Ниту бесплатниот паркинг не го спречи несовесното паркирање во Тетово

Паркирање на тротоари, во зона на крстосници и кружни текови, во „двоен ред" покрај зонско паркирање, па дури и оставање на возилата на зелени површини.

Сето ова несовесно однесување на возачите се случува постојано во Тетово, но и сега во летниот период кога се направи обид со дополнителни места за паркинг да се избегне ваквата слика на тетовските улици. Ниту бесплатниот паркинг во дворовите на училиштата, како да не беше доволно да се избегне несовесноста и практиката кај дел од возачите да ги паркираат возилата на недозволени места во Тетово.

Голем број примери има низ градот во кој возилата се така паркирани на тротоари при што е целосно попречено движење на пешаците. Паркирање се прави и на зелените површини кои поради тоа се оштетуваат.

Несовеносната, но и недостигот на паркинг места се главните причини за ваквата состојба, бележи новинарот во пензија Гојко Ефтоски. Тој потенцира дека веќе со децении ја има оваа проблематика што ја следел како новинар и се соочува како жител на Тетово.

– Паркирањето кој каде ќе стигне е практика веќе со децении. И јас како новинар пред многу години имам постојани пишувано на оваа тема, која е актуелна и сега. Проблемот додуша има повеќе аспекти. Има огромен број возила и малку паркинг места, но сепак останува големата несовесност да се паркираат на тротоари и да им го отежнат движењето на луѓето. На топлово време тоа посебно е тешко за постарите лица, кои онака едвај се движат, па уште треба и да заобиколуваат кола на тротоар за да поминат преку улица. Следен проблем е немањето паркинг пред стопански објекти и институции каде понекогаш и мора да се дојде поблиску. Така е на пример кај болницата, вели Ефтоски.

Инаку во текот на јули и август во Тетово веќе неколку години наназад може бесплатно да се паркира во дворовите на училиштата поради зголемување на бројот на возила со доаѓањето на привремено вработените во странство. Одлуката заеднички е донесена со цел да се овозможи и нормален и проточен сообраќај, образложија од Полицијата и Општина Тетово. Граѓаните нивните возила можат да ги паркираат во дворовите на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ", кај старото медицинско училиште, како и кај основните училишта „Истикбал" и „Лирија".

За непрописното паркирање голем број тетовци се соочиле и со казни од полицијата.

– Полициските службеници во текот на јуни годинава изготвиле 301 поднесок за непрописно, односно погрешно паркирање на моторни возила во Тетово. Бројот на ваквите поднесоци во јули изнесувал 315, кога се утврдени возила кои паркирале во таканаречени „двојни редови", паркирање на тротоари, во зона на крстосници и во зелени површини. Најмногу од погрешно паркираните биле и подигнати од тетовската „пајак служба", со цел да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Во Тетово од 2015 година е воведено и зонското паркирање. Во зона А на булеварите „Илирија" (поранешен „Маршал Тито") и дел од булеварот „Илинденска" паркирањето чини 30 денари за еден час. Во зоната Б спаѓа зонско паркирање на повеќе улици, а еден час чини 20 денари. Казните за погрешно и непрописно паркирање се движат од 20 до 180 евра во денарска противвредност./МИА.

Проекција на „Големата вода и „Црвените булки над ѕидовите“ во Кинотека

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Во рамки на концептот на Кинотеката насловен „Разлики кои не обединуваат“, на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков „Големата вода“ снимен во 2004 година, а следниот ден, 26 април, „Црвените булки над ѕидовите“ од 1976 година во режија на Димитер Анагности.

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Како што соопштија од Кинотеката, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап.

-Но, исто така, битно е да се истакне и дека „Црвените булки на ѕидовите“ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а „Големата вода“ оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот „400 удари“ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција, потенцираат од Кинотека. /МИА

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

притисни ентер