Ловците од Виничко пуштија 400 нови фазани во ловиштата, се најавува нов Закон за ловство

 Пред почетокот на ловната сезона на прелетен дивеч членовите на ловечкото здружение „Бел камен" од Виница пуштија 400 нови фазани во ловиштата во општината.

Птиците се набавени од сопствени средства на здружението и беа пуштени во ловните терени кај селото Драгобраште и во околината на Виница. Се работи за редовна акција чија цел е да се обнови и збогати ловниот фонд во регионот.

-Токму на Илинден почнува овогодишната сезона на прелетен дивеч, поради што пуштањето на подмладок и повозрасни фазани ќе им овозможи подобри шанси за улов на нашите членови. Исто така, се подоготвуваме и за почетокот на главната ловна сезона чиј старт традиционално е во октомври. Во моментот имаме околу 200 активни ловци, од кои поголем дел се вклучени во одржувањето на ловниот фонд на нашето подрачје, истакна Лазар Коцев, претседател на здружението „Бел камен".

Ловното здружение од Виница веќе деветта година е концесионер на две ловишта за крупен дивеч на период од дваесет години, како и на две ловишта за ситен дивеч на десет години.

На пуштањето на фазаните во Виничко присуствуваше и претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски кој рече дека се подготвуваат нови законски одредби за ловството.

– Веќе разговаравме со надлежните во ресорното министерство и заеднички заклучивме дека се потребни итни измени на одредени решенија во законите за оружје и за ловство што се актуелни во моментот. Наша крајна цел е да се подготви целосно нов Закон за ловство,  почнуваме од понеделник и за еден и пол месец очекувам да биде донесен законот. Еден од приоритетите е укинување на електронската аукција при доделување на концесиите, затоа што се предвидува повеќе од 70 отсто од ловиштата за ситен дивеч се опфатени со аукцијата, па сметаме дека ќе настане класично разграбување на ловните терени од страна на поединци кои имаат поголема финансиска моќ. Со измените во Законот ќе овозможиме нов модел, при што предност ќе имаат старите концесионери, истакна Алексовски.

Во државата во моментот има 74 концесионери на вкупно 276 ловишта, од кои четири се државни, а едно е факултетско и кај сите е забележан брз пораст на бројот на диви свињи, поради што од Министерството за земјоделство ќе се бара да се зголеми квотата за нивен отстрел./МИА.

Видео: Џери Халивел од „Спајс грлс“ ужива во Дубровник

Поранешната членка на мега популарниот женски музички бенд „Спајс грлс“ Џери Халивел деновиве ужива во монденскиот хрватски туристички центар Дубровник.

Популарната пејачка пристигнала во Дубровник во друштво на сопругот Кристијан Хорнер и пријателите, милијардерот Берни Еклстон и неговата нова сопруга Фабијана Флоси.

Токму  богатиот Берни е човекот кој на Џери и ги покажува сите знаменитости и убавини на древниот Дубровник.

Дека популарната пејачка вистински ужива на хрватското крајбрежје покажа и таа самата со видео на Инстаграм.

Џери на социјалните мрежи објави видео на кое вози скутер по убавиот Јадран.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Scream if you wanna go faster ! 😊

A post shared by geri 👑 (@therealgerihalliwell) on

Инаку, Џери Халивел во Дубровник се одмара и рехабилитира од напорната повратничка турнеја на „Спајс Грлс“.

Пациентот со западнонилска треска на Инфективната клиника и натаму во тешка состојба

Шеесет и шестгодишниот пациент заразен со западнонилска треска, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се уште е во тешка здравствена состојба со манифестација на централниот нервен систем.

Ова го изјави за МИА директорката на Клиниката, Милена Стевановиќ.

Хоспитализираниот веќе 10 дена е на лекување на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, а болеста претходно му била дијагностицирана во Градската општа болница „8 Септемви" во Скопје.

– Нема никаква промена во здравствената состојба на пациентот. Нема прогрес. Чекаме да видиме колку ќе успее да се рехабилитира пациентот. Нема новозаболени од западнонилска треска, рече д-р Стевановиќ.

Ова е прв случај на западнонилска треска летово во државава, и е потврден лабораториски во Центарот за јавно здравје во Скопје.

На Инфективната клиника сезонава досега не регистрирале други сомнителни случаи од заразата  што е векторски пренослива преку комарци. Најчесто поминува како настинка, а кај мал процент се манифестира со потешка клиничка слика.

Покрај прскањето против комарци од страна на надлежните институции и епидемиолошките и останатите служби преземаат редовни и рутински активности за превенција и заштита./МИА

Концерт со фестивалски фолк рефрени „Незаборав" во Битола

Традиционалната манифестација „Незаборав", музички концерт со фестивалски фолк рефрени ќе се одржи вечер во НУ Центар за култура-Битола.

Организаторот најави дека 9. издание на „Незаборав" е посветено на битолски пејачи кои настапиле на Фолк фест „Валандово" во периодот од 1985 до 2000 година.

-Секоа година нудиме новина, а оваа година за културната јавност во градот и љубителите на фолк рефрени, уште еднаш ќе се испејат песните на солисти и групи од Битола кои настапиле на Фолк фест „Валандово".

На вечерашниот концерт ќе настапат групите „Калабалак" и „Боеми", хармоникашот Кирил Стојчевски и солистите Зоран Маневски, Билјана Дамјановска Јанчевска, Сефедин Бајрамов, Бојан Стојков, Елена Тодосиеска и Тамара Стојковска, најави продуцентот Панде Димитровски.

Според архивата на продуцентот Димитровски како битолски автори на музика се потпишани Милко Лозановски, Кире Костов, Петар Ѓеоргиев – Калица, Тоде Новачевски,Михајло Бандевски, Миле Шерденковски, Валентин Соклевски, Миодраг Неќак – Микс, Љубомир Трифуновски, Ѓорги Белџигеровски и Зоран Кузмановски. Битолски автори на текстови на „Валандово фолк фест" биле Илија Алушевски, Ѓорги Белџигеровски, Ѓоко Ѓоргиев, Валентин Соклевски и Петар Ѓеоргиев – Калица, а автори кои создавале песни за битолчани кои пееле на фестивалот во Валандово се Милан Зафков, Григор Копров, Миле Барбаровски, Љупчо Трајковски – Фис, Драги Митев, Зоран Марковски и Илчо Јованов.

Минатата година манифестацијата беше посветена и исполнета со музичкиот репертоар на групата „Битолски конзули", а во овој период од девет години „Незаборав" бил посветен и на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски,  Добри Ставревски, Гоце Николовски и Миле Шерденков. 

притисни ентер