање на 25 километри од Будимпешта и Гуанжу, како и рекордер на 30 километарскиот Охридски маратон (2013 година), што до пред две години се пливаше тука.

Наградниот фонд за утрешниот маратон што се плива под покровотелство на претседателот на Македонија изнесува 15.000 долари. Инаку, охридскиот маратон е четврти од серијата шест трки што се одржуваат во рамки на Светскиот куп на отворени води на ФИНА. До крајот на оваа сезона после маратонот во Охрид преостануваат уште трките во Хрватска и во Италија./МИА

Ковачевски: 30.000 просечна пензија за достоинствен живот на пензионерите

Гарантираме 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија за достоинствен живот на нашите пензионери,на оние кои ја изградија државата, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Струга.

За пензионерите обезбедуваме и многу други финансиски мерки за поддршка, порача Ковачевски, презентирајќи ги пред стружани мерките предвидени во програмата за европска Македонија на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.

Ковачевски нагласи дека во изминатиот период СДСМ обезбеди достоинствени примања за пензионерите и ги зголеми пензиските примања за 55%.

Јасно ми е дека очекувањата се поголеми, ние сме подготвени да работиме ден и ноќ, додаде тој.

-Јас и моите другари од СДСМ и од коалицијата за европска Македонија сме подготвени да работиме ден и ноќ за да го реализираме барањето на граѓаните за попросперитетна држава, со новата програма за европска иднина. Оваа програма е реална, остварлива и нема откажување додека секој ред од неа не стане наша реалност. , рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски попладнево во Струга, се наведува во партиското соопштение.

Пендаровски од Шуто Оризари:Македонија ќе оди напред само ако ги вреднува сите етнички заедници

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва од Шуто Оризари порача дека Македонија, како мултиетничка земја, може да просперира и да оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници.

„Ромите за мене се еднакви како и сите останати граѓани. Јас не ги разликувам луѓето по нивната верска или етничка припадност. Кај мене можел да дојде секој што ќе посака, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин или Ром, дури и ако не гласал за мене,“ истакна Пендаровски и додаде дека во нашата земја има врвни интелектуалци Роми кои придонесуваат за развој на нашата заедничка татковина.

Во насока на афирмација и поголема видливост на Ромите во општеството Пендаровски посочи дека во рамки на неговиот тим како претседател има советничка која ги адресира проблемите и предизвиците на Ромите.

„Секогаш кога некој бара помош од мене, помагам во рамки на моите надлежности, но и надвор од нив. Се јавувам кај пријатели, пратеници, доктори. Мора да бидеме солидарни и да им помагаме на послабите, на маргинализираните", заклучи Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Силјановска-Давкова: Пендаровски на многу закони стави вето, време е тој да добие вето!

Профероската Гордана Силјановска-Давкова од Кратово порача: Пендаровски на многу закони, а и на најважниот, Кривичниот законик не стави вето, време е граѓаните да му стават нему вето!

Во својот говор Професорката Горданa Силјановска -Давкова порача:

Пендаровски на многу закони, а и на најважниот, Кривичниот законик не стави вето, време е граѓаните да му стават нему вето!

Осум години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да се направи евалуација или реевалуација на сите кандидати во поглед на имотот или во поглед на стореното.

Но, три пати да се залагате за нешто, а да не направите ни еден чекор кон тоа, мислам дека ве предупредува дека треба сами да си ставите вето на она што го ветувате, а не го исполнувате! Можеби така го замислува претседателот ветото! Јас не знам како го замислува! Како нешто што постојано го ветува, ама крајно време е: Вето да си стави сам, дека нема да измислува! А мислам дека и вие треба вето да му ставите.

Ние кога го критикуваме ДУИ, не ги критикуваме албанците. Кога ги критикуваме одлуките на коалицијата, не тргнуваме од етнички или верски пориви, туку од нивната длабока вмешаност во корупцијата и криминалот!

Мислам дека најважната битка што мора да почне на 24-ти, а да биде потврдена со најголема можна брзина во иднина, е бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот! Корупцијата и криминалот немаат никаков етнички или религиозен предзнак! Не!

Меѓутоа, ни економија, ни образование, ниту култура, ни земјоделие, не може да се развиваат без правна држава во која сите ќе бидат под Уставот и законите! Во која нема да има селективно судство, ниту несанкционирање на потезите на многу други оти веќе бегање нема!

Во последниот извештај на Фридом хаус до нас е упатена порака: - Крајно време е да престанеме да бидеме хибриден режим кој се врти во корупцијата и криминалот! Крајно време е стручноста и компетентноста да бидат важечките критериуми за влез во било која професија, за било која функција! Така не само што ќе ги задржиме најупешните и ќе ги охрабриме младите да останат тука, туку ќе се знае дека кој и да дојде на власт, државата ќе функционира. Оваа држава не функционира како правна држава!

Тука и претседалот има улога, јасно ви е. Поминаа многу закони на кои мораше да им стави вето. Еден од најстрашните е оној за измени на Кривичниот законик! Значи, тој стана соученик во стимулирањето на криминалот. Зошто? Затоа што измислуваше најразлични аргументации зошто измените се добри, па споредуваше со Германија и слично. Но, факт е дека обезбедија со тој ужасен закон, всушност легализација на корупцијата и криминалот. Односно, обезбедија заштита на корумпираните и на криминалците. Ние тоа нема да го дозволиме! На ниту едно ниво, во ниту една институција. Оти силните институции, процедурата и санкционирањето се гаранција не само за демократска, туку и за правна држава. Таквите држави се европски држави, а не државите што тие ги нарекуваат европски, како нашата. Не е европска нашата држава!

Но, верувајте ми на 24-ти и на 8-ми ќе започне поставувањето на темелите на Македонија како европска држава! Стандардна држава!, рече Силјановска- Давкова, соопшти нејзиниот тим.

притисни ентер