Пензионерите од Кочани очекуваат поддршка од државата за изградба на регионален дом за стари лица

Локалната самоуправа на Кочани и Здружението на пензионери очекуваат поддршка од државниот буџет за изградба на регионалниот дом за стари лица, за што веќе е подготвен технички проект и обезбедена е соодветна локација.

Во Министерството за труд и социјална политика е оценето дека се работи за одличен проект, а министерката Мила Царовска вчера при посетата на Кочани најави дека финансирањето треба да се обезбеди за идната година.

– Усогласено е конечното проектно решение за изградба на старскиот дом што ќе има регионален карактер и сега се водат преговори за моделот на финансирање од страна на Владата. Каков и да биде тој, јас сум сигурна дека до наредната година ќе изнајдеме решение како да го финансираме и дека ќе почне да се гради и овој објект, исто така како што веќе го потпишавме Договорот за изградба на нова детската градинка во Кочани, истакна министерката Царовска.

На вчерашната работна средба во Општина Кочани на која присуствуваа и претставници од Здружението на пензионери, градоначалникот Николчо Илијев ги претстави досегашните активности за реализација на проектот, при што нагласи дека еден од приоритетите на локалната власт во наредниот период ќе биде токму грижата и заштитата на највозрасната категорија граѓани.

За изработка на техничката документација за Домот за стари лица во Кочани пред околу пет години беа вложени околу два милиони денари, од кои дел се обезбедија преку Центарот за развој на Источниот плански регион. Со овие средства беа направени и потребните геомеханички и асеизмички испитувања на земјиштето во поранешната воена касарна каде треба да биде лоциран објектот. Почетните пресметки тогаш покажаа дека за негова изградба и комплетирање е неопходна сума од над 80 милиони денари./МИА

Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

Протест на вработените во културните институции поради неисплаќање на мартовската плата

 Над три илјади вработени во културните институции од денеска почнуваат со протести поради неисплаќање на платата за месец март. 

Како што најавија, протестите ќе траат сѐ додека не добијат плата, усогласена со колективните договори. Во меѓувреме, се процесуираат и тужбите за задоцнета исплата.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот. Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто.

Претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска вчера на прес-конференција посочи дека сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата.

Таа рече и дека за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, додаде Атанасовска.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов вчера посочи дека платите треба да се исплатат согласно колективниот договор.

Според него, недозволиво е пред избори да го бараат нивниот глас, а притоа не им бидат исплатени платите.

-Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не нѐ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите, рече Трендафилов.

Поради неисплата на плата за март за околу три илјади вработени во културата и Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вчера на вонредна седница едногласно донел одлука в понеделник, 22 април, во 11 часот да организира протест пред Министерството за култура.

Исто така, на седницата на Советот на СОНК е одлучено да се отпочне и процедура и организација за генерален штрајк во сите установи од дејноста култура.

-Советот на СОНК изрази огромна разочараност од непостоењето, односно едностраното прекинување на социјалниот дијалог од страна на Министерството за култура. СОНК постои, силата на СОНК ќе ја почувствувате наскоро, напиша претседателот на СОНК, Јаким Неделков на Фејсбук.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска пред две недели посочи дека нема промена во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Напомена дека единствената промена која што е внесена во диспозитивот, е минималната плата.

Променливо облачно со повремен дожд и посвежо, до 18 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната од 10 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени.

Според УХМР, за време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.

притисни ентер