Еколошката категоризација на возилата нема да биде задолжителна

Ова е резултат на денешната амандманска расправа на матичната собраниска Комисија за економски прашања за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила во второ читање на која беа прифатени четири од поднесените 13 амандмани.

Еколошката категоризација на возилата нема да биде задолжителна, туку факултативна, но некатегоризираните возила нема да смеат да се управуваат во забранетите зони за движење на возила што ќе ги прогласат локалните власти во услови на зголемено загадување на воздухот и доколку ги исполнуваат условите за добивење зелена еколошка налепница. Во деновите кога има забрана ќе можат да се возат само возилата со зелена маркичка.

Зелена еколошка налепница ќе можат да добијат возилата што го исполнуваат стандардот ЕУРО 5 и повеќе, но и возила со ЕУРО 4 и ЕУРО 3 стандард во кои е вграден плински или метанов уред, како и хибридните и електричните возила. Од категоризацијата се изземаат возилата на војската, полицијата, пожарната и брзата помош, како и возила во кои се возат лица со попреченост. Тие ќе можат да се движат и во зоните каде има забрана за движење поради загаденост на воздухот. Трошокот за еколошката налепница ќе биде на товар на граѓаните, а за издавање на погрешна еколошка маркичка предвидена е глоба од 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во техничката служба.

Во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со ЕУРО 4 стандард и помалку, како и за купување на ново возило по системот старо за ново. Првично овие средства беа предвидени за субвенционирање на набавка на нови хибридни и електрични возила, но со амандманите е преиначено решението. Сепак, оние што ќе купуваат хибридни и електрични возила ќе можат да користат субвенции од програмата старо за ново возило.

Имплементацијата на законското решение ќе стартува 12 месеци по стапувањето на законот на сила со цел да се усогласи со останатите закони, а во првите три години од спроведувањето на законот ќе им се овозможи на сопствениците на возила со ЕУРО 4 стандард да добијат зелена еколошка налепница доколку побараат.

На седницата на Комисијата беа прифатени само амандманите поднесени од пратеници од владејачкото монзинство, а не беа прифатени девет амандмани поднесени од пратеници од опозицијата со кои се бараше воопшто да нема категоризација на возилата со еколошки налепници. За опозицијата донесените измени се популистички и со нив воопшто нема да се реши загадувањето на воздухот, туку ќе се казнат најсиромашните граѓани кои имаат возила со пониска категоризација и ќе се ограничи нивното движење. Наместо тоа, предлагаат државата прво да спроведе мерки за намалување на загадувањето како што е субвенционирање за вградување плински и метанов уред, па потоа да ги категоризира возилата.

Дека нема да се реши загадувањето со новиот закон за возила се согласи и заменик-министерот за економија Кире Наумов, но тој потенцира дека во секој случај категоризацијата на возилата ќе придонесе за намалување на загадувањето./МИА

Ѓоковиќ се уште не избрал нов тренер

 Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека се уште не знае кој ќе му биде тренер. Пред тоа ја прекина соработката со Горан Иванишевиќ. Србинот истакна дека Хрватот е негова драга личност и нивното пријателство нема да заврши.

-Се уште не знам точно кој ќе биде новиот тренер и дали воопшто ќе има таков. Имам тренери уште од детството, сега се обидувам да се потпрам на моите чувства и самостојно да одлучувам што ми треба, што е позгодно за мене. Ако некој се приклучи на тимот, тоа ќе биде објавено, изјави Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ и Иванишевиќ почнаа да соработуваат од 2018 година. Покрај Ѓоковиќ, Иванишевиќ беше тренер на Хрватот Марин Чилиќ, Чехот Томаш Бердих и Канаѓанецот Милан Раониќ.

Од 2018 година, Ѓоковиќ четири пати ги освои Австралија Опен и Вимблдон, како и Ролан Гарос и УС Опен по два пати. /МИА

Фифти Сент ќе бара самостојно старателство над синот

Американскиот рапер Фифти Сент ќе побара самостојно старателство над синот што го има со Дафне Џој, откако таа е посочна како наводна сексуална работничка во тужбата против музичарот Шон Комбс - „Диди“.

„Со оглед на најновите случувања и вести за вмешаноста на Дафне Џој во тужбата на Диди, Фифти Сент ќе бара самостојно старателство над неговиот син“, изјави извор близок до двојката за „Ју-ес викли“ (Us Weekly).

Портпаролот на Фифти рече дека нема коментар за овие наводи.

Раперот и Дафне беа во врска во 2011. и 2012 година. Тие се разделија набргу по раѓањето на нивниот син Сајр. По последните наводи, Фифти на својот интернет-простор објави фотографија од себе со пура и не многу пријателски коментар за поранешната девојка.

„Не знаев дека си сексуална работничка. Мала сексуална работничка. 'ЛОЛ'. Овие г**нарии се претворија во филм", напиша музичарот.

Според западните медиуми, во судските документи Дафне Џој е обвинета дека била вмешана како сексуална работничка, заедно со Јанг Мајами и Џејд Рејми, во наводниот синџир за секс-трговија на Диди. За нив, наводно, раперот „се фалел“ дека им плаќал „месечна стипендија“ за нивната сексуална работа./МИА

Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. 

Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на останата опрема за транспорт, Производство на мебел, Останата производствена индустрија и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.9 %, Капитални производи за 4.8 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 15.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %

притисни ентер