Од први август контролата на граничниот премин заедничка обврска на Македонија и на Србија

Заедничка контрола на сообраќајот на граниниот премин Табановце – Прешево. Договорот помеѓу македонската и владата на Србија го потпишаа министрите за внатрешни Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ денеска во Белград.

Според најавите на овој начин треба да се намалат бирократските процедури и да се забрза протокот на возила и на тој начин да се намали застојот на возила.

На средбата како што посочи Стефановиќ, било разговарано и околу заедничката борба против организираниот криминал потенцирајќи дека ќе продолжи соработката помеѓу двете министерства. Во врска со заедничката контрола на границите најави дека работни групи од двете земји ќе продолжат со разговори каде се проектот ќе може да се спроведе.

Овој премин ќе овозможи и поинаква регулација но и да имаме побрз проток на луѓе, патници и стока, се она што им овозможува на граѓаните на нашите две земји но и на сите кои транзитираат низ нашите две земји полесно, поефикасно и побрзо да пристигнат до своите дестинации но и ќе им овозможат на нашите економии побрзо да се развиваат.

Договорот ќе стапи на сила на 1 август, по нов режим, по спроведувањето на потребните процедури, потпишувањето на протоколите меѓу царините на двете држави и двете министерства за внатрешни работи.

Анѓушев: Платите растат како резултат на растот на економијата

Вицепремиерот  Кочо Анѓушев денеска истакна дека растот на економијата е резултат на растот на индустриското производство, градежништвото, земјоделството и трговијата и дека тоа сето тоа делува и на природен раст на платите.

-Државниот завод за статистика денес објави дека бруто просечата плата во јули 2019 година во однос на истиот месец лани пораснала за 5,5 отсто, додека просечната нето плата е зголемена за 4,3 отсто, а просечната нето плата веќе изнесува над 25 илјади денари. Растот на платите не е возможен без раст на индустријата, нагласи Анѓушев одговарајќи на новинарски прашање денеска на официјализирање на компанијата „Либерти Скопје".

-Се радувам што растот на бруто домашниот производ, кој во последните квартали е особено позитивен, е базиран на работата на реалниот сектор. Сите економски параметри се компатибилни, речиси со ист процент растат платите, индустриското производство, како и приходите во буџетот и тоа е една логична целина , истакна Анѓушев./МИА

Продолжуваат распитите за случајот „Рекет”, Агапи Дика и Зоран Азманов повикани во обвинителството

Со засилено темпо во Обвинителството за организиран криминал и корупција продолжува истрагата за случајот Рекет.

Претседателката на собранието на Меѓународниот сојуз на Боки 13, Агапи Дика два и пол часа сведочеше пред обвинителката Вилма Русковска. Се обиде да ги избегне новирските прашања излегувајќи од спореден излез на зградата на Апелација каде што се наоѓа канцеларијата на Русковска. Запрашана околу тоа на кои околности давала исказ рече дека истрагата ќе покаже, но и кратко рече дека не знае каде завршиле парите кои бизнисмените ги уплаќале на Меѓународниот Сојуз.

Работниот ден Русковска сепак го почна со продавачка во салон за мебел каде Бојан Јовановски купувал. А последен исказ даваше бизнисменот Зоран Азманов. Потврди дека Јовановски му се заканувал со објавување на документи од СЈО и Финансиската полиција. Рекет го нарече несреќен случај во кој Боки 13 искористувајќи ја моќта на медиумот се обидел да изнуди пари.

Засега Јовановски, Зоран Милески Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се осомничени во случајот Рекет. Јанева точно еден месец е во притвор, но во притворското одделение во Шуто Оризари ќе остане и во следните 30 дена откако судот денеска и го отфрли барањето да и се определат поблаги мерки а како гаранција понуди имот, барање за кое негативно мислење даде и обвинителката Вилма Русковска.

Царовска и Адеми на работен состанок со донаторската заедница за секторот – образование, вработување и социјална политика

Министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваа на работниот состанок со меѓународните донатори за секторот образование, вработување и социјална политика.

Изразувајќи благодарност до присутните од Донаторската заедница и до Делегацијата на ЕУ, Адеми напомена дека координативниот состанок има важноста и значењето во исполнувањето на стратешките цели и определби на националните политики кон интеграција на земјата во Европската Унија.

– Важно е да го продолжиме и зајакнеме партиципативниот процес и координацијата на активностите во рамките на Стручното образование и обука како и спроведување и следење на секторските политики со фокус на остварување на резултати, а со цел обезбедување на долгорочен ефект и усогласени реформи во секторот, рече Адеми.

Министерството за образование и наука, истакна министерот, изминатиот период работеше на носењето добри и корисни политики преку спроведување на сеопфатна анализа од страна на ОЕЦД, за која веќе имаме и извештај но и јасен показател во која насока ќе се движат реформите.

– При тоа се донесоа и повеќе значајни закони како: Законот за високо образование, Законот за основно образование и Законот за наставниците и стручните соработници во основно и средно, а во фаза сме и на креирање на работна група која ќе започне со разработка на пакет законите во делот на средното и средното стручно образование, потенцираше Адеми пред присутните.

Царовска истакна дека изминатиот период Министерството за труд и социјална политика работело на повеќе процеси и реформи. Дел од нив се завршени, дел продолжуваат да се спроведуваат.

-Со социјалната реформа работиме на намалување на детска сиромаштија. Процесот на деинституционализација успешно се спроведува. Досега бројот на деца во институции е намален за 75 проценти, а до крајот на годината очекуваме да нема деца во домовите, рече Царовска.

Потсети дека се отворила и програмата со Светска банка за развој на социјални услуги на локално ниво.

-Успешно се спроведува реформата за стабилизација на пензискиот фонд. Работиме на квалификување на младите лица за што се предвидени активни мерки во Оперативниот план. Ова се само дел од процесите и реформите на МТСП, рече Царовска. /МИА

притисни ентер