Завршува манифестацијата „10 дена Крушевска Република"

 Со спуштање на знамето на Крушевската Република на Гумење, вечерва во Крушево ќе бидат затворени Научно-културните средби „10 десет дена Крушевска Република".

На завршницата на манифестацијата концерт за посетителите ќе одржи Викторија Лоба.

Синоќа, деветтиот ден од Манифестацијата, го збогатија триото „Шербет" и Ди-Џеј Галоски со забава во градскиот парк во Крушево.

Во десетте дена на одржувањето, манифестацијата понуди бројни настани на повеќе локации во градот, меѓу кои и пречек на илинденската коњаница, чествување на 2 август – Илинден, промоции на книги и одржување на концерти, театарска претстава и трибина. 

ДОМ: Новиот Правилник поттикнува развој на зелената економија

Новиот Правилник донесен од АХВ овозможува фармерите и малите производители на храна од животинско потекло директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, со почитување на одредените хигиенски критериуми.

ДОМ ги поддржува активностите кои Агенцијата во соработка со експертите и граѓанските здруженија ги планира за носење на ваков правилник и за малите производители на храна од растително потекло, со што ќе се комплетира поддршката на локалните производители на храна.

Тоа придонесува за развој на зелената економија и отворање нови зелени работни места. Директно влијае на економското јакнење на локалните производители, поттикнување на традиционалниот начин на производство на храна, поголема понуда на овие производи и развој на руралниот и еко-туризмот. Најголеми се придобивките за локалното население, особено во недоволно развиените подрачја со што се создаваат можности за рамномерен регионален развој. Дополнително, со користење на локално произведена храна се намалува потребата од транспорт што влијае на намалување на аерозагадувањето и климатските промени./МИА

Дескоска: Проблемот за Законот за ЈО не е Јанева, туку постапките на СЈО

Каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. 

Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики, вели министерката за правда Рената Дескоска.

Другите прашања, според Дескоска, се прашања за кои има мегдан за разговор.

– Битни се принципите кои треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува дека двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот и истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност, вели министерката за правда Рената Дескоска интервју за „Независен весник".

Последната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство се одржа во јули и иако се очекуваше тие да продолжат со работа од почетокот на оваа недела, тоа не се случи.

Собраниската седница за предлог-законот е закажана за 27 август, по враќањето на пратениците од колективниот одмор. За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.

Во меѓувреме позициите на двете страни се непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека пак опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска. /МИА

Пензионерите од Кочани очекуваат поддршка од државата за изградба на регионален дом за стари лица

Локалната самоуправа на Кочани и Здружението на пензионери очекуваат поддршка од државниот буџет за изградба на регионалниот дом за стари лица, за што веќе е подготвен технички проект и обезбедена е соодветна локација.

Во Министерството за труд и социјална политика е оценето дека се работи за одличен проект, а министерката Мила Царовска вчера при посетата на Кочани најави дека финансирањето треба да се обезбеди за идната година.

– Усогласено е конечното проектно решение за изградба на старскиот дом што ќе има регионален карактер и сега се водат преговори за моделот на финансирање од страна на Владата. Каков и да биде тој, јас сум сигурна дека до наредната година ќе изнајдеме решение како да го финансираме и дека ќе почне да се гради и овој објект, исто така како што веќе го потпишавме Договорот за изградба на нова детската градинка во Кочани, истакна министерката Царовска.

На вчерашната работна средба во Општина Кочани на која присуствуваа и претставници од Здружението на пензионери, градоначалникот Николчо Илијев ги претстави досегашните активности за реализација на проектот, при што нагласи дека еден од приоритетите на локалната власт во наредниот период ќе биде токму грижата и заштитата на највозрасната категорија граѓани.

За изработка на техничката документација за Домот за стари лица во Кочани пред околу пет години беа вложени околу два милиони денари, од кои дел се обезбедија преку Центарот за развој на Источниот плански регион. Со овие средства беа направени и потребните геомеханички и асеизмички испитувања на земјиштето во поранешната воена касарна каде треба да биде лоциран објектот. Почетните пресметки тогаш покажаа дека за негова изградба и комплетирање е неопходна сума од над 80 милиони денари./МИА

притисни ентер